БАИК У5 Плус · Тест · Комфорно како во лимузина од Кина

Обично важи правилото, како ќе ти почне годината, таква ќе ти биде цела година. Правилата се менуваат. Минатата автомобилска година кај нас сигурно не мина во знак на парадни електрични автомобили со цена од сто илјади евра и соодветно парче најнапредна технологија за тие пари, а веројатно не беа толку забележани и новите генерации на моделски серии што нашиот народ ги почитува. Некои други автомобили се тие што го имаа главниот збор лани.

Многу е поверно ако се признае дека минатата автомобилска година на домашната сцена мина во знак на моделите од Кина. Кај овој автомобил што пристигна на тест во Аутомедиа непосредно пред завршетокот на минатата година, паѓа во вода правилото дека почетокот одредува каква ќе биде целата година. Вака излегува дека дури на завршетокот на годината дознаваме какви навистина ни биле изминатите дванаесет месеци.

Модели на тест од производителите од Кина имаше многу, меѓутоа три се издвојуваат посебно. Почетокот го одбележа Џили Кулреј, од големиот концерн каде што припаѓаат Волво, Лотус, Полстар, Смарт, Линк енд Ко. Мисијата на овој модел беше да докаже дека кинеските автомобили не мора да се поевтини за да бидат подобри од тие што ни се први на ум кога ќе се спомне автомобил. Повеќето европски концерни во меѓувреме отпочнаа соработка токму со компании од Кина, за да прифатат нови технологии, но главно со цел да им станат подопадливи на купувачите на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Втората пресвртница ја направи еден голем СУВ, Фортинг Т5 Ево. Со црти на лав во ликот, мотор Мицубуши, со простор и чувство на задната клупа како во С-Класа, со многу пријатна амортизација и во целина среќно искуство од секојдневието при тестот на Т5, овој автомобил поучи дека комфорот сé уште е основата од којашто почнува да се гради карактерот на еден автомобил.

Нештата чудно се поврзуваат во овој универзум, па се случи БАИК, кусо од Пекинг Аутомотив Компани, со својот У5 Плус, да заокружи и да потврди каква е заедничката карактеристика на автомобилите, што сé почесто и во сé поголем број ни ги испраќаат производителите од Кина.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Постои ли заедничка одлика на автомобилите од Кина, како што тоа важи за германските, италијанските, француските, јапонските автомобили?

Германските автомобили, на пример, секогаш се стегнати, прецизни, а неретко од тоа излегуваат и по малку стерилни. Италијанските модели, пак, одат на емоции, на одушевеност, човек ги сака овие коли. Француските се по комфорот и практичноста, јапонските секогаш имаат по некоја напредна технологија. А, какви се автомобилите од Кина?

По тоа што го покажа БАИК У5 Плус на тестот, кинеските автомобили не може да се опишат просто како комфорни, стегнати или стилски, туку секогаш постои нешто што прави секојдневието во нив да е пријатно. Сето тоа пак се поврзува со традиционалното кинеско учење на фенг шуи, на управување со енергијата во просторот.

Тоа што БАИК У5 Плус нуди пријатно просторно чувство напред, што нуди изненадувачки многу простор на задната клупа, тоа што на возачот и на патниците сé им е прегледно околу, тоа што амортизацијата работи меко и тивко, заедно со богата опременост, и на изненадување на многумина, со добра завршна изработка, сето тоа прави секојдневието во оваа лимузина да биде пријатно. Точно Фенг Шуи.

Вредно освежување на понудата од марки и модели на македонскиот пазар, место само повторување на тоа што сцената веќе го нуди

Бројки не го опишуваат тоа што прави У5 Плус да биде толку пријатна за возење и патување. Човек едноставно се чувствува убаво. Што е важно повеќе од тоа! Доколку не дојдеше на тест, лимузинава уште ќе ја мислевме само дека е голема, со многу опрема, веројатно со мотор Мицубиши, поевтина од „нашите“ марки, стандард. Меѓутоа, се покажа дека БАИК е вредно освежување на понудата од кинеските производители, што за чудо, наидуваат на одличен прием на нашиот пазар, што во изминативе години се имаше научено на користени, та преискористени луксузни лимузини од увоз.

БАИК У5 Плус не е лимузина што ќе убеди за пет минути дека тоа е најдобриот автомобил во светот, туку си ги покажува предностите на подолг рок

Зошто било важно, каков карактер имаат моделите од Кина? Тестираниот примерок на У5 Плус е во изведба со 1,5-литарски бензинец без турбонатполнење и автоматски менувач со постојано променлив преносен однос, односно ЦВТ-менувач. Во град се чувствува лесното справување со градските предизвици, погонот течно ја следи динамиката на градскиот сообраќај, тивко е, подвозјето работи меко и не ги казнува патниците кога ќе се помине преку нерамини, сé е пристојно.

Тоа што исто така оди во прилог е правилната поставеност на предните столбови, што не го попречуваат видното поле. Далеку е од тоа дека сите модели што денес се на пазарот се примерни во тој поглед. Тука веќе се наѕира дека лимузинава е конструирана со идеја, не е тоа модел што само треба да се понуди поевтино од останатите.

