за

Од сон до реалност: Возило за кампување од домашна изработка

Возилата за кампување по македонските улици обично носат странски регистерски ознаки. Family Van носи домашни таблици, но тоа по што вистински се разликува е неговото потекло од домашната работилница. Пред да стане Family Van, овој Ford Transit беше доставно возило.

Family Van - Од сон до реалност: Возило за кампување од домашна изработка

Кампувањето во природа е меѓу ретките убави практики што добија уште повеќе на вредност во овие вирусни времиња. Во меѓувреме, еден млад скопјанец направи идејата од детството да стане стварност.

Светот пролетоска запре одеднаш, откако почнаа полициските часови во екот на борбата против корона-пандемијата. Во исто време, некои работи се забрзаа, се раздвижија, им се покажаа вистинските вредности. Повторното откривање на природата што нé опкружува, повторното осознавање на поимот слобода, дружењето со блиските, светот тоа го сонуваше во моментите додека беше „затворен“. Тоа поттикна многумина да остварат некои свои соништа, во помал или поголем обем, на еден или друг начин.

Во тие времиња, во Скопје почнуваше да заживува еден голем проект. Личен проект. Идејата им е блиска на многумина. Кој уште не сонувал за возило за кампување што ќе го изработи сам, со секој вграден дел да му мине низ раце, за кампер изработен најверно на сопствените потреби и барања? Скопјанецот Мартин Петровски, на своја 26-годишна возраст, се најде во предност пред сите мечтатели со ист сон, затоа што својата идеја ја преточи во стварност.

Камперот што си заслужил и име Family Van, се појавува со вообичаената става за неговата сорта, како да е подготвен за светот да го освои неколкупати. Скопскиот семеен ван не се разликува од оние скапоцени домови на тркала, од марки од видот на Hymer или до нас поблиската Adria. По страничниот лизгачки прозорец со завеса и по скалите што водат до екстра товарниот простор озгора, ова крупно возило непогрешливо се идентификува како кампер.

Деталите ја прават разликата. Напред се додадени две жолти светла во стил на рели-тркачите, плус лента со осум диодни светла меѓу нив, што просторот за кампување го осветлуваат како ден, па и на тоа следат уште два рефлектори на рамката на багажникот горе. Уште еден важен детал го привлекува вниманието. Над опашот е поставен соларен панел. Веќе е несомнено дека со ова возило стопанисува голем љубител на кампувањето во секој аспект.

Возилата за кампување поттикнуваат љубопитност, многумина веднаш помислуваат како би им изгледал еден викенд со Family Van во апсолутна слобода

Како основа за Family Van послужил Ford Transit стар десетина години, во изведба со средно меѓуоскино растојание и со висок покрив. Импозантен со своите 5,5 метри должина и мистериозен со внатрешниот живот под „домашниот“ покрив, камперот запира на договореното место и од него излегуваат Мартин и брат му Бојан.

Македонскиот суперхерој на камп-сцената е горд на своето возило, веројатно исто како вајар кога ќе покаже при откривањето на делото. Првото прашање што го имаме за Мартин не може да биде друго. Што го навело младиот скопјанец да се впушти во овој голем проект? Тој открива дека Family Van е идеја од детството, а вооошто не нé изненадува дека е љубител на природата, на патувањето, а посебно на кампувањето. Со полно право да постави дефиниција на поимот кампување, Мартин објаснува: „Камперот е начин на живот и желба, навистина е ‘превоз’ за авантуристи.“

Предизвикот бил да се направи кампер од домашна изработка, буквално од домашната гаража. Но, на проектот му претходела обемна подготовка: „После многу проучени механизми, искуства од пријатели од странство од земји со високо развиена “кампер“ култура, како и консултација со домашни компании за производство на потребните материјали за изработка на камперот, дојдовме до еден финален проект за првиот македонски Family Van.“

Независен од надворешни ресурси, македонскиот кампер може да мине денови, недели, којзнае колку време, по убавите и спектакуларни места со кои изобилува Македонија

Кампер-специјалистот зборува со тон на вешт претприемач: „Ќе понудиме на туристичкиот пазар уникатна фамилијарна идеја, повеќенаменско возило, дом во движење со сите потребни услови за живот“. Тоа му дава уште поголема вредност на овој проект, затоа што Family Van нема да чека цела вечност додека се укаже првиот викенд слободно време, туку ќе може цело време да биде во движење и да носи двојна корист – прво за клиентите што сакаат да уживаат во кампувањето, второ за бизнисот.

Тоа што пријатно нé изненадува е вниманието кон животната средина и одржливоста. Family Van во тој поглед не се разликува од производите на големите концерни. Прашуваме за големите панели на покривот: „Заштитата на животната средина беше приоритет, поставените сончеви панели имаат производство на сосема доволна јачина на струја за сите уреди.“ Енергијата од панелите оди во акумулатор од 200 амперчасови. Во случај кога не постојат поволни временски услови, изведена е посебна инсталација што го користи моторот како генератор и ја полни батеријата. Уште една врвна мајсторија е тоа што енергијата од сонцето се претвора во електрична енергија и истата се акумулира и додека возилото се движи. Тоа е веќе генијално.

