Воја, премиум марка на кинескиот производител Донгфенг, ги објави снимките кусо пред пуштањето во продажба на моделот Пешн С во Кина. Видеото покажува како електричниот кросовер влегува во тунел, свртува в лево по закривениот ѕид, за потоа да вози буквално по таванот на тунелот. Пешн С потоа се спушти по спротивната страна на тунелот и си продолжи на сите четири.
Со 130 километри на час по таванот на тунелот
Според објавените податоци, Пешн С го извозел маневарот со брзина од 130 километри на час. За при таа брзина да се направи кругот долж тунелската цевка, било потребно воланот да се држи завртен за 16 степени.
За таков подвиг е потребна вешта пресметка. Покрај брзината, важен фактор е радиусот на тунелската цевка. Возилото мора да постигне доволна брзина, за центрипеталната сила да го притиска врз ѕидот на тунелот.
Пресуден момент е кога возилото е на темето на тунелот, на самиот таван. Доколку не е доволно брзо, тоа ќе падне. Колкава резерва била оставена при пресметувањето, не се наведува во објавата од производителот. За подвигот да успее, мора да се поседуваат точни податоци за радиусот на тунелот, за брзината, но и за гумите и за рапавоста на површината на тунелот, за температурата, влажноста на воздухот и уште бројни вредности.
На друштвените мрежи се појавија сомнежи
По објавувањето на видеото се појавија сомнежи. На друштвените мрежи и во медиумите се дискутираше, дали Воја Пешн С навистина возела по таванот на тунелот и дали во сликите и снимката биле користени дигитални ефекти.
Производителот реагираше при официјалната премиера на Пешн С на 15-ти август. Воја објави уште едно видео, во коешто во полн кадар се прикажува целиот спектакл, без монтажа и менување на кадрите, од влезот во тунелот, до спуштањето на земја.
Претходно се појавија снимки од првите обиди, во коишто прототипот не успева да направи целосен круг и паѓа предвреме. Но, на крајот, сигурно по неколку повторувања, оваа каскадерска сцена заврши успешно.
Електричниот СУВ-модел Пешн С располага со 646 КС
Воја соопшти дека се користело сериско возило, без промени. Дури и тежината не била смалена. Кинеската премиум марка сепак не посочи за која погонска изведба станува збор.
Најсилниот модел поседува два електромотори, назад со моќност од 300 киловати, напред 175 киловати. Системската моќност изнесува 475 киловати, односно 646 КС. Послабата изведба располага со 408 КС.
Возењето по таван на тунел своевремено му успеа на Михаел Шумахер
Донгфенг го повтори потфатот што го одушеви светот пред близу 16 години. Мерцедес-Бенц во 2010 година го објави каскадерскиот подвиг во рекламниот спот за тогаш новиот СЛС АМГ.
Седумкратниот светски првак во Формула 1, Михаел Шумахер, во тоа време стана амбасадор на марката, откако се врати во фабричкиот тим на Мерцедес-Бенц.














