за

Зошто Фолксваген вложува 5 милијарди долари во Ривиан, конкурентот на Тесла?

Фолксваген основа заедничка компанија со Ривиан, производител на електрични автомобили од САД, и во неа ќе вложи до пет милијарди долари.

Шефот на Ривиан, Ар Џеј Скаринџ, ги добива парите што насушно ѝ се потребни на компанијата, додека Фолксваген добива технологија за возврат.

Германскиот концерн очекува соработката со Ривиан да му донесе напредок во едно подрачје, коешто со години му предизвикува потешкотии на Фолксваген: Во софтверот.

Фолксваген за своите електрични автомобили ќе добие помош од предизвикувачот на Тесла, Ривиан, и за тоа ќе плати милијарди. Најголемиот европски производител на автомобили ќе потроши до пет милијарди долари и заеднички ќе развива техника за идните модели.

Тоа е добредојдена финансиска инјекција за Ривиан. Фирмата долго време ја пишува финансиската состојба со црвени бројки, а во моментов се соочува и со забавена побарувачка за електрични автомобили во САД. По објавувањето на веста, акциите на Ривиан пораснаа за близу 50 проценти. Претходно, акциите беа во постојан пад.

Се работи за софтвер

Соработката се сведува на само неколку подрачја: Софтвер, контролни компјутери и архитектура на мрежа. Главната вест: Фолксваген во новите модели што ќе се појават во втората половина од десетлетието, ќе користи технологија и софтвер од Ривиан.

Со овој чекор, автомобилскиот гигант всушност ќе заштеди огромна сума, место самостојно да ја развива техниката. Шефот на Ривиан, Ар Џеј Скаринџ во телефонска конференција во вторникот нагласи дека останатите подрачја, како што се батериите или погонската техника, не се дел од соработката.

За производителите да можат постојано да нудат нови функции, во автомобилите низ годините се насобираа сé повеќе контролни единици, а растеше и должината на каблите. Со пробивот на електричните автомобили, почна и трка за новата архитектура во возилата да се развива побрзо од конкурентите. Трката се води во две насоки: Техниката да се поедностави и да се стави нагласок на софтверот.

Фолксваген се соочуваше со потешкотии во самостојниот развој на софтвер

Ривиан уште од почетокот има развиено сопствена архитектура, во којашто електрониката во автомобилот е поделена на неколку зони, а секоја зона се раководи од сопствен компјутер. Во првата генерација биле потребни само 17 контролни единици, кажува Скаринџ. Во втората генерација, нивниот број е сведен на седум.

Фолксваген со години мораше да се соочува со проблеми во самостојниот развој на софтвер за електричните автомобили. Поради тоа мораше да се одложи почетокот на продажбата на голем број важни модели. Скаринџ во вторникот посочи дека големите производители на автомобили со години наидувале на проблеми со сопствениот софтвер.

Причината за тоа, според Скаринџ, лежи во начинот на којшто производителите на автомобили со децении го организираа своето производство. Голем дел од техниката за вградување во возилата се нарачуваше од различни добавувачи, „поради што се постигна метеж од малечки компјутери, што секој посебно беше поврзан со точно одредена функција.“

Кога ќе се излезе од тој свет, производителите имаат големи проблеми да развијат архитектура според принципот на посебни зони, во коишто една контролна единица извршува повеќе функции. Ривиан стратешки ги распореди овие ЕЦУ (електронска контролна единица) во возилото, за да се скуси патот за пренос на податоците.

На Фолксваген му се погоди зделката

Ривиан е еден од неколкуте производители што користат таков вид на зонска архитектура во сериско производство. Тоа го поттикна интересот на Фолксваген.

Концернот досега има вложено десетици милијарди во самостоен развој на софтвер, така што зделката со Ривиан и вложувањето до пет милијарди долари дури ќе му донесе заштеда на Фолксваген.

Милијарди за заедничката компанија

Планот на Ривиан и Фолксваген предвидува заедничка компанија, во којашто ќе се врши развој за двата производители. На Ривиан дел по дел ќе му бидат исплатувани милијардите. Во почетокот ФВ купува конвертибилен бонд во вредност од една милијарда долари.

Фолксваген потоа ќе вложи уште една милијарда во заедничка лабораторија за развој. Во две транши, во 2025 и 2026 година, концернот ќе купи акции од по една милијарда, за потоа да одобри уште една милијарда како кредит.

Ривиан губеше милијарди

Фолксваген во последно време наидуваше на сé посериозни потешкотии за да продолжи со забрзаниот курс во насока на електромобилноста. Побарувачката во Европа забавува, во Кина е тешко да се продава во конкуренција со домашните производители. Концернот има намера да освои голем дел од пазарот на електрични автомобили во САД и веќе најави високи инвестиции во таа насока.

Ривиан во последното тромесечје испорача 13.600 електрични автомобили, постигнувајќи промет во висина од 1,2 милијарда долари и 1,45 милијарда долари загуба. Фирмата продава во два барани сегменти во САД: Големи СУВ и пикапи.

Ривиан воедно изработува електрични фургони за онлајн-гигантот Амазон, коишто во меѓувреме почнаа да возат и низ Европа. Најголемиот онлајн-трговец во светот исто така е инвеститор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јагуар Ланд Ровер притиска со лимитирани серии по баснословни суми

Новиот Соренто пречекан во Киа како знаменосец