
Буџет марката на Рено, Дачиа, работи на малечок електричен автомобил, чијашто цена треба да биде под 18.000 евра. Тоа го најави шефот на Рено, Лука де Мео, во разговор со британскиот магазин Аутокар.
Новиот модел треба да се произведува во Европа. Трошоците за работна така се повисоки во Европа, но затоа се избегнува плаќањето на високите увозни царини, што ЕУ ги воведе за електрични автомобили што се произведени во Кина.
Како основа ќе служи идното Твинго
Дачиа ќе го развие моделот за само 16 месеци. „Ги предизвикувам сите наши конкуренти во светот, да развијат автомобил за толку кусо време“, изјавил Де Мео. „Ние префрливме во брзина – Кина.“
Романската марка сепак нема самостојно да го развива моделот од нула, туку ќе ја користи постоечката платформа АМПР Смол на концернот. Истата платформа ќе ја користи и идното елекирчно Твинго, а ја користат и постоечките модели Р4 и Р5 на Рено.
Спринг се произведува во Кина
Трошоците за производство на новото Твинго ќе бидат за 40 проценти пониски во споредба со Р4, изјави Де Мео. Дел од заштедата се постигнува и преку скусување на компонентите што се вградуваат во возилото.
Дачиа веќе го има во понуда електричниот СУВ-модел Спринг со цена од 16.900 евра во ЕУ, но новиот модел ќе биде значително посовремен. Покрај тоа, Спринг се произведува во Кина и со тоа подлежи на високите увозни царини во Унијата.
Пазарен старт во средината на 2026 година
Новиот модел ќе го замени Спринг, но тој ќе биде и најмалечкиот модел што досега го има произведувано марката од романски Питешт. Планот е продажбата да започне во средината на 2026 година. Тоа ќе биде една година порано од стартот на новата генерација на Сандеро, којашто првпат ќе биде достапна и во целосно електрична изведба.
Дачиа ги користи платформите на Рено и посветена е на скусување на трошоците за производство, со цел своите модели да ги понуди по подостапни цени на пазарот, а притоа пак да постигнува заработка.
Конурентот Фолксваген ИД.1 следи во 2027 година
Во моментов, повеќе производители работат на достапни електрични автомобили, вклучувајќи ги Стелантис и Фолскваген. Ситроен, марка на Стелантис, веќе има во понуда електричен автомобил за помалку од 25.000 евра, колку што чини е-Ц3. Фолксваген ќе го покрие тој ценовен сегмент со идниот градски модел ИД.2. Тој исто така ќе се појави во продажба во 2026 година, заедно со поевтината и помала Дачиа.
Една година потоа, Фолксваген ќе го додаде и ИД.1, чијшто ценовник треба да стартува под 20.000 евра и со големината е споредлив со Твинго и идната Дачиа.















