Кога ги развиваат своите автомобили, Италијанците се исто толку прагматични, колку Германците, Французите, Јапонците и другите силни национални автоиндустрии. Некои од најславните модели од последните децении, Алфа 155 на пример, носи фабрички код 167, Алфа 75 е 162-ка, па дури и легендарната 8Ц за менаџерите е само број 920. Меѓутоа, кога автомобилите ќе се појават на сцена, овие бројки стануваат големи имиња. Милано одамна се збогуваше со бројките, но не и со историјата. Изненадува колку историски моменти се присутни во денешниот Јуниор. На Алфа ѝ успеа да направи Алфа од својот втор Јуниор.
Во Алфа Ромео сé е историја. Пример, името на најмалечкиот модел, што доаѓа на местото на МиТо, произведуван меѓу 2008 и 2018 година, но сега како СУВ. Првичната замисла беше моделот да го носи името Милано, по градот каде што марката е основана во 1910 година. Но, веднаш откако Алфа Ромео објави дека новиот модел ќе се вика Милано, реагираше Министеро деле Импресе е дел Мејд ин Итали – вистинското име на министерството – околу името.
Според законите за Мејд ин Итали, не се дозволува некој производ со името или со изгледот да укажува дека е произведен во Италија, а всушност потекнува од друга земја. Таков е примерот со несудениот Милано, затоа што тој се произведува во Тихи, Полска, на иста лента со Џип Авенџер и Фиат 600. Тогашниот шеф на Алфа Ромео, Жан Филипе Импарато, сега оперативен директор на цел концерн Стелантис во Европа, без многу премислување, јави уште веднаш дека името се менува од Милано во Јуниор.
Можеби така е уште подобро. Историјата помни еден многу важен модел за Алфа Ромео, со тоа име. Во средината на 1960-те години, италијанската марка е главна на сцената, долго пред германското премиум трио. Џулија е автомобилот од соништата што се остваруваат, а нејзината купе-изведба Џулија Спринт ГТ е тогашната „М-тројка“ за светот, меѓутоа со далеку поубав дизајн. Спринтот е дело на Бертоне, тоа е еден од најценетите и најобожувани јангтајмери на Алфа Ромео.
За да ја искористи славата на Спринт ГТ, менаџментот во Милано во раните 1960-те години решава на купето да му додаде поедноставна и послаба изведба, со 1,3-литарски мотор, место 2,0-литарецот. За моделот со тој мотор да се разликува, тој се води како ГТ 1300 Јуниор. Италијанците не можеа ниту оддалеку да го насетат успехот на „Спринт ГТ“ со моторот со „само“ 89 КС, место со 130 КС. Првиот јуниор на Алфа Ромео се продаде во 91.864 примероци, плус уште 13.120 примероци од верзијата со 1,6-литарски мотор што се придружи подоцна.
Првиот Јуниор направи Алфа Ромео првпат да стане големоволуменска марка, се продаде во преку 100.000 примероци
Италијанската марка со првиот Јуниор стана големоволуменски производител. Сé дотогаш, Алфа Ромео произведуваше автомобили што требаше да се заработат. Ете го Јуниор пак. По првите два месеци од 2025, новата Алфа е 4-ти најпродаван премиум модел во Б-сегментот, по Мини Купер, Ауди А1 и Волво Е Икс 30, со 5.929 примероци. Колкава продажба е тоа за Алфа Ромео, покажува фактот што Џулија во истиот период има 535 продажби, Стелвио 1.167 и Тонале 2.223 продажби.
Ако Тонале пред две години ја удвои продажбата што дотогаш ја сочинуваа само Џулија и Стелвио, сега Јуниор ја удвојува и таа продажба. Доколку продажбата продолжи со сегашната динамика, Алфа Ромео ќе ја заврши годинава со околу 60.000 возила. Хонда денес одвај продава повеќе возила од Алфа во Европа. Историјата на Јуниор се повторува.
Воопшто не беше прашање беше дали Јуниор ќе личи за Алфа Ромео
Дизајнот е одамна совладано поглавје во Милано. Никој не се сомневаше дека и Јуниор ќе изгледа достојно за една Алфа Ромео, уште кога сцената нагаѓаше дека името ќе ѝ биде Бренеро – планински превој за име на модел на Алфа, по примерот на Тонале и Стелвио – па и кога Милано во 2021 официјално потврди дека новиот модел чека премиера.
