за

Suzuki има модел Bandit и Јапонците го обожуваат

Suzuki целосно ја менува претставата за бандит. Овој ван долг 3,79 метри, со звучно име Bandit, нуди многу необични работи за еден градски автомобил.

Бандит е збор, што како и да се земе, секогаш има негативен призвук. Освен ако не станува збор за модел на Suzuki. Нивниот Bandit има погон на сите тркала, хибриден погон, задна клупа што се мести 16 сантиметри нанапред или наназад, има многу нешта што споед европската претстава се незамисливи за малечок градски автомобил.

Додека европските производители се откажаа целосно од најмалите автомобили, а веќе проретчуваат и моделите во градската класа, од ковот на Polo и Punto, Јапонија и натаму си го почитува култот на автомобилите што имаат разумна големина за својата намена. Не е прашање само големината, туку е важна и содржината. Bandit е моделска изведба на Suzuki Solio со врвна опременост и со функционалност на којашто европските модели од градската класа можат само да позавидат.

Во времето кога General Motors бараше помош од Suzuki за на европскиот пазар да понуди различен модел во сивилото во градската класа автомобили, постоеше двоецот Suzuki Splash и неговата верзија со знак на Opel, под името Agila. На необичниот модел му претходеше уште понеобичен модел, тоа беше легендарниот Wagon R+, во раните 1990-ти години. Во меѓувреме, Opel целосно го напушти тој сегмент возила, додека Suzuki во Европа денес нуди уште пооригинален модел, во форма на кросоверот Ignis.

Suzuki Solio повеќе е наследник на Wagon R+, отколку на Splash. Станува збор за МПВ, сорта автомобили што е речиси исчезната од европскиот пазар и претстсавува возило за повеќе намени, односно и за патници, и за товар, и за град и за пат, за занает и бизнис, за добар и за лош пат.

Големата маска со дебел хром покажува дека овој автомобил нуди нешто повеќе. Bandit е верзија на Solio, со многу опрема и со финиш на скап автомобил. Мултинаменскиот ван е долг 3,79 метри, широк е 1,65 метар и висок 1,75 метар. Овие необични димензии произлегуваат од основната логика во островската држава. Бидејќи нема многу место за автомобилите да се развлекуваат на пет метри должина и два метри ширина, „слободен“ простор се наоѓа угоре. Затоа Suzuki Solio Bandit е висок колку СУВ.

Во поглед на погонот се нуди строго хибрид: Може да биде благ хибрид, каков што го познаваме во моделите на Suzuki во Европа, а може да биде и полн хибрид, каков што исто така го познаваме од Vitara/S-Cross Strong Hybrid. Моторот е познат од европската понуда, конкретно од Swift, тоа е K12C, четирицилиндарец од 1,3 литар со 91 КС и 118 Nm. Верзијата со полн хибриден погон ангажира дополнително електромотор од 10 kW и батерија од 6 Ah, заедно со роботизиран менувач, сличен како во Vitara Strong Hybrid.

Во изведбата со благ хибриден погон помага стартер-генератор од 2,3 kW и батерија од 3 Ah, во комбинација со безтстепен менувач (CVT). Оваа изведба може да се добие и со погон на сите тркала ништо ново за Suzuki. Покрај тежината од одвај над 1.000 килограми, може да се претпостави примерна динамика, иако јапонските производители не креваат толку врева околу времето на спринт и крајната брзина, како Европејците. Затоа има конкретен податок за потрошувачката: 23 километри со литар гориво при возење по автопат и 20,1 километри во град – тоа значи 4,35 литри на пат и 5 литри во град.

Посебноста е во „пакувањето“, односно во неочекуваната функционалност на Bandit. Задните две лизгачки врати се отвораат и затвораат преку далечинска команда. Предноста на лизгачките врати е во тоа што дозволуваат да се влезе во возилото дури и кога нема многу простор до возилото што е паркирано покрај. Двобојната каросерија исто така оддава отмена нишка.

Арматурната табла е сосем нестандардна за европската претстава, но тоа само значи дека таа е екстра функционална и практична. Инструментите се во средина, исто како и дисплејот од 9 инчи. Автоматската клима е стандард, пристапот и стартувањето без клуч се подразбираат.

Задната клупа лизга 16,5 сантиметри по должина, за да се добие или повеќе место за нозе за патниците, или повеќе место за багаж. Кога клупата ќе се повлече нанапред до крај, во багажникот се добива под со должина од 71,5 сантиметри. На тоа следи и можност клупата да се залегне за 56 степени. Рутината на јапонските конструктори да извлечат максимум приспособливост се крунисува кога целосно ќе се спуштат предните седишта и задната клупа, за да се добие простор што комотно може да се користи за преноќување.

Фиока за обувки под седиштата, страничен џеб во возачкото седиште, орворена преграда под воланот и покриена преграда зад воланот се само неколку од пријатните изненадувања што ги има подготвено овој необичен автомобил.

Видео од нашиот тест на потрошувачка на хибридна Suzuki Vitara, еднаш бавно, еднаш брзо

Suzuki ги почитува системите за асистенција уште откако браншата почна да ги вградува, па затоа во Solio Bandit не недостигаат радарски темпомат, камера за знаци, систем за следење лента, самостојно запирање при опасност на патот или при велосипед и пешак далеку пред возилото. Автоматско долго светло, и тоа го има.

И нормално, за сето тоа да има смисла, следи цената: 2.246.200 јени за најопремената и најскапа изведба, што одговара на околу 15.750 евра. Бандит? Чиста спротивност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Цените на горивата ќе продолжат да паѓаат во 2023 година

Toyota и Volkswagen имаат најмногу Топ 10 модели по земји