
Кинескиот автомобилски пазар забележи уште посилен пад летово, со смалена продажба во време кога се случува наплив од нови модели. Заработката на производителите на автомобили падна на најниско ниво. Најголемиот пазар за автомобили во светот првпат во историјата ќе се соочи со двоцифрен пад во продажбата на автомобили на годишно ниво, покажуваат податоците.
Домашната продажба на нови патнички автомобили во јули опадна за 25 проценти, на 1,35 милион возила. Тоа се случува веќе седми месец во низа. Испораките на возила во првите седум месеци опадна 24 проценти, на 9,63 возила.
Овие бројки, што опфаќаат лимузини, кросовери, СУВ, повеќенаменски возила и минибуси, најавуваат дека кинескиот пазар првпат во својата историја ќе ја заврши годината со двоцифрен пад во продажбата. Економијата слабее, горивата се скапи, а влијаат и новите даноци за електрифицирани возила, што ја потиснуваат продажбата.
Овој невиден пад претставува пресвртница на пазарот којшто на индустријата ѝ обезбедуваше простор за раст во изминатите две децении. За оваа надолна спирала придонесоа три главни причинители: Ослабнатиот економски раст, поскапените горива и новата давачка од 5% за електрифицирани возила, што беше воведена во јануари.
Забавувањето на Кина ги присилува домашните производители да бараат начини за зголемување на продажбата преку извозните пазари, каде што се бележат рекорди. Извозната стратегија, што ја реализираат кинеските и странските производители од нивните фабрики во Кина, што се недоволно искористени, укажува на силниот притисок врз локалните бизниси.
Додека Кина го испушта домашниот притисок преку извозот, трпи конкуренцијата на светскиот автомобилски пазар.
Кинескиот пазар на нови автомобили е во постојан пад во првите седум месеци
Побарувачката за нови возила во Кина почна да губи залет во минатиот ноември, кога повеќето кинески провинции останаа без системот за откуп на стари автомобили по принципот на старо за ново. Во јануари, домашниот пазар тргна во двоцифрен пад и оттогаш нема заздравено.
Запрениот раст на економијата ги одврати Кинезите од скапи набавки, како што се возилата.
Зголемените цени на горивата поради војната во Иран исто така влијаеја врз продажбата на возила со мотор со внатрешно согорување. Нивниот пазар во јули се скуси за 47 проценти, на 429.000 возила, односно со пад од 34 проценти во првите седум месеци, и продадени 4,12 милиони возила со обичен погон.
Покрај тоа, побарувачката за електрифицирани возила, којашто го задржи залетот до завршетокот на 2025 година, одненадеж тргна во спротивна насока, откако во јануари беше воведен данок во висина од 5 проценти при купување електрифицирано возило.
Продажбата на електрифицирани авотмобили во Кина, каде што спаѓаат целосно електрични возила, приклучни хибриди и ЕВ со продолжен досег, во јули се смали за 6,1 проценти, на 916.000 возила. На седуммесечно ниво, падот е 15 проценти, со вкупно 5,51 милиони возила.














