Познавањето на автомобилите е општа култура. Човек едноставно знае однапред што да очекува кај новите модели и може да претпостави одредени нешта. Но, некогаш ќе се погоди човек премногу да верува во својата „култура“. При преземањето на Волво Е Икс 30 на тест, еден мал дел од тимот на увозникот присуствуваше на чинот. По кус разговор околу тоа што електричниот модел го раздвижи на сцената во овие неколку месеци од премиерата, директорот упати еден од неговите менаџери да „покаже како се ракува“ со возилото. Тоа е протокол и рутина што треба луѓево да ги заштити од „па, не ми кажавте како“.
Вообичаено, ќе Ви покажат како се вклучуваат основните функции и можеби ќе се посочи на некоја посебност во ракувањето. Тоа ќе потрае неколку минути. Нема навреда, таков е протоколот. Но, се покажа дека упатувањето во начинот на којшто функционира овој автомобил е неизбежно. „Гледаш дека нема касета пред совозачот… таа се наоѓа тука… влегуваш во менито и притискаш на ова копче“. Потоа, шведски елегантно се отвора касетата, што никој не би ја очекувал да се наоѓа во средишната конзола, веднаш под огромниот дисплеј. „За да знаеш каде ти е сообраќајната дозвола, ако те запре полиција“, објаснува Игор. Ќе имаше драма.
Облогите на вратите не се посебни само по тоа што во нив се наоѓа скапо изработена рачка од метал, со форма каква досега не е сретната, туку е посебна по тоа што во нив не постои ниту едно копче, прекинувач. А, тоа значи, прекинувачите за местење на ретровизорите се некаде на друго место. „Местењето на ретровизорите ти е тука… “, навигира Игор низ менито по дисплејот, и се чини дека тоа ќе биде премногу сложено кога ќе треба да се повтори на само. „Избираш лев, па десен ретровизор… па потоа местиш со копчињата на воланот.“ Каква ли срамота ќе беше да не умее човек да си ги намести ретровизорите.
Толку е различно ова Волво. Електричниов Е Икс 30 изгледа како на Земјава да ѝ се случила некаква катастрофа и автомобили не се произведувале со децении. Нека биде, ете, половина век. Потоа, некој седнал да направи Волво од ново – што по сеќавање, што по раскажувањето од „старите“. Спротивно од претпоставките, тоа дизајнирање и проектирање како по сеќавање се покажа дека е вистински пристап за да се направи кокпит, каков што доликува во времето на раѓање на вештачката интелигенција, и во време на неповратниот пробив на електричните автомобили.
Пристапот е сменет во бројни подрачја, од една страна за да се постигне поприфатлива цена, од друга страна да се воведе подобра функционалност
Тоа што во вратите нема прекинувачи, секако дека има објаснување. Нема потреба да се влечат кабли во вратите, што многу го поедноставува производството. Токму на таквите зафати, овие преку 35.000 купувачи на Волво Е Икс 30 од почетокот на годинава, треба да бидат благодарни, за тоа што Швеѓаните им понудиле цена на основниот модел од околу 35.000 евра.
Помислата дека ракувањето со дисплејот и со функциите ќе стане комплицирано веднаш по заминувањето од салонот на Волво, се покажа дека е погрешна. Сé е толку природно, интуитивно. Научи светов во време на паметни телефони да ракува со функции што не се на копче, туку се на поле што „изигрува“ копче.
Тимот на Волво го почести предавањето на Е Икс 30 на тест во Аутомедиа со свое присуство, веројатно за да видат колку рамнодушно ќе седне авторов во автомобилот. Рамнодушно? По некоја претпоставка, ова Волво сигурно има околу двесте и уште нешто коњски сили. Лоша претпоставка. „Не, ова е изведба Твин Мотор Перформанс, најсилната изведба, со погон на сите тркала… има вкупно 428 КС“, упатува менаџерот. „Внимавај, многу влече“.
Потрошувачката од околу 18 киловатчасови на сто километри е изненадувачки ниска, помалку има потрошено единствено Пежо Е-208 на тест во Аутомедиа
Авторот сепак се решава да појде во послабиот режим, за батеријата да потрае подолго. Зарем се малку 200 киловати, 272 КС? На задна оска. Автомобилите на струја досега минувале и по 400 километри со полна батерија, но можеби овој моќен Волво троши повеќе. Додека се стекне претстава, нека биде само со погон со задниот електромотор, предниот нека си мирува.
Дисплејот со ситни букви покажува досег 393 километри и наполнетост од 97 проценти. Зарем не требаше да бидат 450 до 455 километри? „Како што ќе возиш, ќе видиш дека досегот ќе се скусува помалку, и ако ти пишува 300 километри, со твоето возење може реално ќе извозиш 400 километри со батеријата…“, останува упатувањето од претходно. Така и се случува. Минуваат првите дваесетина километри во возење, а досегот се смали за одвај десет. Патниот компјутер зема предвид дека ова ќе биде подолго возење, не „шоу“ за да се почувствува колку силно може да повлече овој Волво Е Икс 30 Твин Мотор Перформанс, со ниво на опрема Ултра, значи со највисокото ниво, и со внатрешност Бриз, ветре.
