Фиат 600 Хибрид · Тест · Пунто, колку си пораснало!

Ретко постои друг модел на Фиат што оставил толку силен печат на една ера, како што тоа му има успеано на Пунто, еден од најпродаваните модели во златните години на македонскиот автомобилски пазар. Фиат со новиот 600 се враќа во Б-сегментот, меѓутоа во форма на СУВ. Тоа е видот и големината на автомобил, што Европа во овие времиња го сака најмногу. Тест.

Торино нé остави без Пунто од 2018 година наваму. Тоа е цела една моделска генерација. Но, како се случи, Фиат да остане без модел во сегмент во којшто отсекогаш бил најсилен? Одговорот е во Џенерал Моторс, поточно во Опел. Третата генерација на Пунто, односно Гранде Пунто, користеше заедничка платформа со Опел Корса. Тоа беше најочигледно во 1,3-литарскиот дизел на Италијанците, што во Пунто ја носеше славната ознака Мултиџет, додека во Корса беше ЦТДИ.

Откако Опел во 2017 година премина од Џенерал Моторс во сопственост на Групацијата ПСА, беше јасно дека Фиат за следната генерација на Пунто ќе остане без партнер, со којшто ќе ги дели трошоците за развој и производство. Доколку најиталијанската од сите италијански марки го развиваше следниот Пунто сама, без помош отстрана, што денес е незамисливо ширум целата бранша, таквиот Пунто ќе беше прескап во споредба со конкуренцијата. Како пример, денешната Опел Корса ја дели техниката со Ситроен Ц4 и Ц4 Икс, Алфа Ромео Јуниор, Џип Авенџер, Пежо 208/2008, со Опел Мока, Донгфенг Еолус. А, сега и со Фиат 600.

Кругот се сврте и Фиат пак има иста платформа со Опел, но само затоа што Фиат и Крајслер во 2021 година се здружија со Групацијата ПСА и го создадоа концернот Стелантис.

Фиат ги менува моделите, но тоа што не се менува е врвниот дизајн, италијанскиот дух и индустриското искуство на Фиат

Тоа што е единствено за Фиат се дизајнот, италијанскиот дух и индустриското искуство на Торино. Овој 600 непогрешливо се препознава дека е Фиат, исто како што по цела планета ќе ве разберат кога ќе кажете Бенвенути и Чао.

Не треба многу да се разбере, што претставува Фиат 600. Торино го рекламира својот нов Сеиченто со формулата 500 + 100. Сé е јасно во таа проста математика. Фиат 600 го има стилот и го има духот на најголемата малечка автомобилска легенда на планетата, на Чинквеченто од 1950-те и на неговите реинкарнации од 2007 о 2020 година, но со тоа што е класа и пол погоре, и секако е СУВ со сосем друга техника, има уште „100 добри причини да се ужива во вистинската Долчевита, придружено со уживање во возење.“

Настрана од стилот и од сеприсутниот италијански печат, и од тоа што човек нема ниту на момент да помисли да пушти друга музика освен Санремо-канцони и опера од Верди или Росини, Фиат 600 пак сече со цената.

Во споредба со конкуренцијата, Фиат 600 го нуди благиот хибриден погон гратис, а тоа е многу повеќе отколку што некој друг ќе понуди тркала од 17 инчи или шарени седишта

Третиот Сеиченто во историјата (по Фиат 600 од 1950-1985 и Сеиченто од 1998) стандардно поседува благ хибриден погон, што значи електромотор од 21 кВ/28 КС и 55 њутнметри, што е вграден во шестстпениот автоматски менувач со двојна спојка, и малечка батерија од 0,9 кВч што е вградена под совозачкото седиште. Во изведбата со 136 КС, цената изнесува 23.200 евра, односно 700 евра повеќе од изведбата со 100 КС. Со акцискиот попуст од 1.000 евра, цената доаѓа до 22.200 евра.

За споредба, Форд Пума, на пример, со 1,0-литарски мотор со 125 КС, без каква било електрификација на погонот и со мануелен менувач, со акцискиот попуст чини 23.900 евра според рекламите. Според тоа, предноста на Фиат, не е само во 1.700-те евра, што веќе менуваат многу, туку и во техниката што ја поседува италијанскиот СУВ и што чини најмалку 2.500 евра. На крајот, користа за купувачот доаѓа до преку 4.000 евра, односно 20% разлика во цената меѓу 600 и Пума.

Тоа е силата на Фиат, односно реално е индустриското искуство. Еден далечен предок, секако славен предок, Фиат Уно, во средината на 1980-те години воведе револуција во автомобилскиот свет, затоа што на купувачите на автомобил во градската класа им овозможи да располагаат со најнапредна техника, што со иновативни производствени методи постигна цена, за Уно да може да биде достапен за секој. Тоа е славната ера на Фајер-моторите.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Подолго од две децении, до средината на 1980-те, Фиат беше најголем производител на автомобили во Европа

Фиат до средината на 1980-те години беше најголем производител на автомобили во Европа, трет во светот, по Џенерал Моторс и Форд во САД, а пред кој било друг производител од Германија, Франција, Шпанија или Велика Британија. И во моментов, Фиат е најголем производител во рамките на концернот Стелантис, меѓу другото и поради фактот што е меѓу пазарните водачи во Јужна Америка.

