за

Опел планира електричен автомобил за 25.000 евра

Извршниот директор Флориан Хутл го забрзува патот на Опел кон електрична марка. Риселсхајм има планови за достапен електричен модел, а има вести и за наследничката на Манта.

Во фабриката на Опел во Ајзенах. Новиот Грандленд се произведува на иста линија со претходникот.

Шефот на Опел верува многу во марката со којашто раководи. „2023 година беше најдобрата година во последните 20 години, а ќе го задржиме добриот курс на напредување и во 2024“, изјави тој во разговор за гласникот на германската автоиндустрија Аутомобилвохе. Хутл нема точни предвидувања за продажбата за годинава, затоа што состојбите се менуваат постојано. Тој сепак цени дека Опел се вбројува меѓу добитниците во времето на трансформацијата. „Тоа го знаевме и тоа понатаму ќе станува видливо сé повеќе“.

Без оглед на тековното забавување на пазарот на електрични авотмобили, Опел по 2028 година повеќе нема да продава нов автомобил со мотор со внатрешно согорување во Европа. „Во нашиот план, ништо не е сменето. Почнувајќи уште од 2025 година, секој нов модел на Опел што се пушта на пазарот, ќе биде целосно електричен модел“, сигурен е шефот на единствената германска марка во концернот Стелантис. „Тие модели веќе одамна се наоѓаат во развој. Силно сме убедени дека тоа е вистинскиот пат.“

Бројките го поткрепуваат тоа што го кажува Хутл. Во минатата година, продажбата на Опел ширум светот се зголеми за 15 проценти, на 670.000 возила. Само Корса напредуваше во Европа за 15 проценти и според аналитичарите на Јато е на шестото место на најпродавани модели на европскиот пазар – пред Фолксваген Голф и пред Шкода Октавиа. Силно уверување за електричната стратегија доаѓа и од електирчните модели. Во 2023 година, продажбата на батериски електрични возила пораснала за 22 проценти, на 90.000 примероци.

Не беше сé толку сјајно. Кросоверот во важниот Б-Сегмент, Кросленд, лани беше меѓу моделите со најголем пад во продажбата, на ниво на сите марки. Опел веќе одговори на тоа и името Кросленд повеќе не е присутно во понудата на Германците. Кон завршетокот на годинава, на нејзино место доаѓа компактната Фронтера.

Нова генерација на Фронтера доаѓа на местото на Кросленд

Нови пазари на повидок

Шефот на Опел гледа напредоки во тоа што марката повеќе не е толку зависна од европскиот пазар. По шест години отсуство, Опел од минатиот ноември повторно се продава на алжирскиот пазар. Продажбата надвор од ЕУ лани се зголемила за 62 проценти, на 101.000 возила.

Најголемиот предизвик за Опел, исто како и за останатите големоволуменски марки од Европа, секако дека е натпреварот со кинеските производители. Тоа важи посебно во трката за ЕВ со цена што е достапна за поширокиот пазар. Опел мора уште многу да работи на тоа, кажува Хутл.

„Нашата цел е автомобил за 25.000 евра.“ Таа цел се совпаѓа со ценовното подрачје во коешто и шефот на марката Фолксваген, Томас Шефер, сака да понуди модел. Хутл сепак не открива кога би можело да се очекува таков модел. „Нашиот основен електричен модел ќе дојде со следната генерација на платформата, што тогаш ќе биде наменета само за електричен погон. Во моментов сме во средината на развојот.“

Додека на основниот модел веќе се работи, „оберлигата“ е покриена слабо. Новиот Грандленд од горниот Ц-сегмент, засега останува врвен модел на марката. Но, тоа ќе се смени во видно време, најавува Хутл.

Манта ГСе: Опел работи на наследничката – но не мора да значи дека тоа повторно ќе биде купе.

Напредок кај електричната Манта

„Проектот Манта напредува“, кажува шефот и со тоа ги отфрла гласините дека е откажана намерата за враќање на Манта. „Работиме на проектот и остануваме на него, затоа што сме убедени, дека тоа што еднаш се покажало добро, ќе им биде важно на луѓето и во иднина: Станува збор за емотивен автомобил, со историја што поттикнува чувства. Во иднина, секако дека тоа ќе биде на струја.“ Новата Манта сепак не мора да биде купе. „Овој автомобил не е копија на предокот од историјата. Тоа ќе биде автомобил за широка целна група. Но, бидете сигурни дека пристапуваме со полна почит кон нашата историја.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БМВ ќе вложи уште 2,5 милијарди евра во Кина

Шефот на Шаоми порачува луѓе да си побараат е-автомобил кај конкурентите