Јуниор изгледа како Алфа Ромео, иако внесува сосем ново поглавје во изгледот, што ќе го следат идните Џулија и Стелвио. Голема промена, но со сите елементи што ги носи традицијата, е во заштитниот знак на марката, во скудетото, во триаголната маска. Возилото на тест е во изведбата Спечиале и тоа значи дека носи маска со изглед В-Прогресо. Тоа ќе им биде чудно на традиционалистите, меѓутоа промената пак прилега, затоа што со оваа изведба на скудетото доаѓа уште повеќе до израз вториот заштитен белег на Алфа, а тоа е отворот по целата ширина на предниот браник. Тоа е обележје на секој модел на марката досега, меѓутоа малкумина стигнуваа да го забележат, покрај класичното скудето.
Рачките во задните врати се веќе рутина во Алфа Ромео, меѓутоа дури зад нив штотуку почнува дизајнот на Јуниор. Змијата на Висконти, Бишоне, уредно е прикажана во задните столбови, а потоа следи опаш, за којшто непознавачите на марката ќе се истрчаат да коментираат дека на ништо не им личел, а тоа е опаш по пример на уште една легенда од времето на првиот Јуниор, на Џулија ТЗ, Туболаре Загато. Тоа е беспрекорно конструирана тркачка машина, со цевна рамка.
Опашот е вистинскиот врв на дизајнот на Јуниор
Кај Италијанците не е само до дизајнот, туку и до начинот како е постигнат дизајнот. Задните светла, на пример, се протегаат по цела ширина и самите претставуваат спојлер, меѓутоа во нив се крие една финта – горната површина е лакирана однатре во црна боја и прави да личи како светлата и божемниот спојлер зад нив да се два посебни дела.
Кокпитот е црн, што не можело да биде поцрн. Одвај дека постои некаков детал што е во друга боја, освен црна. Но, кога ќе се забележи дека арматурната табла горе завршува со прав раб, и ќе се погледне кон тркалезните странични отвори за воздух и класичната решетка во средина, станува јасно дека дизајнерите сепак имале поинаква намера, отколку „само“ да го остават кокпитот црн.
Намерата на дизајнерите е да се пренесе чувството на седење во класична Алфа, како во 1960-те и 1970-те години. Тоа е веројатно најпријатното изненадување. Менаџерите биле свесни каде Алфистите ќе негодуваат најмногу. Доколку ентериерот беше изведен со мала отстапка во однос на Авенџер или Сеиченто, Јуниор не ќе беше толку интересен. Вака, со класичен стил во кокпитот, сé e в ред.
Стилот на прекинувачот ДНА што беше заштитен знак на МиТо, денес се користи за ракување со автоматските менувачи во целиот концерн Стелантис
Кога ќе се забележи бирачот за степени на пренос, што е „дифолт“ во цел концерн, првата помисла е прекинувачот ДНА на Алфа Ромео МиТо. Концернот всушност го презеде од МиТо овој прекинувач што беше обележје на МиТо, за префрлување од динамична во нормална во „безбедна“ програма. Тоа што насекаде се забележуваат прекинувачи во стил на Стелантис, воопшто не пречи. Ова е Алфа.
Колку што биле внимателни во дизајнирањето, менаџерите за Јуниор биле внимателни и за чувството во возење. Првата разлика: Алфа Ромео Јуниор има драстично покус преносен однос во управувањето во споредба со останатите модели на истата платформа. Директното и осетно попрецизно управување секако дека го менува чувството.
Какви сé зафати се направени во подвозјето, за Јуниор да вози повеќе „премиум“ од Авенџер и Сеиченто, производителот не открива, меѓутоа е факт дека тоа се чувствува. Возењето е пријатно, дозволува висока возна динамика и вмешување на возачот во случувањата – во смисол на, не управува авотмобилот, туку возачот – единствено по веќе уништениот пат од Демир Капија кон Удово, каде што беше снимано видеото од тестот, се чувствува малку „сува“ реакција од амортизацијата, но и тоа е лесно да се прости.