Мартин со големо уживање зборува: „Посебна убавина на камперот дава кујната, којашто е одлично опремена за подготовка на вкусни оброци“. Веднаш покрај двојниот лежај со дебел душек се наоѓа туш кабина, а стандардно се користи и хемиски тоалет. При изработката посебно се внимавало на звучната и топлотна изолација, на безбедноста на електричната мрежа и на уредите за контролирање на напонот на струјата. Има и внимателно изведен систем за вентилација. Вистинскиот шмек го даваат ротирачките седишта напред.

Моќниот мотор исто придонесува за релаксираното чувство додека се крстосува

Целата техника и сиот мебел што е вграден во возилото тежат околу 750 килограми, што е лесна вежба за Ford Transit во оваа изведба. Возилото е во беспрекорна состојба, со 2,2-литарскиот TDCi со 115 КС што преде напред, Family Van повлекува без мака. Големите нагорини што го чекаат камперот при патувачките авантури низ Македонија, дефинитивно нема да го остават моторот на Ford без здив. При проектирањето се внимавало и тежината на вградените компоненти да биде распоредена рамномерно на левата и десната страна, како и во однос на оските, со цел да се задржат добрите возни својства на Transit.

Голема е љубопитноста да видиме каков е Family Van внатре. Мартин нé потсетува дека пред опремувањето на подвижниот дом имало многу подготовки. Пред Ford Transit 2.2 TDCi да стане Family Van, тој бил доставно возило. Под бродскиот под со којшто целосно е обложена внатрешноста, поставена е темелна изолација. Во работниот тефтер стои дека за тоа се потрошени 40 метри квадратни бродски патос. „Обожувам дрво, секоја поставена греда е кроена посебно, една по една“, објаснува Мартин додека седи на прагот на мобилниот дом и си зема куса починка. Братот Бојан во меѓувреме фотографира. Тој учествуваше во проектот, исто како и сопругата Ивана, родителите, Family Van е убава семејна „фирма“.

Дрвото не е единствената пасија. Под бродскиот под има уште 45 метри кабел, има изведено напојување со гас за бојлерот и за шпоретот, назад е поставен приклучок за полнење резервоар со питка вода, а електричарите ќе честитаат и за таблата со осигурувачи што педантно е поставена внатре. Двата странични прозорци се изведени отпосле. Тиа се меѓу ретките компоненти што се изработени по посебна нарачка и дојдени се „отстрана“. Но, вградувањето на прозорците пак е дело на семејниот тим Петровски.

Семејниот ван со природните материјали и видливиот човечки труд оддава посебен дух, каков што не постои во „пластичните“ кампери од големосериското производство

Целиот овој вреден занаетчиски труд оддава душа, каква што нема во пластифицираните кампери од големосериско производство. Дрвото мириса на дрво, многу од вградените елементи се познати од секојдневието и одушевува кога ќе се види како тие совршено си добиле своја функција во Family Van. Ниту на момент не се губи свесноста дека ова е уникат, изработен по сопствена желба и според точна замисла. Од непроценлива вредност, секако.

Најдоброто во целото волшебство на ова возило за кампување е тоа што истото ќе може да се изнајми на одреден период. Компаниите што изнајмуваат возила за кампување го доживеаја своето бизнис-елдорадо во овие времиња на корона, кога хотелите не се најдоверливата адреса, кога патувањата во странство се одложени на неодредено време. Family Van ќе биде достапен за изнајмување од следната пролет.

До профилот на Family Van на Instagram · https://www.instagram.com/familyvanmacedonia/

Идејата на Мартин е да се изработат неколку кампери, секој според различен концепт, „наменски кампери кои ќе бидат нови членови во семејството на Family Van“. Моментно се работи на втор кампер, кој уште е во стадиум на строга тајност. Некако успеавме да дознаеме дека станува збор за комбе што ќе располага со врвна теренска проодност, со моќен мотор – и секако, ќе нуди можности за кампување, или поточно за авантури. Младиот господин Петровски е подготвен и за „домашни“ кампери, изработени според потребите на клиентите, вклучувајќи и предлози од специјалистите на Family Van. Целиот проект Family Van наскоро ќе биде презентиран на Facebook и Instagram.

Напролет почнуваат авантурите, овој кампер ќе „произведува“ убави чувства и ќе создава пријатни сеќавања, како возило што секој ќе може да го изнајми

Kамперите на Family Van ќе бидат достапни за сите заинтересирани од март 2021 година, а условите за изнајмување на камперот ќе бидат дополнително објавени на профилите на Family Van на друштвените мрежи. Колку што проектот на семејниот кампер е традиционален во поглед на исконската потреба на човекот да биде дел од природата, толку е авангарден во технологијата што ќе овозможи едноставно букирање преку дигитална платформа.

Family Van е повеќе од остварување на еден сон и негово преточување во бизнис. Вакви проекти имаат далекусежно влијание, ова е една мала револуција. Домашна, секако.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Милано нарача уште 100 електрични автобуси Solaris Urbino 12 electric

Милано нарача уште 100 електрични автобуси

Кој уште не верува дека Volvo се најбезбедни автомобили?

Кој уште не верува дека Volvo се најбезбедни автомобили?