
Мерцедес-Бенц неодамна одржа премиера на електричната Ц-Класа, што следи сосем друг стил во изгледот и сосем различна техника, затоа и се води под фабричкиот код В 520, разлучен од класичната Ц-Класа со код В 206. Кога двата модели ќе се споредат со изгледот, се забележува колку со фејслифтот е нагласена класичната нишка кај 206-ката.
Вообичаено за фејслифтите кај Мерцедес-Бенц, бензинците, дизелите и приклучните хибриди кај Ц-Класата сега работат почисто и со повеќе коњски сили. Во внатрешноста пречекуваат нови содржини и графика на инфо-забавниот систем. Од пакетите може да се избере новиот АМГ Лајн Плус, има и нови бои и украсни лајсни.
Најзабележливата промена е на најважното место. Маската е поголема, со хромирана рамка и со светлечки раб, што според производителот го нагласува статусот на најмалиот Мерцедес-Бенц со заден погон. Ц-Класата со овој потег повеќе заличува како С-Класа, вклучувајќи ги дополнителните ѕвезди во светлата.
Токму светлата имаат голема улога. Новата генерација на Дигиталните Светла, коишто и натаму се нудат како опција, користи микро-ЛЕД и посилен микрочип, осветлувајќи за 40 проценти поголема површина на патот и заштедувајќи до 50 проценти од електричната енергија за нив. Новина кај фејслифтот на Ц-Класа е тоа што при отклучување се прикажува логото на Мерцедес-Бенц покрај возилото.
Вештачка интелигенција во спој со традиционално наследство во внатрешноста
Мерцедес-Бенц постојано се повикува на слоганот „Добредојдовте дома“, во духот на рекламата од 1990-та година, во којашто еден бизнисмен дојден службено на аеродром на северот на Африка, се радува кога здогледува В124 што го чека тука.
Добредојдовте дома важи и за новата Ц-Класа, којашто во таа смисла користи бројни елементи од исто така освежената С-Класа. Возачкиот екран од 12,3 инчи и исправениот средишен екран од 11,9 инчи имаат нови содржини и нова графика, верно на напредокот во дигитализацијата. За тоа е заслужна 4-та генерација на инфо-забавниот систем МБУКС, што му помага на возачот користејќи вештачка интелигенција со Чет ГПТ, Мајкрософт Бинг и Гугл Џеминај. Од неа може да се дознае какво е времето на одредиштето, да се побара омилениот музички албум, па и да се дознае како се движат акциите.
На списокот на желби што ги остварува Штутгарт е додаден аудио систем Бурместер, што според материјалот за медиуми постигнува „уште поширока и подлабока звучна слика“. Кога патничка или патник ќе седне во возилото, аудио системот соодветно го приспособува балансот.
Направени се зафати во насока на стишување на звуците во кабината, вклучувајќи сменета форма на ретровизорите, додадена заптивка на ветробранот и сменети држачи на издувниот систем.
Опција е Ер-Баланс, пакет којшто шири пријатна миризба во кабината. И тоа е поздрав од С-Класа. За амбиенталното осветлување може да се избира меѓу 64 бои, како и меѓу различни сценографии.
Црвена како цреша и кафена како бука
Изборот од бои е проширен со две нови бои за облогите и три нови изгледи на украсните лајсни. Новата црвена боја Чери Рот за внатрешноста е уште поцрвена, но и подостапна затоа што место вистинска кожа се користи вештачка кожа Артико. Кај Бич Браун може да се избира Артико, кожа или напа кожа. Кај лајсните, новина е изгледот на бреза со отворени пори, бреза антрацит и комбинација метал-платно со сребрени влакна.
Кожените седишта добија нови украсни штепови. Со АМГ Лајн се добиваат штепови на страниците по пример на мокасина. Кај комбито Т-Модел, багажникот и натаму располага со 490 до 1.510 литри, со триделна задна клупа.
Инфо-забавниот систем користи гугл навигација
Воланот е сменет и на него повеќе нема валци и преклопници, со што ракувањето е попрегледно, а со тоа и покласично. Наспроти тоа, модерната технологија ја донесува навигацијата со гугл мапи и графика на Мерцедес. Посебна функција е Аутомотив АИ Агент, базирана на Гугл Клауд. Тоа значи дека не мора да се притискаат копчиња, туку може на Виртуелниот асистент на МБУКС да му се каже што се бара и каде да вози.
Автоматско враќање во рикверц
Новата Ц-Класа си вчитува нови програми и апликации директно од податочен облак, исто како телефон, без потреба да се оди во сервис. Преку продавницата за апликации, може во иднина да се доплати за аларм, за некои системи за асистенција или за инфо-забавни функции, како и за плаќање преку самиот автомобил, што во тој случај дејствува како „картичка“.
Меѓу новите дигитални опции е возењето во рикверц, за Ц-Класа автоматски да се врати одредено растојание наназад, по претходно поминатиот пат. Тоа е од помош кога ќе се наиде на тесно и нема можност да се сврти.
Моторите се чисти според Еуро 7 и се посилни
Во Ц-Класа работат исклучиво четирицилиндарци, што трошат бензин или дизел, односно комбинираат со струја. Фејслифтот направи и моторите да бидат почисти според претстојната Еуро 7.
Во бензинците и дизелите до Ц 200 до Ц 300 е впрегнат нов стартер-генератор од втора генерација, што работи во 48-волтна мрежа. Батеријата се поднаполнува при сопирање, а стартер-генераторот тивко и брзо го буди моторот по пауза. Тој е составен дел од 9-степениот автоматски менувач и при забрзување може да додаде до 205 њутнметри.
Три бензинци со моќност од 177 до 258 КС
Дволитарскиот М254 се нуди во три степени на моќност, во Ц 200, Ц 250 и Ц 300, во распон од 177 КС до 258 КС. Дополнителен турбо-полнач со електричен компресор дава екстра њутнметри при ниски вртежи. За посилно забрзување, се извлекува резерва од 27 КС, во времетраење до 20 секунди.
Два дизели со 163 и 200 КС, хибрид со 100 километри е-досег
Дизелите во Ц 200д и Ц 250д испорачуваат 163, односно 200 КС. Приклучниот хибрид може да мине до 100 километри на струја. Достапни се два хибриди, Ц 300 е и Ц 400 е, коишто се базираат на М254 Ево и додаваат електромотор со 136 КС и 400 њутнметри. Системската моќност кај вториот изнесува 395 КС, со 650 њутнметри максимум. Батеријата е со капацитет од 19,5 кВч. Може да се користи брз полнач и да се полни со моќност до 55 кВ.
Четири модели со погон на сите тркала
Дизелот Ц 250д, бензинецот Ц 250 и приклучниот хуибрид Ц 300 е се достапни и како 4Матик, којшто е стандард кај посилниот хибрид.
Штутгарт почна со нарачки на 18-ти август, ценовникот за Германија почнува од 48.844 евра.
Новата Ц-Класа секако се очекува да ја доживее наскоро и својата македонска премиера во салонот на Мак Аутостар.