Во изгледот, Сеиченто е подеднакво блиску и до малечките Фиати од 1950-те и до Нуова 500 што во моментов се нуди само во електрична изведба. Големата промена е кога ќе се забележат двете задни врати. Исто како што пресметува Фиат, ова е 500 + 100, со тоа што две ставки меѓу тие дополнителни 100, се задните врати. Вистинската мајсторија на дизајнот се забележува во опашот, со форма и со црти што се верни на историските Фиати.

Традицијата се пренесува и внатре, преку тркалезната стреа врз инструментите, преку овалната главна форма на арматурната табла, преку двокракиот волан, преку прекинувачите за ракување со менувачот, што пак се во некаква врска со првите 500 и 600. Секако, Фиат пишува секаде, по седиштата, по светлата, на воланот, на облогата кога ќе се подигне вратата на багажникот, името Фиат и бројот 600 се појавуваат како Вучиќ од ладилник.

Задоволството од благиот хибриден погон повеќе е во уживањето во возната динамика, отколку „само“ во штедењето

Просторноста одговара, функционалноста одговара, кој сака повеќе завршна изработка и плус некоја преграда во багажникот, може да посегне и по врвното ниво на опременост Ла Прима, коешто чини околу 3.400 евра повеќе и опремено е луксузно. Единствено може да се забележи за широкиот гребен што треба да се совлада на мускули, кога се товарат тешки куфери или товар.

Комфорот на амортизацијата и звучната изолација се на ниво на класата, а сосем е во ред и да се вози подинамично со Сеиченто. Тоа е воедно и користа од благиот хибриден погон. Секако дека електрификацијата помага да се заштеди гориво, посебно во град, меѓутоа главната корист од присуството на електромоторот со неговите 28 КС и 55 њутнмтри, ќе се почувствува кога се вози по кривулест пат, при забрзување, при престигнување. Во такви ситуации се стекнува впечаток како напред да работи добро проектиран дволитарец.

Потрошувачката од околу шест литри е реалност, со таа напомена што вредноста нема да отиде премногу угоре, кога ќе се притиска малку повеќе врз гасот. Штедењето е посебна шема, со тоа што според Фиат, до 50% од возењето во градски метеж, во колона што се движи бавно, може да биде чисто на струја. Тоа е премногу оптимистички, но главната корист е во тоа што електромоторот е делотворен и помага и за штедење и за уживање во возење.

Пакети со десетина ставки дополнителна опрема по цена од 1.500 евра

Во поглед на опременоста, нивото Селеционе нуди многу повеќе од основно ниво. Тоа што некому може да недостига, се добива во 3 чесно скроени пакети со по десетина ставки. Тест-возилото, на пример, единствено поседуваше плус пакет Технологија, со електрична паркирна сопирачка, адаптивен тепомат и камера за знаци, навигација, автоматски долги светла, потпирач за рака напред и безжичен полнач за телефон, со цена од 1.500 евра.

Разликата со нивото Ла Прима се скусува кога ќе се посегне по еден или два дополнителни пакети, па веројатно многумина ќе се решат уште од старт за тоа ниво, каде што сите пакети се веќе вклучени. Единствено што таму недостига е греење на ветробран и бришачи (500 евра заедно со грејачи во седишта), премиум аудио и полуавтоматско паркирање.

Добрата вест е тоа што и во стандардното ниво ништо не недостига. Во тест-возилото има и една важна ставка што е бесплатна, а тоа е портокаловата метализирана боја, што е заштитна за Сеиченто и со тоа е гратис.

По Фиат Сеиченто следи уште едно Пунто-ниво, а тоа е Гранде Панда

Фиат 600 реално е поблиску до Гранде Пунто, отколку до првиот Пунто, според пристапот. Кога наскоро во својата понуда ќе ја вклучи и Гранде Панда, Фиат пак ќе има два модели во Б-сегментот, како во еден кус период во времето на Гранде Пунто и генерацијата на Пунто пред него, којашто беше помала, поедноставна и со подостапна цена. Затоа, Фиат тогаш и го преименуваше моделот во Гранде. Фиат со 600 пак е најсилен во цената и во противвредноста. Покрај, стилот и традицијата, секако. Тоа што прави 600 да ѝ биде значаен на автомобилската сцена, пак е Италија. Народот ги сака италијанските нешта. Земјата се поврзува со емотивна музика, со вкусна кујна, со опера, жени, архитектура, мода, историја, победа, со убави нешта. Со убави коли. Токму, Фиат.

 

Претходна објаваДачиа планира електричен автомобил под 18.000 евра
Следна објаваМерцедес може да претрпи штета од 1 милијарда долари од царините на Трамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here