Купра Леон · Тест · Тјунинг од фабрика

Кога името на некоја моделска изведба е толку познато и ценето на сцената, што нема потреба да се спомнува марката или моделот, обично се вели дека тоа е марка во марка. Ево, ГТИ, АМГ, М, кватро, уште бројни примери. И, Купра. Најновата марка на групацијата Фолксваген сепак отиде чекор понапред, затоа што е меѓу ретките примери за марка во марка, што се има осамостоено. Купра денес е бренд, па дури и со самостојни модели, како Форментор и Терамар. На тест е Купра Леон, сосем јасно изведен од Сеат Леон, но се покажа дека тоа е вистинскиот модел за да се открие што навистина има цел да постигне оваа марка.

Овој Леон веднаш се препознава дека не е како останатите. Истава боја, графен сива метализирана, достапна е и кај Леон каков што го познаваме, меѓутоа разликите во сите можни детали создаваат сосем друга слика. Место цивилна маска со шестаголна форма што во поглед на стилот служи само за да се постави логото на Сеат, тука логото е качено горе и поставено е на гребенот под хаубата, како кај отмените британски гран-туризмо купеа. Тоа што во изгледот на браникот на Сеат Леон е елегантно и претставително, тука е грдо и грубо, како што личи за модел што е произлезен од мотоспортот.

Нема двоумење дека ова е Купра. Форматот од 18 инчи е стандард за тркалата, на тест-возилото дополнително е избрана верзијата со детали во бакарна боја. Тоа е воедно и заштитната боја на Купра, откако се издвои како марка покрај матичниот Сеат. Купра асоцира на англискиот збор за бакар, па оттаму и бојата, што освен во логото, понатаму се повторува и во внатрешноста.

Поглавјето за името Купра е веќе одамна слушнато: Тоа доаѓа од Куп Рејсинг, односно од изведбите на Ибица и Леон со тоа име, со коишто Сеат во 1990-те години сакаше, и успеа, на сцената да ѝ понуди модели за учество во тркачки купови. Ибица постигна многу и во релито, и тоа всушност е темелот за денешната самостојна марка Купра.

Радува тоа што спортското чувство во возење не е „купено“ со тврдо подвозје што не дозволува ниту сантиметар работа

Сé додека не се седне зад волан и Леон на Купра се пушти да вози, помислата е дека се работи за надворешна шминка, спојлери, детали, повеќе опрема, повисока цена и поголема заработка за Сеат. Меѓутоа, има разлика, и тоа е најдобрата вест кај овој автомобил и кај оваа марка.

Во возењето прво ќе се почувствува подиректното управување и воопшто доброто поврзување на возачот со автомобилот. Амортизацијата и покрај стандардните 18-ки работи примерно, домаќински. Дури и при возењето од една до друга дупка по скопските улици не се случува подвозјето да покаже слабости, во поглед на тврда или гласна реакција.

Изненадувањето е кога ќе се отвори врата и ќе се пушти нога надвор

Вистинскиот „аха“ момент следи кога ќе се отвори врата и човеќ ке тргне да излегува од Леон. Тогаш се забележува колку каросеријата е ниско до земја. Шпанците наведуваат податок дека носот е спуштен за 25 милиметри и опашот за 20 милиметри. Зафатите сепак не се сведуваат само на „спуштање“, туку целото нагодување на работата на подвозјето ја прави суштината на Купра Леон.

Различните амортизери, пружини, промените во геометријата на тркалата, тоа е мајсторијата на Купра и кога човек ќе го почувствува тоа зад воланот, почнува вистински да ја цени, па и да ја обожува шпанскава марка.

Гамата на Купра Леон почнува со 150 КС

Тест-возилото е од почетокот на понудата на Купра, со 1,5-литарски ТСИ со 150 КС, што е комбиниран со стартер-генератор и мала батерија, односно сочинува благ хибриден погон. Покрај тоа што благиот хибрид се грижи за потрошувачката да се одржува во граници, псоебно во град, користа од него ќе се најде и во тивкото и меко стартување на моторот по секое активирање на системот старт-стоп при возење во град.

