за

Дефендер најавува 8-цилиндерска Окта, супертеренец насекаде

Дефендер на 3-ти јули првпат ќе ја прикаже новата Окта, којашто вози исклучително и по терен и по тркачка патека, секако со 8-цилиндарец, турбо.

Британската куќа на фините брендови најавува нова Дефендер Окта, како „херој со високи перформанси за сите терени“. Топ-изведбата на носечкиот модел на ЈЛР се тестираше буквално насекаде, и на Нордшјалфе, и во пустина во Дубаи.

Како ексклузивен модел, новата Окта прво ќе им се прикаже на избрани клиенти на затворени настани, па дури потоа пошироката јавност ќе дознае зошто ЈЛР крева толку врева околу новиот модел. Овие настани се осмислени со цел богатите клиенти со време да си резервираат и да си состават Окта, точно по желба и вкус.

Во првата година на производство ќе се испорачува само ограничен број примероци од Дефендер Окта на одредени пазари. Овие премиери од затворен вид ќе се одржат на седум места во светот: Две во Обединетото Кралство, во Германија, Италија, САД, Дубаи и Јапонија.

Британската марка го објави првиот видеозапис што прикажува сцени од тестирањето и развојот на моделот. Станува збор за проект на којшто инженерите и менаџерите беа посветени во изминатите три години. За тоа време, се проверуваше издржливоста, се возеше по најпредизвикувачки тркачки патеки, по беспаќа од светското рели, се пентареше по карпи.

„Најцврстиот, најспособен и најлуксузен Дефендер досега“

На настаните што се водат како Дефендер Елементс, пред избраните клиенти ќе биде објаснета техниката што ја поседува Окта и придобивките што таа ги носи. Тоа се однесува и на технологијата на амортизација 6-Д Динамикс.

Директорот Марк Камерон заклучува, „Дефендер ОКТА ќе биде синоним за совладување на епски авантури во возвишен луксуз. Авантурата почнува со настаните Дефендер Елементс. Секој настан и искуство го пренесува ДНК на иконскиот Дефендер, на автентичен и оригинален начин и со нетрпение чекам да им посакам добредојде на првите клиенти да го започнат своето патување со Дефендер ОКТА со нас.“

За моторот се наведува само дека станува збвор за Ве-8 со твин-турбо натполнење и благ хибриден погон.

Инженерите на Дефендер ОКТА изведоа 13.960 тестови, дополнително на стандардната процедура на Дефендер. Се проверуваше управливоста и издржливоста при екстремно брзо возење по Нордшлајфе, прочуениот 20-километарски „Зелен Рај“ во Нирбургринг, се возеше и по влажен асфалт во француски Ладу, по мраз во Шведска, по рели беспаќа во Ластур, Франција, по песочни дини во Дубаи, а секако и по славните карпите во Моаб, во сојузната американска држава Јута. Нормално, ОКТА се искачи и на сите екстремни патеки во Истнор, легендарниот тест-центар на ЈЛР, во ОК.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Шаоми порачува луѓе да си побараат е-автомобил кај конкурентите

Куќата поскапа од фирмата: Шефот на Фискер го продава луксузниот дом во Лос Анџелес