за

Шефот на Шаоми порачува луѓе да си побараат е-автомобил кај конкурентите

Пазарот одговори со неколкукратно повеќе нарачки за првиот електричен автомобил на Шаоми, отколку што очекуваше производителот. Купувачите мораат да чекаат долго, шефот на Шаоми им вели да се обратат кај конкурентските марки.

Производителот на електроника Шаоми, прочуен по телефоните, во март го претстави својот прв електричен автомобил. Моделот СУ7 наиде на исклучителна побарувачка. Шефот Леи Јун сепак порачува дека е подобро автомобил да се купи кај конкуренцијата. Што се случи?

Кинескиот прозводител на електроника Шаоми е познат по тоа што отсекогаш нудел врвна опременост по цена на средна класа. Секако дека тоа важи најмногу за телефоните. Затоа не зачудува тоа што светот со возбуда чекаше компанијата да стартува со својот прв електричен автомобил од сопствен развој. Тоа се случи на 28-ми март, кога Шаоми првпат излезе пред светот со својот СУ7. Потоа следеше лавина од нарачки.

СУ7 во моментов е достапен само во Кина, но и покрај тоа побарувачката за електричарот ги надминува предвидувањата за три до петпати. Во меѓувреме, на својот автомобил од Шаоми чекаат повеќе од 100.000 клиенти. Тие ќе чекаат многу подолго отколку што предвиде производителот.

Според првичните замисли, испораката на трите варијанти на СУ7 требаше да отпочне кон завршетокот на април и почетокот на мај. Место тоа, чекањето ќе трае 29 до 32 недели. Поради тоа, шефот на компанијата, Леи Јун, неодамна излезе во јавноста со крајно неочекувана препорака.

Шефот на Шаоми препорачува да се оди кај конкуренцијата

На кинеската друштвена мрежа Вајбо, извршниот директор на Шаоми им порача на заинтересираните купувачи за СУ7 да погледнат кај конкуренцијата, доколку не можат да се стрпат толку. Место да продолжи гласно да го рекламира својот автомобил, Леи Јун дури наведе точни модели од конкурентските марки, што тој ги цени како добра замена.

Одлична алтернатива би бил С7 од производителот Лаксид, што му припаѓа на концернот Хуавеј. Моделот ЕТ5 на Нио е вреден за внимание според директорот на Шаоми, исто како и Експенг П7.

Овие изјави се збунувачки и поради тоа што повеќето од марките што ги наведе Леи Јун немаат врски со Шаоми. Напротив, тоа се кинески производители на електрични автомобили, што се во непосредна конкуренција со концернот.

Се чини дека Шаоми го достигна лимитот

Тоа што шефот упатува автомобил да се побара кај конкуренцијата, сведочи за преоптовареноста на капацитетите со коишто располага Шаоми. СУ7 е распродаден за цела година, а производството е на максимум.

Навалицата по СУ7 е големо изненадување, затоа што станува збор за првиот ЕВ на Шаоми и производителот уште се нема докажано во тој сегмент. Од друга страна, моделот со почетна цена од 27.600 евра не е посебно поевтин од останатите возила во оваа категорија, вклучувајќи ја и Тесла Модел 3.

Засега не може да стане збор за какви било планови, СУ7 да се продава надвор од Кина.

Фабриката во којашто се произведуваат електричните автомобили на Шаоми

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Опел планира електричен автомобил за 25.000 евра

Дефендер најавува 8-цилиндерска Окта, супертеренец насекаде