Миланското претпријатие ATM нарача уште 100 електрични автобуси од полскиот специјалист Solaris. Тоа е втора нарачка, откако Милано лани потпиша договор со производителот од Полска. Во градот на модата веќе сообраќаат првите 40 примероци од Solaris Urbino.
Нови сто примероци од елеткричниот автобус Solaris Urbino, во неговата 12-метарска изведба, ќе сообраќаат по улиците на Милано. Заедно со автобусите што веќе се пуштени во редовни линии, италијанскиот град ќе брои возен парк од 140 електрични автобуси на компанијата ATM Milano.
Стоте нови автобуси ќе се испорачаат во италијанската модна престолнина во првата половина од 2021 година. Со завршувањето на испораката, во Милано ќе сообраќаат вкупно 275 автобуси со погон на струја од полскиот производител Solaris, вклучувајќи ги автобусите на останатите компании за јавен превоз во градот. Првите 25 електрични автобуси во Милано беа испорачани во текот на 2018 и 2019 година.
Од седиштето на Solaris во Италија порачуваат дека „тоа е голема инвестиција, не само во модерен, безбеден и комфорен градски превоз, туку пред се’ во чист воздух и во подобрен квалитет на живеење“.
Превозникот ATM нарача две посебни решенија. Едното е системот за предупредување Mobileye Shield+, кој реагира доколку возачот смени лента без да сигнализира, а притоа има возило во мртов агол, исто како и во случај кога е недоволно растојанието од возилата напред. Втората иновација MirrorEye ќе се користи заради тестирање, во еден автобус. Станува збор за замена на ретровизорите со камери, заради подобра видливост.
ATM во следните години ќе го зголеми возниот парк од електрични автобуси Solaris на 250 возила. Планот е до 2030 година, компанијата целосно да укине користење дизел во возниот парк.
Меѓу стоте нови нарачки за Милано ќе има и еден славенички примерок, имено Solaris ќе го одбележи илјадитиот произведен примерок од Urbino 12 electric. Првиот примерок беше претставен во 2011 година. Оттогаш, полскиот производител има испорачано возила за 100 компании од 18 држави. Во 2017 година, Solaris Urbino electric беше избран за најдобар градски автобус во Европа.
>>> Полскиот Solaris доби нарачки за 500 електрични автобуси

















