за

Јагуар Ланд Ровер притиска со лимитирани серии по баснословни суми

ЈЛР има намера до 2026 година четирикратно да ја зголеми продажбата на возила од специјални серии, во споредба со лани.

Јагуар Ланд Ровер го зголемува бројот на модели од специјални серии. На сликата е Рејнџ Ровер Кармел

Јагуар Ланд Ровер најави дека ќе ја искористи „големата шанса“ и нивото на продажба на моделите од специјални серии ќе го доведе до вредност од 1,5 милијарда фунти.

ЈЛР цели до 2026 година речиси четирикратно да ја зголеми продажбата на моделите од специјалните серии од своите Рејнџ Ровер, Дефендер, Дискавери и Јагуар, коишто сега се водат како марки, во споредба со продажбата во 2023 година. Тоа пред инвеститорите го најави Ленард Хорник, комерцијален директор во ЈЛР.

На 3-ти јули, производителот ќе ја прикаже првата специјална серија од својот Дефендер, под името Окта. Во неа работи Ве-8 со моќност од 635 КС, но посебност претставува воздушната суспензија со сосема нова технологија што ќе ја користи моделот од специјалната серија. Според ЈЛР, тоа ќе биде „најцврстиот, најспособен и најлуксузен Дефендер“ што е произведен досега.

ЈЛР не ги открива цените за Окта, но за време на презентацијата на денот за инвеститорите, на 19-ти јуни, Британците посочија дека цените на малосериските модели од Дефендер може да се искачат и до 350.000 фунти, за примероците што ќе се изработат по посебна нарачка.

Компанијата соопшти дека примероците од лимитираните серии од новата генерација на целосно електрични модели на Јагуар, ќе го достигнат истото ценовно ниво.

ЈЛР ќе разликува шест нивоа на модели „хало стратеџи“, почнувајќи од возила што ќе чинат по 250.000 фунти, до возила изработени по посебна нарачка, што ќе чинат и преку 2,5 милиони фунти.

Во планот што им беше претставен на инвеститорите, моделите на Рејнџ Ровер може да достигнат цени до 1,5 милион фунти за блиндираните верзии.

Меѓу примероците од специјалните серии од Рејнџ Еовер што веќе им се нудат на купувачите се наоѓа моделот Садаф со мотор Ве-8, што чини 415.000 долари и изработен е во само 20 примероци, што се наменети за пазарите на Средниот Исток. Садаф е арапски збор за школка, а како инспирација за моделот има послужено традицијата во Персискиот Залив, за нуркање во лов по бисери.

Меѓу останатите модели во ограничена серија е Рејнџ Ровер Кармел, што е наменет за САД и чини 370.000 долари.

Хорник изјави пред инвеститорите дека хало-стратегијата е „голема можност“ за компанијата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

ЈЛР привлече зголемен обем на богати клиенти во последните години. Приходот на домаќинствата на купувачите на моделите на Рејнџ Ровер се зголемил за 27 проценти, објави компанијата во презентацијата, не наведувајќи ја временската рамка.

Стратегијата претставува клучен елемент од целта на ЈЛР да ја зголеми маржата на профит од 8,5 проценти, за минатата финансиска година што заврши во март, на 10 проценти во 2026 година, кажа директорот за финансии Ричард Молино на презентацијата за инвеститорите.

Во изминатите години, ЈЛР повеќе беше фокусиран на моделите Рејнџ Ровер, Рејнџ Ровер Спорт и Дефендер, коишто носат поголема добивка, и на тој начин се врати во зоната на профит.

Префрлувањето од подостапни кон поскапи модели донесе зголемување на просечната вредност по продадено возило, од 25.000 фунти во 2019 година, на 70.000 фунти во изминатата финансиска година.

ЈЛР е во процес на префрлување на марката Јагуар во полуксузниот и поскап сегмент, откако Британците ќе стартуваат со целосно нова понуда од модели, што ќе користат исклучиво електричен погон.

Новата целосно електрична лимузина треба да почне со продажба в година, со цена од преку 100.000 фунти. Со тој модел, Јагуар ќе се префрли во сегментот на ултралуксузни возила, во сегментот на Бентли, место како досега да им конкурира на Мерцедес, БМВ и Ауди. Подоцна во текот на годинава во САД ќе биде прикажан и концептен автомобил што ќе го најави идниот целосно електричен гран-туризмо модел на Јагуар.

Новата гама од целосно електрични автомобили ќе се состои од три модели, што ќе бидат конструирани на нова платформа што е наречена Јагуар Електрифицирана Платформа (ЈЕА).

Главниот дизајнер на ЈЛР, Гери Мекгауерн, во минатата година кажа дека моделите од специјалните серии на Јагуар ќе имаат важна улога во префрлувањето на марката во повисокиот ценовен сегмент. Постои голема веројатност дека за моделите од ограничените серии ќе се користи името Пантера.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера во Порше МК: „Новата Шкода Кодиак се опишува со еден збор, повеќе“

Зошто Фолксваген вложува 5 милијарди долари во Ривиан, конкурентот на Тесла?