за

Освежената Дачиа Спринг ќе биде „поевтина, но поубава“

Продажбата на електричната Дачиа Спринг, што се произведува во Кина, ги надмина очекувањата на Рено.

Преработената Дачиа Спринг доби каросериски додатоци од пластика што создаваат изглед како на СУВ.

Дачиа го преработе своето мини Спринг, најевтиниот батериски електричен автомобил што се продава на европскиот пазар. Има промени во надворешноста, кокпитот е сменет целосно, но и цената треба да биде пониска.

Буџет марката на групацијата Рено ќе ги објави цените за освеженото моделско годиште на Спринг во средината на марет, откако моделот в понеделник (26.02) ќе има деби на салонот во Женева.

Извршниот директор на Рено, Лука де Мео, најави дека Спринг ќе има уште поконкурентна цена од сегашната.

Спринг ќе биде „поуибава, па дури и поевтина“, кажа де Мео додека ги објавуваше рекордните резултати на францускиот производител на автомобили за 2023 година. Спринг ќе има и подобрени перформаси, додаде де Мео.

Продажбата на Спринг на европскиот пазар, на моделот што се произведува во Кина, ги надмина очекувањата на Рено. Според првичните планови, за Спринг се очекуваше продажбата на европскиот пазар да достигне околу 40.000 примероци.

Во минатата година, Спринг беше осми најпродаван целосно електричен автомобил во Европа, со продажба зголемена за 22 проценти и вкупно 59.054 продадени возила.

Дачиа може да ги намали цените за освежениот модел благодарение на придобивките од т.н. скалест ефект, како и на користењето неколку заеднички делови со популарниот СУВ на Дачиа, Дастер.

Обновеното моделско годиште на Спринг доби значајни промени, но тие не го поскапуваат моделот.

Батеријата на Спринг од 26,8 кВч дозволува досег од преку 200 километри при возење во град. Во неколку медиуми беше критикувана големината на батеријата, кога Французите го лансираа моделот во 2021 година, меѓутоа батеријата остана непроменета во новата верзија на моделот.

Дачиа напоменува дека тоа што батеријата на Спринг е мала, значи дека и тежината на возилото ќе остане ниска. Освежената Спринг со своите 948 килограми тежи 6 килограми повеќе од досегашниот модел, но пак е далеку полесна од ривалите, коишто надминуваат 1.100 килограми.

Ниската тежина на Спринг значи дека досегот од 200 километри е веродостоен податок и тоа е повеќе од доволно за возење во град, кажуваат од Дачиа.

Со користење на податоците што се добиени анонимно преку системот за дијагностика на самото возило, во реални услови на возење, од сопственици на Спринг на петте најголеми пазари во Европа, Дачиа дошла до податок дека возачите во просек четирипати дневно седнуваат во својот електричен автомобил и минуваат вкупно 37 километри, со просечна брзина од 37 км/ч.

Дачиа понатаму открива дека 75 проценти од анонимно следените возила се полнат еднаш неделно, со тоа што дури 75 проценти од сопствениците користат домашен полнач на 220-волтна мрежа.

Со сопствениот полнач од 7 кВ што е вграден во возилото, на Спринг ѝ се потребни помалку од 11 часови да постигне целосна наполнетост, преку стандардна приклучна кутија со 220 волти и 10 ампери. Времето се скусува на 7 часови, доколку се користи приклучок со 16 ампери.

Доколку се постави ѕиден полнач со еднонасочна струја и моќност од 30 кВ, батеријата ќе се наполни од 20 до 80 проценти за само 45 минути.

Обновената Спринг, што во моментов уште е во фаза на хомологација, ќе постигнува потрошувачка од 14,6 кВч на сто километри, што е за 100 вати помалку од досегашниот модел.

Тоа значи дека досегот во просек се зголемува на 183 километри, според нормата ВЛТП, односно на повеќе од 220 километри во услови на градско возење, кажуваат од Дачиа.

За преработената Спринг, Дачиа го смени старото лого со новото и ги нагласи светлата, односно нивната црна основа. Со овие зафати се постигна забележливо освежување во изгледот

Пластични панели што се слични како кај новиот Дастер, ја опкружуваат целата каросерија, со што се постигна повпечатлив изглед и појава како на СУВ.

„Додадовме и контрасна боја во предниот и задниот браник, за да внесеме раздвиженост во овие подрачја“, кажа главниот дизајнер на Дачиа, Давид Дуранд, при првото покажување на возилото во Париз.

Дуранд кажа и дека е додадена дополнителна заштита за деловите од каросеријата што се изложени на можност да се изгребат при возењето во град.

Дачиа целосно ја преработе внатрешноста на Спринг за да се ослободи од евтината пластика и од седиштата што беа критикувани дека се неудобни.

„Целосно го редизајниравме ентериерот, што ни овозможи да пристапиме малку поразлично на изгледот на површините. Исто така ги зголемивме и преградите, со опција за совозачка преграда што се заклучува“, објаснува Дуранд.

Дачиа додаде боја за да го нагласи местото на главните команди во внатрешноста, кажува дизајнерот.

Во поглед на конективноста, новата Спринг доаѓа стандардно со дигитални инструменти од 7 инчи, додека во поопремените изведби Екстрем и Експрешн се вградува, односно се доплаќа за средишен дисплеј од 12 инчи.

Овие дисплеи се заеднички со Дастер и со тоа дополнително се искористува скалестиот ефект. Секако дека тоа се големи унапредувања за модел од класата на Спринг.

За да се поедностави секојдневието, кај новиот Спринг може да се доплати за пластична поклопка за дното на дополнителниот простор за одлагање што се наоѓа под предната хауба. Тоа овозможува кабелот за полнење да се чува блиску до приклуокот за полнење, којшто се наоѓа во средината на маската.

Друга интересна опција е можноста да се приклучат електрични уреди што работат на 220 волти. Тоа може да биде апарат за кафе или пумпа за спортска опрема.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота и Киа може да го прекинат СУВ-владеењето на Фолксваген

Виетнамскиот производител и лани не постигна заработка