Околу изборот на моторот, оваа најблага форма на електрификација, и воедно најисплатлива – разликата со стандардниот бензинец е 3.044 евра, но тука има и 7-степен менувач со двојна спојка, место мануелен менувач со 6-степени – прави прашањето „бензин или дизел“ да стане непотребно. Токму будноста и делотворноста на благиот хибриден погон при возење во град, овозможуваат вредноста на потрошувачката секогаш да е со 6 пред запирката. Дизелот станува неинтересен.

Покрај благиот хибриден погон, за штедливоста се грижи и познатата технологија АЦТ

За тоа, Купра Леон ќе возврати со полесен нос во споредба со 2,0-литарскиот дизел, со звук на бензинец како што доликува во спортски автомобил, и со однесување какво што единствено може да постигне бензинец. Уште една технологија во 1.5 еТСИ, алијас 1.5 ТСИ мХЕВ, е АЦТ, односно технологијата што овозможува при мало оптоварување да работат само два цилиндри. Тоа дополнително се грижи за штедливоста. При возење по автопат, на пример, со постојана брзина, ќе се случува да се активира АЦТ, без возачот да почувствува дека нешто се сменило. АЦТ веќе со „векови“ е присутно во Фолксваген.

Од вкупно 20-те ставки што се нудат како опции за доплата, во тестираниот примерок имаше само неколку: Пакет Еџ, со амбиентално осветлување, пристап без клуч, задна камера – со цена од 662 евра, ексклузивна металик боја 1.056 евра, матрични диодни светла за 912 евра, тркала со бакарен финиш 384 евра и неколку дополнителни системи за асистенција.

Добрата вест е тоа што Купра Леон двои од стандарден модел, со завршницата во кабината, што освен фините детали во боја на бакар, вклучува и поблагородни материјали и повеќе внимание во детали.

Технички податоци, опременост и цени за Купра Леон 1.5 еТСИ во нашиот авто-каталот Автосалон МК

https://avtosalon.mk/listings/cupra-leon-1-5-etsi-dsg-150/

Квалитетно надградување на возната динамика се постигнува со пакетите што почнуваат од 1.267 евра, и вклучуваат тркала од 19 инчи, приспособливо подвозје ДЦЦ и мултилинк задна оска. Во иста насока се движи и опцијата за спортски седишта со електрично местење и греење, со цена од 962 евра во комбинација платно-вештачка кожа, односно 1.910 евра во комбинација со вистинска кожа.

Врвот во гамата го означува изведбата ВЗ, од шпанскиот збор Велоз, со дволитарски ТСИ со 300 КС и цена од 51.358 евра, но и со можност за избор на изведбата Екстрем, каде што се вклучени сите можни ставки, заедно со шестиклипни сопирачки Акебоно и цена на пакетот од преку 7.000 евра.

Тоа што некогаш беше тјунинг, денес е Купра

Тестот на Купра Леон потсети на едно важно поглавје во развојот на автомобилската сцена, а тоа е времето на тјунингот. Десетици илјади малечки и големи тјунерски работилници заедно создаваа промет од неколку милијарди евра. Таа богата сцена на тјунингот денес е преселена кај автомобилските производители, милијардите треба да останат кај нив. Најдоброто кај Купра Леон е во тоа што „тјунингот“ не се сведува на грди спојлери или на пресечени пружини, туку е направено возило што се чувствува различно и спортски-погодено во возењето. На тоа следи и добро спакувана надворешност, заедно со педантно изработена кабина, без суво цитирање детали од мотоспортот. Купра Леон не е претворен во тркачка машина, туку повеќе оди во насока на гран-туризмо, за луѓе што умеат да ги почувствуваат разликите во возењето. Уште една добра страна. Благиот хибриден погон направи дизелот да стане неинтересен. Тука прилега само бензинец.

Претходна објаваАлфа Ромео Јуниор · Тест · Да не беше Алфа, ќе беше само 966
Следна објаваВолво го отпушти Џим Роуен и го врати поранешниот шеф Хакан Самуелсон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here