
Само двапати во 62-годишната историја на изборот на Европски Автомобил на Годината се случува производител едно по друго да ја освои титулата. Тоа се случи првпат со Фиат Пунто и Фиат Браво/Брава, во 1995 и 1996 година.
Победникот беше прогласен на отворањето на салонот на автомобили во Брисел на 10-ти јануари.
За Рено, ова е осми наслов на Автомобил на годината, и првпат за Алпин.
Двата електрични модели ја делат платформата АмпР Смол на групацијата Рено. Алпин А290 ја користи истата каросериска школка со Рено 5, заедно со батеријата, меѓутоа подвозјето е нагодено поспортски, контролната електроника работи различно, а секако е проширена и трагата на оските, и самата каросерија.
Двата сестрински модели добија 353 бодови, победувајќи ги електричниот СУВ-модел Киа ЕВ3 (291) и Ситроен Ц3/е-Ц3 (215), којшто се произведува со класичен погон, со хибрид и во чисто електрична изведба.
Осумте наслови на Европски Автомобил на годината за Рено
- Renault 5 E-Tech (2025)
- Renault Scenic E-Tech (2024)
- Renault Clio III (2006)
- Renault Megane (2003)
- Renault Scenic (1997)
- Renault Clio I (1991)
- Renault 9 (1982)
- Renault 16 (1966)
Четвртото место ѝ припадна на Дачиа Дастер (172), уште еден модел од групацијата Рено патем, по неа следат Хјундаи Инстер (168), компактниот СУВ-модел Купра Терамар (165) и Алфа Ромео Јуниор (136).
Рено 5 е меѓу зачетниците на новиот бран на електрични модели со цена под 25.000 евра што се произведуваат во Европа
Заедно со Ситроен е-Ц3, Рено 5 го почна новиот бран на достапни електрични модели од европска продукција, со цена под 25.000 евра.
Моделот зема залет во продажбата, покажува ноемвриската статистика на Датафорс.
Рено 5 беше 12-ти најпродаван електричен модел во Европа во ноември, со продадени 4.112 примероци. Тоа е четирипати повеќе во споредба со октомври, покажуваат податоците на Датафорс.
Рено 5 остави печат и во самиот сегмент на градски модели, пласирајќи се на 12-то место.
Дизајниран во ретро стил, Рено 5 на францускиот пазар почнува од околу 26.000 евра за изведбата со батерија од 40 кВч и електромотор со 120 КС. Наскоро ќе почне со продажба изведба со 95 КС, со цена под 25.000 евра.
Алпин А290 е првиот нов модел на марката по лансирањето на А110 во 2017 година. Понудата на Алпин ќе се состои само од спортски модели, повеќето од нив со целосно електричен погон.