„Механиката“, поточно електриката на Е Икс 30 се состои од електромотор назад со моќност од 200 киловати (272 КС) и електромотор напред со 115 киловати. Тоа заедно дава 315 киловати, односно 482 КС. Вртежниот мотор на задниот електромотор достига 343 њутнметри, напред се 200 њутнметри, односно сé заедно 543 „њутни“. A, што всушност значи тој податок? Во случај да беше еден електромотор што создава вртежен момент од 543 њутнметри, тоа значи дека доколку на неговата оска се завари „безтежински“ лост, долг точно еден метар и точно на крајот дејствува сила од 55,37 килограми, електромоторот пак ќе може да придвижи. Тоа е многу моќно. И тоа е импресивно: Моторот ја држи таа вредност постојана, од 112 вртежи (!) до 5.475 вртежи.
Поевтина, но пак доволно способна батерија за најдостапниот модел, поскапа и поголема батерија за врвните моделски изведби на Волво Е Икс 30
Батеријата е НМЦ, значи литиум-никел-манган-кобалт, со корисен капацитет од 64 кВч, односно бруто 69 кВч. Доколку се користи полнач од 22 кВ, полнењето од 10 до 80 проценти трае 4 часови, при температура од 20 до 35 степени Целзиусови. На брз полнач со еднонасочна струја, при моќност од 50 кВ, постапката трае само 56 минути, односно при моќност од 175 кВ, сé е готово по 28 минути.
Дел од разликата меѓу основната моделската изведба, со еден електромотор, со ниво на опрема Кор, што според конфигураторот на Волво чини 34.509 евра, и врвната изведба како на тестот, што е со највисокото ниво на опрема Ултра и со два електромотори, и според конфигураторот чини 46.329 евра – лежи и во големината на батеријата, и во хемијата на батеријата.
Додека во Твин Мотор Перформанс се користи батерија НМЦ од 69 кВч, во основниот модел работи батерија што има капацитет од 51 кВч и користи хемија ЛФП, односно литиум железо фосфат, што е поевтина за производство, но нејзините перформанси се само за нинајса послаби во споредба со „НМЦ“.
За цената што ги изненади конкурентите помага и фактот што нема долги списоци со дополнителна опрема, што инаку би влијаело врз трошоците за производство на секој примерок од Волво Е Икс 30
За точна претстава: Основниот модел со ЛФП-батерија од 51 кВч и опрема Кор чини 34.509 евра. Купувачот може да избере и верзија со ова ниво, со НМЦ батерија, што ќе додаде 4.574 евра во цената, односно ќе се дојде до 39.083 евра. Во средното ниво на опременост Плус, со батеријата ЛФП треба да се смета на најмалку 37.079 евра. За поголема батерија, се доплаќа 5.052 евра, односно тогаш Е Икс 30 чини 42.131 евро. Уште еден степен понатаму во ова ниво е верзија со поголемата батерија, но и со втор електромотор напред, што дава цена од 43.585 евра. Тоа значи дека вградувањето на вториот електромотор чини околу 1.500 евра.
За нивото Ултра, како во тестираниот модел, достапна е само верзијата со поголемата батерија. Во тој случај, Е Икс 30 чини 44.876 евра. За верзијата Твин Мотор Перформанс, што значи со втор електромотор, доплатата тука е 1.454 евра.
Понатаму изборот води кон една од петте бои: Светлосина, жолта, црна, сива и бела. За секоја боја накаросерија, понатаму е различна комбинацијата од бои и материјали во кабината. За кристално белата боја на тест возилото (991 евро), може да се избира меѓу Индиго внатрешност (стандардна), Мист (1.251 евро) или Бриз (исто така 1.251 евро), како во тест-возилото.
Сите цени во оваа објава се информативни и се преземени од конфигураторот
Сето тоа дава цена од 48.651 евро. За тркала од 20 инчи, место 19 инчи, следат уште 395 евра. Единствено што уште може да се доплати се дополнително затементи задни стакла (502 евра) и грејачи во седишта и на волан (354 евра). Сите овие цени се само ориентациски, според конфигураторот, а точните износи ќе ги соопштат во салонот на Волво, зависно од конфигурацијата.
Опременоста е шведски широкограда уште во основното ниво Кор, со радарски темпомат, гугл-услуги, пристап и старт без клуч (НФЦ), патосници, автоматски клима уред, алу-тркала од 18 инчи, сензор за дожд, паркинг сензори назад и задна камера, комплетен арсенал од системи за асистенција – сепак е Волво, дисплеј од 12,3 инчи, ЛЕД светла, сопсвен полнач од 11 кВ, радио.
Нивото Плус доаѓа заедно со можност за отклучување преку телефон, светла во ретровизорите, амбиентално осветлување, систем за квалитет на воздух, паркинг сензори напред, систем за престројување, полу-автопилот, аудио систем Харман-Кардон, безжично полнење телефон. Врвното ниво Ултра додава уште топлинска пумпа (се смалува потрошувачката при ладење и греење на кабината), тркала од 19 инчи, сончев покрив, камера со приказ на возилото во 360 степени, самостојно паркирање, сопствен полнач од 22 кВ, електрично местење на предни седишта.