Благиот хибриден погон функционира – динамиката пристојна, потрошувачката домаќинска
Алфа Ромео Јуниор сепак е модел во градската класа, и не може да се очекува акустичен комфор како во поголемата Тонале, или во отмените Џулија и Стелвио.
Потрошувачката радува, имајќи предвид дека се работи за благ хибриден погон, со 1,2-литарскиот бензинец со 136 КС и електромотор со 28 КС во 6-степениот менувач со двојна споијка. Без многу внимавање, потрошувачката во секојдневието ќе се движи во целиот дијапазон на шестката пред запирката, од 6,1 до 6,9 литри. Во град, секако дека е најмалку проблем да се постигнат шест литри, покрај благиот хибриден погон, којшто се покажува „најголем“ токму во град.
Околу цената, Алфа Ромео Јуниор е премиум модел и нормално е дека тој „премиум-додаток“ ќе биде пресметан во цената, впрочем исто како кај Мерцедес-Бенц, БМВ или Ауди, па и Лексус, чијшто модел со чудно избрано име ЛБИкс му е прв конкурент на Јуниор, исто така со вклучен премиум додаток наспроти Тојота Јарис Крос со којашто ја дели истата техника.
Иако Јуниор е најдостапниот модел на Алфа Ромео, златните времиња на италијанската марка на македонскиот пазар во 1990-те години, со масовно купуваната Алфа 33, сепак е тешко дека ќе се повторат
Опременоста е на ниво, со автоматски клима уред, рачки за промена на степен на пренос зад воланот, избор од три програми за возење, сензор за дожд, паркинг сензори назад, електрична паркирна сопирачка, алу-тркала од 17 инчи и приспособлив темпомат уште во почетното ниво на Јуниор, со промотивна цена од 29.500 евра, што вклучува 1.400 евра попуст од редовната цена.
Техничките податоци, опременоста и цените на Алфа Ромео Јуниор Ибрида во нашиот авто-каталог https://avtosalon.mk/listings/alfa-romeo-junior-ibrida/
Тест-возилото е во ексклузивната изведба Спечиале, и освен стилски зафати во изгледот и тркала од 18 инчи со специјален дизајн, доаѓа дополнително опремена со камера за сообраќајни знаци, задна камера, систем за следење лента и самостојно запирање и поаѓање при застој, пристап без клуч, електрика за вратата на багажникот, подобар аудио систем, навигација, дводелен под на багажник, дополнително затемнети задни стакла, па уште и со возачко седиште во комбинација платно-винил, со електрика, греење и масажа, и со амбиентално осветлување какво што личи во италијански автомобил.
Сето тоа чини 2.000 евра над појдовното ниво. Тоа очигледно укажува дека Милано сака нивната Јуниор да се продава повеќе како Спечиале, отколку како „основен“ модел. Сепак, сé e во имиџот и во приказната. Алфа Ромео има сé.
Јуниор се докажува како Алфа Ромео со кокпитот и со чувството во возење
Воопшто не беше прашање дали Јуниор ќе изгледа како за Алфа Ромео. Најголемата „опасност“ беше освестувањето зад воланот, кога човек ќе се отрезни од наворешноста. Во Стелантис добро се менаџираат марките и во оваа Алфа го нема некогаш сеприсутното его кај италијанските автомобили, во смисол на „ние сме најдобри, ние знаеме најубаво“, што сцената со текот на времето почна да го доживува како „ќе правиме како што сакаме“. Вистинската „Алфа“ во оваа Алфа е во чуството во кокпитот, во стил на традиционалните модели, а тоа што решава на крајот, тоа е чувството во возење. Директното и прецизно управување, заедно со зафатите што се направени во подвозјето, прават Јуниор да ѝ биде достоен на својата марка. Јуниор повеќе прави услуга за концернот и за останатите премиум марки во истиот – главно Ланчиа и ДС – уверувајќи дека автомобилите од различните марки во Стелантис можат навистина да се разликуваат и покрај тоа што делат иста платформа. Кај Фолксваген одамна никој не коментира дека Шкода, Сеат, Купра, во дел Ауди, ја делат истата техника со матичниот Фолксваген.















