ЕУ одреди казнена царина за увозот на електрични автомобили од Кина

МГ ЗС е најпродаваниот модел на кинеската марка во Европа, со продадени 43.000 возила до март. Тој се нуди со бензински и целосно електричен погон.

Европската Унија ги реализираше плановите за воведување привремена царина за увозот на електрични возила што се произведени во Кина. Висината на царинската стапка достигнува 48 проценти и тоа веројатно ќе предизвика заострување на тензиите во трговијата со Пекинг.

ЕУ во соопштението од 4-ти јули порача дека во рамките на својата истрага околу субвенциите во Кина, ќе воведе привремени царини за три кинески производители, кај коишто е извршен темелен увид во текот на истрагата.

САИЦ Мотор, производител на МГ, се соочува со царина од 37,6 проценти, дополнително на постоечките 10 проценти царина, додека Џили и БИД ќе бидат оптоварени со дополнителни царини во висина од 19,9 проценти и 17,4 проценти, соодветно.

Останатите производители на ЕВ во Кина, што соработувале во истрагата, но кај нив не бил извршен темелен увид, ќе бидат изложени на царинска стапка во висина од 20,8 проценти, којашто е пресметана како просечна вредност. На компаниите што не соработувале им се одредува царинска стапка во висина од дополнителни 37,6 проценти.

Привремените царини ќе почнат да се применуваат од петок. Конечната висина на царините се очекува да биде одредена во ноември. Тоа може да се смени, доколку двете страни постигнат алтернативен договор или доколку квалификувано мнозинство од државите на ЕУ го блокира конечниот потег.

За Тесла посебно ќе се пресметува висината на царинската стапка, по барањето да се направи детален увид.

ЕУ наведе дека разговорите со Кина во последните седмици се интензивирале, а истрагата довела до заклучок дека субвенциите на Кина во производството на електрични автомобили достигнале ниво што ѝ предизвикува економска штета на Унијата, односно на европските производители на автомобили.

„Продолжуваме со интензивниот ангажман во Кина, за изнаоѓање решение што ќе биде прифатливо заеднички,“ наведува во соопштението Валдис Домбровскис, заменик извршен директор на Европската Комисија. „Секаков исход од преговорите околу нашата истрага мора јасно и целосно да ја земе предвид загриженоста на ЕУ и да биде во согласност со правилата на СТО.“

Кина се закани дека ќе возврати и веќе отпочна со анти-дампинг истрага околу увозот на свинско месо. Резултатите од истрагата околу жестоките пијалоци од ЕУ е планирано да бидат готови во почетокот на следната година, но тоа сега може да се случи во секое време, имајќи ги предвид досегашните примери.

Пекинг предупреди дека може да цели кон европските земјоделски производи, авијацијата и автомобилите со големи мотори. Кина исто така може да реши да ја обжали истрагата на ЕУ пред Светската трговска организација.

ЕУ и Кина водат консултации околу идните насоки и двете страни планираат да продолжат со разговори во следните четири месеци.

За Брисел, секое решение мора да се темели врз правилата на СТО и да ги адресира штетните субвенции што се утврдени при истрагата.

Пекинг бараше начини за истрагата да се пренасочи во преговори и се обидуваше да ги подели државите членки, вршејќи притисок на билатерална основа, објави претходно Блумберг. Некои држави, како Германија, притискаа да се постигне компромис.

Во преговорите меѓу двете страни, Кина барала ЕУ воопшто да не ги воведува привремените царини – односно да одреди пониски стапки, раководејќи се според помалку критеруми, и потоа да ги зголеми во ноември, доколку во меѓувреме не се изнајде решение околу конечната висина на царинските стапки, кажуваат лица што се упатени во случувањата.

Техничките преговори меѓу двете страни ќе продолжат во следните денови.

Се очекува дека царините ќе го смалат увозот од Кина за една четвртина, во вредност од околу 4 милијарди долари, цени Морис Шуларик, претседател на германскиот институт за светска економија во Кил.

Повеќето европски производители излегоа со јасен став дека се противат за зголемување на царините. Компании како Мерцедес-Бенц и концернот Фолскваген предупредуваа да не се воведуваат дополнителни царини.

Кина е најголем пазар на Мерцедес, Фолксваген и БМВ.

Претходна објаваТест · Волво Е Икс 30 · Високо концентрирана форма на волвовство
Следна објаваБенц Викторија од 1894: Кога илјада километри со автомобил се возеа шест денови

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here