Технички податоци, цена и опременост на БАИЦ У5 Плус во авто-каталогот Автосалон.мк

https://avtosalon.mk/listings/baic-u5-plus/

Карактерот на БАИК У5 Плус се покажува кога ќе се излезе од град. Тука веќе се забележува дека воланот има навидум преголем слободен óд, дека моторот не се труди премногу да се напрегне кога ќе се побара посилно забрзување, како автомобилов да сака да му укаже на својот возач или возачка дека така не се вози оваа марка.

Слободен óд во управувањето, умерено забрзување и покрај 113 КС, дали У5 Плус сепак ќе разочара?

Меѓутоа, сé e дел од замислата, од идентитетот на БАИК. Очигедно е дека конструкторите ѝ вградиле таков карактер на У5 Плус. Слободниот óд не произлегува од грешка во конструирањето или од лошата техника, туку создаделите на маркава сакале да го постигнат тоа чувство на „кормилото“, како да се крстосува на отворено море, место да се лажира чувство на возење по совршената линија по тркачка патека.

Умереното забрзување во првите моменти навистина може да изненади, што е поблаг начин да се каже разочара, но и за тоа си има решение. Кога возачот навистина ќе биде решен да престигне сé наоколу, доволно е само рачката на менувачот да се префрли влево, во спортска програма. Менувачот ЦВТ во тој случај го качува нивото на вртежи и го посредува тоа забрзување што човек ќе си го намисли. Може и рачно да се префрлува во повисок или понизок „виртуелен“ степен, што имитира мануелен менувач.

Целата суштина на ЦВТ менувачот се гледа во град, таму каде што се вози секој ден. Или блиску до градот. Овој вид менувачи – патем, истиот принцип со децении е составен дел од хибридниот погон на Тојота – има за цел моторот да го држи на колку е можно пониско ниво. А, тоа во светот на моторите, значи пониска потрошувачка, и пак, покомотно чувство. Зависно од динамиката на возење, просекот ќе се движи меѓу седум и осум литри. Кој ќе потроши повеќе, веројатно друг му го плаќа бензинот.

Кинескиов производител сака да понуди чесно, БАИК У5 Плус не е преполнет со ставки колку да се бројат, туку е облагороден со ставки што навистина вредат

Уште една посебност на БАИК е опременоста, поточно отмените ставки во опремата. Систем од камери ја прикажува лимузината во 360 степени, со можност да се избира од осум различни агли на гледање, постои и предупредување кога има возило во мртов агол, ретровизорите се собираат, тоа се згодни ставки. Сончев покрив, тоа веќе се подразбира.

Изработката, за потсетување, заслужува почит, со скапо изработени панели со изглед на карбон во вратите, со седишта обложени со вештачка кожа, но и таа е квалитетна. Тоа што се чинеше дека нема да се доживее во кинески автомобил, БАИК У5 Плус го умее: Музиката тука се слуша со пристоен квалитет.

Како што е вообичаено во тестовите на Аутомедиа, сите забелешки и оцени за возилото на тест може да се погледнат на нашиот канал на Јутјуб

Малку се нештата за коишто треба да се подзамиже: Задната клупа се соборува во еден дел, нема надворешна брава на багажникот и можело малку повеќе љубов да се внесе во изработката на тој простор, касетата пред совозачот е неосветлена, прекинувачите на воланот и за клима уредот повеќе се од класичен тип, што значи дека личат како подзастарени, поврзувањето преку Андроид Ауто или Епл КарПлеј не е толку мазно како кај западните модели. Сосем е спротивно од тоа дека Кинезите не умеат со конективноста – нивните напредни системи не се „преведени на некинески“. Тоа се, сепак, само обични пропусти. Најважното е дека БАИК У5 Плус вози добро и на луѓето им е убаво со оваа лимузина. Затоа е „Плус“.

Лимузината е таа што прва ќе го привлече вниманието кај нас, меѓутоа луѓе почесто си заминуваат од салон со СУВ-моделот Икс 35

Лимузинскиот БАИК е вистинскиот магнет за маркава да го привлече вниманието на македонската сцена. Ние си ги сакаме лимузините. У5 Плус изгледа добро, вози добро, повеќе на страна на смирените возачи, отколку на нелиценцираните тркачи, фантастично е просторна, добро изработена, опремена со ставки што не се тука само колку да се бројат, туку со отмени ставки. ЦВТ-менувачот наведува на посмирена динамика, меѓутоа враќа со штедливоста.

Со редовна цена од 19.900 евра во салонот на ЦиЛаз, БАИК У5 Плус нуди живот како со лимузина од средна класа, а трошоци за одржување и сервисирање како со класичен компактен модел. Веќе се направени првите флотни нарачки, возилата од салонот веќе одамна се испорачани, за половината од возилата од новиот контингент што пристигна пред завршетокот на минатата година има купувач, така што маркава навистина изненади со одличниот старт. Веројатно така и ќе продолжи. Лимузината си е на место, меѓутоа е можно дека сцената сепак ќе се сврти повеќе кон СУВ-модел. БАИК и за тоа има одговор: Икс 35. Повеќето од приватните нарачки досега се направени токму за компактниот СУВ. Меѓутоа, лимузината мораше да биде таа што ќе поздрави за добредојде, да ја претстави маркава.

Вебсајт со целата понуда од модели на БАИК

https://www.cilaz.mk/index.php/prodazhba-na-vozila

 

Претходна објаваШкода Ениак: Најпродаваниот електричен автомобил по Тесла фаќа нов залет
Следна објаваРено 5 е Автомобил на 2025 година во Европа, со него и Алпин А290

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here