Кога се чинеше дека електромобилноста ќе го загуби залетот, се случи спротивното. Светот, Европа, Македонија, сепак ги сака електричните автомобили. Не е мала заслугата на Рено со својата 5-ка, за кревањето на угледот на овој погон. Сега сé оди забрзано. Три Е-Текови на Рено одеднаш во салон, Твинго, Рено 4, Сеник. Практично, електро-шок.
Лани новото поглавје го започна елеткричната 5-ка, надоврзувајќи се на оставштината од славната изведба Рено 5 Кампус, на моделот на којшто побарувачката не му дозволуваше да си замине од фабричките ленти, но и од Рено 5 ГТ Турбо, модел на спротивниот ценовен крај, со спортски перформанси и спортско лежење.
Електричната 5-ка докажа дека името на моделот уште држи на македонската сцена, со испорачаните десетина примероци досега. Пред малку повеќе од една година, Рено 5 Е-Тек беше и на тест во Аутомедиа.
Сега доаѓа големо засилување, со Твинго, со Р4 и со Сеник, сите развиени исклучиво со електричен погон. Додека првите два модели се потпираат на историјата и вешто применуваат дизајнерски елементи од легендите од 1960-те и 1970-те години, кај Сеник уште толку повеќе се нагласува технолошкиот напредок.
Рено Твинго е достапен во една погонска изведба, со електромотор со 82 КС и батерија од 27,5 киловатчасови, што овозможува досег до 263 километри. Бидејќи станува збор за модел што ќе го мине својот живот главно на градските улици, во тој случај досегот е подолг и изнесува 391 километри. Во „најлошиот“ случај, кога ќе се приклучи на обичен штекер, полнењето до 100% трае 720 минути, односно 12 часови. Но, кога ќе се земе предвид дека потоа ќе се вози уште 400-на километри низ град, тоа време за полнење станува неважно.
Твинго е моделот со којшто Европа првпат ѝ парира на Кина, произведен во Словенија, со голема историја
Во најдобриот случај, пак, ако се појде до Охрид – што нема да биде проблем, имајќи го предвид тестот на Рено 5 лани – и се приклуичи на брз полнач, електричното Твинго ќе црпи струја со 50 киловати и ќе достигне 80% за 30 минути. На домашен полнач, се постигнува моќност од 3,7 кВ, односно тоа се 155 минути до сто проценти.
View this post on Instagram
Крајната брзина изнесува 130 километри на час, ограничена за да се избегне наивно празнење на батеријата предвреме, а спринтот до темпо сто трае 12,1 секунди. Ценовникот ќе почнува од околу 22.000 евра за првото ниво на опременост. Се нуди и полуксузно ниво, како кај моделот што е во салон.
Дизајнот е триумф и многумина ќе се израдуваат колку вешто е пренесена идејата од првото Твинго, патем модел прочуен по тоа што беше на насловната страница на првиот број од првиот македонски приватен магазин и воедно автомобилски мазагин Ауто Плус – тоа што денес постои вебсајт со случно име, повеќе е забуна и измама, отколку што е продолжение на славното име на Ауто Плус.

Твинго привлекува внимание со цената, но 4-ката погодува многу поширока публика
Уште поважно е наследството што го презема Рено 4 Е-Тек. Четворката беше еден од најпродаваните, највозени, најобожувани и најценети модели на пошироката автомобилска сцена во регионот, па денешниот електричен модел допира до соодветно поширок круг публика.
Рено 4 Е-Тек е „потполно“ искористлив автомобил, во смисла на просторноста, практичноста и перформансите. Тој доаѓа во сегмент каде што се вжештува трката за купувачи, покрај Киа ЕВ2, Фолскваген ИД Крос, Шкода Епик и секако електричните изведби на Ситроен Ц3/Ц3 Еркрос, Фиат Гранде Панда или Опел Фронтера. Ценовникот ќе почнува од околу 28.000 евра.
Наспроти Твинго со 3,8 метри и багажник од 305 литри, кај 4-та се во игра 4,15 метри и 420/1.405 литри, но и моќност од 122 КС во основниот модел, и досег до 308 километри, односно 427 километри при возење во град.
Бидејќи и батеријата е соодветно поголема (40 кВч) отколку во Твинго, потребна е посилна моќност при полнење, а тоа значи 80 кВ на брз полнач и пак 30 минути до 80 проценти.
View this post on Instagram
Со преку 400 километри досег е многу порелаксирано излегувањето на пат
Брзината е ограничена на 150 километри на час, спринтот трае 9,2 секунди. Со батеријата од 237 килограми, Р4 Е-Тек тежи вкупно околу 1,5 тон. Постои посилна изведба со поголема батерија, со 150 КС и 52 кВч. Податоците во тој случај се: 150 КС, 245 њутнметри, пак 150 км/ч, но и 8,2 секунди до сто, 409 километри, односно 571 километри во град, и 100 кВ на брз полнач, за времетраењето да остане на 30 минути.
Тројката ја заокружува Сеник, модел што не познава ограничувања и наследник на успешната низа ванови, воедно и носител на наслов на Автомобил на 2024 година во Европа. Од него, истиот насловот го презеде Рено 5 Е-Тек.
Примерокот во салон е во полуксузната изведба и редовната цена му изнесува околу 45.000 евра, меѓутоа во гамата се нудат и подостапни изведби. Тука се работи за кросовер во две погонски изведби, со 170 КС и досег до 420/559 километри, и со 218 КС и досег до 598/787 километри.

Кај Сеник се забечежува искуството што Рено го има стекнато со првите генерации на ванот со славното име
Сеник на струја е долг 4,47 метри, широк 1,87 метар и висок 1,57 метар, со багажник од 545, односно 1.670 литри. Во изведбата со поголемата батерија (87 кВч, помалата батерија иа 60 кВч), моќноста при приклучување на брз почнач достигнува 150 кВ и полнењето трае 37 минути. Брзината изнесува 170 километри на час, спринтот трае 7,9 секунди.
Тоа што додава посебност кај Сеник секако е искуството на Рено од ерата на првите генерации на ванот Сеник, што се огледува во практичноста и функционалноста, во секој агол на возилото.
















