
Како гром од ведро небо одекна веста дека управниот одбор на Волво Карс реши да го отпушти шефот Џим Роуен и воедно да го врати поранешниот извршен директор Хакан Самуелсон, да раководи повторно со шведскиот производител.
Самуелсон уште на 1-ви април ќе ја преземе својата поранешна фукција, соопшти компанијата доцна синоќа. Долгогодишниот шеф на Волво има 74 години и ќе врши функција на привремен извршен директор. „Назначувањето на Самуелсон создава стабилност, до наоѓањето постојан наследник“, соопшти компанијата по седница на управниот одбор.
Огромни предизвици за Волво
Шведскиот производител меѓу редови ја наведува причината за ненадејната смена. Роуен беше назначен за извршен директор во 2022 година и постигна неколку добри години за бизнисот на Волво Карс. Шведската марка сепак се наоѓа пред големи стратешки предизвици.
Смената на раководството ја поттикна Ерик Ли (Ли Шуфу), претседател на матичниот концерн Џили Холдинг и Џили Аутомотив, воедно и претседател на надзорниот одбор на Волво Карс. „Се радуваме што на Хакан Самуелсон повторно му посакуваме добредојде како извршен директор“, изјави Ли.
Самуелсон, извршен директор на Волво од 2012 до 2022 година, доби огромни почести. Ли Шуфу, претседателот на надзорниот одбор, во соопштението кажува дека „тој раководеше во децениите на најголемата транформација и раст на Волво Карс – тој ја ревитализираше марката, освои нови пазари и успешно го спроведе пристапот на берзата“.
Во соопштението понатаму, Шуфу наведува дека „тој претставува редок спој од стручност за браншата, личност со јасна стратегија и докажана моќ како раководител, и целосно го познава нашиот концерн. Бидејќи браншата влегува во уште посложена фаза, веруваме дека неговото искуство и неговата смирена рака е тоа што ни е потребно, за да ја зајакнеме позицијата на Волво Карс во светот и да ослободиме нов потенцијал.“
Тоа значи и дека Ли Шуфу очигледно изгубил доверба, дека досегашниот извршен директор Роуен е во состојба со сигурна рака да управува со понатамошната транформација на Волво Карс.
Самуелсон: „Со голема почит кон предизвиците“
За своето враќање во шефовската фотелја, Самуелсон кажа: „Автомобилската индсутрија се наоѓа под притисок од сите страни. Чест ми е, во таков решавачки момент да се вратам во Волво Карс.“
Тој пристапува „со голема почит кон предизвиците“. Меѓу главните задачи, Самуелсон гледа подобрување на конкурентноста и соочување со нови предизвици на клучните пазари, како и забрзување на реализацијата на стратегијата. Тука повторно станува јасно дека Ли Шуфу не бил задоволен од работата на досегашниот шеф Роуен.
[the_ad id=”85764″]
Ли во соопштението му заблагодари на Роуен за неговиот „важен придонес“ за развојот на компанијата. Роуен ја забрзал трансформацијата на Волво Карс во производител на автомобили што се потпира на софтвер.
Сите се изненадени во Волво
Познавачите на состојбите во Волво Карс беа крајно изненадени од смената на раководството, доцна вечерта во неделата. „Збунети сме. Ништо не навестуваше дека тоа ќе се случи“, кажува инсајдер.
Ли Шуфу отсекогаш имаше големо разбирање за Самуелсон, кој постигна голем напредок на Волво Карс. На повеќето менаџери од висок ранг во компанијата сепак им олесна кога Самуелсон во 2022 година му го препушти кормилото на Роуен.
Во последниот период, Самуелсон честопати предизвикуваше големо незадоволство во управата на компанијата, донесувајќи одлуки без согласност на мнозинството.
Во 2024 година, Волво Карс ја постигна финансиски најдобрата година во близу стогодишната историја на компанијата. Прометот и добивката достигнаа рекордни вреддости. Роуен сепак предупреди дека 2025 ќе биде година на големи предизвици.
Најголемиот единечен пазар на Волво Карс, САД, може да стане голем проблем за марката. Во САД постои фабрика на Волво, меѓутоа главнината од возилата што се продаваат во земјата, се увезуваат и со тоа подлежат на високи царини.















