Од 3-ти април, за сите увезени автомобили во САД ќе се плаќа дополнителна царина во висина од 25 проценти. Најдоцна до 3-ти мај, истата царинска стапка ќе важи и за деловите за автомобили. Браншата е под силен притисок.
Дури и домашните производители, како Џенерал Моторс и Форд, го користат тоа што производството во соседните земји е поевтино. Европските производители се погодени уште повеќе, посебно тие што не произведуваат во САД. Дали постојат марки што ќе имаат корист од царините?
Единствено Тесла и Ривиан ги произведуваат локално сите свои возила за пазарот во САД
Во најдобра позиција се пред сé производителите на автомобили што целата или барем главнината од својата продажба во САД ја постигнуваат со автомобили што се произведуваат локално. Домашна продукција од 100% имаат единствено Тесла и Ривиан.
Тесла располага со две фабрики во САД, едната во Фремонт, Калифорнија, другата во Остин, Тексас. Ривиан, ривал на Тесла на пазарот на електрични автомобили и партнер на Фолксваген, исто така сите свои возила што ги продава во САД ги произведува во земјата.
Во релативно добра позиција се и традиционалните производители на автомобили во САД, како Форд, Џенерал Моторс и Стелантис, со своите марки Џип и Рам. Но, исто и Јапонците произведуваат во САД голем број од возилата што ги продаваат во земјата. Хонда, Нисан и Субару, на пример, продаваат во САД повеќе возила од локално производство, отколку што увезуваат. Уделот на домашното производство во нивната продажба е дури и поголем отколку уделот на домашниот Џенерал Моторс.
Од германските производители, добро се позиционирани БМВ (48% удел на домашното производство) и Мерцедес (43% домашен удел). Сличен удел постигнуваат Џенерал Моторс и Тојота.
Во поинаква ситуација е Фолксваген, првенствено за своите премиум марки Ауди и Порше. Целата продажба на моделите од двете марки се постигнува со возила што се увезуваат во САД.
Шефот на Ауди, Гернот Делнер, кој има план годинава да постигне раст во продажбата, првенствено во САД, треба да реши до завешетокот на годинава дали ќе почне да произведува во земјата. Опција е да се користи фабриката на Фолксваген во Чатануга, Тенеси, каде што во моментов се произведуваат само модели на матичната марка на концернот.
Конкурентите мораат да ги зголемат цените
Ривиан и Тесла ги немаат овие грижи. Тие ги произведуваат во САД сите возила што ги продаваат таму и не се оптоварени со царини. Тоа им дава поголема слобода да ги одредат цените и ќе им биде од голема помош за продажбата во САД. Со царините е сосем извесно дека нивните конкуренти ќе морат да ги зголемат цените на своите возила за тамошниот пазар.
Тесла сепак нема да мине неошетена
Илон Маск, извршниот директор на Тесла, коментираше на својата мрежа Икс: „Царините сепак имаат големо влијание врз Тесла.“
Тој говори за деловите што се вградуваат во возилата на Тесла и што се увезуваат во САД. Најдоцна на 3-ти мај, царините ќе важат и за деловите што доааѓаат од добавувачите во странство. Во зависност од моделот, 25 до 40 проценти од деловите што се вградуваат во автомобилите на Тесла се увезуваат во земјата, пред да се вградат во фабриките во САД.
[the_ad id=”85764″]
Тесла и покрај тоа ќе биде во предност пред конкуренцијата. Царините за делови ќе важат за сите производители со фабрики во САД, што ги увезуваат деловите од своите добавувачи. Тоа значи дека и нивните возила ќе мора да поскапат соодветно. Компаниите сепак имаат на располагање околу еден месец, доколку можат да го преселат производството на компоненти во САД.
Тесла и Ривиан во секој случај ќе можат да понудат пониска цена
Тоа што е сигурно: Царините нема да имаат толку штетно влијание врз Тесла и Ривиан, како врз останатите марки, што увезуваат готови возила. Нивните цени ќе пораснат, но не во толкава мера како кај конкуренцијата. Тоа ги става во многу поповолна ситуација.
Цената е пресуден фактор, меѓутоа не и единствен фактор што решава околу изборот на автомобилот. Несомнено е дека царините ќе го сменат пазарот во земјата.
















