за

MR2 со 600 КС: Црната ѕверка на Toyota за рели

Toyota MR2 (222D)
Toyota MR2 (222D)

На фановите на Toyota и на релито совршено им е јасно зошто новиот GR Yaris толку ја зоврива автомобилската сцена. Јапонската марка во средината на 1980-те години правеше голем „неред“ во светското рели. Пред три години, Toyota се врати по долга пауза и со Toyota WRC ја понесе шампионската титула во конкуренција за производители во 2018, за една година подоцна да го добие и шампионскиот возач во релито.

Традицијата на Јапонците во релито трае подолго од 60 години. Во сета таа богата историја, само еден автомобил не доби шанса да се докаже. Кога одделението за мотоспорт на Toyota, со седиште во германскиот град Келн, во 1985 година го подготви на новиот болид за трки за претстојната сезона, ФИА ненадејно ја укина врвната категорија во светското рели. Автомобилот за којшто станува збор е Toyota MR2, со код 222D, со средишен мотор. Тркачките власти буквално ја забранија категоријата во којашто требаше да учествува бесната MR2.

Двоседот уживаше висок углед и во стандардната верзија, иако за „стандардно“ не може да се зборува кај автомобил со мотор веднаш зад седиштата. MR2 беше автомобил, буквално скроен по мера, воедно и најпродаван јапонски автомобил со таква погонска конфигурација. Со совршена распределба на тежината меѓу оските и со класичен заден погон, овој компактен и лесен спортист беше предодреден да победи во секој двобој на мотоспорт-арената. Затоа инженерите во Келн се впуштија во подготовка на тркачката верзија 222D по една година од стартот на купето со преклопливи предни светла.

New item by Automedia MK / Google Photos

Кралската класа во релито ги доживеа најдобрите времиња во средината на 1980-те години, со прочуената и озлогласена Група Б. Со совршен баланс, неверојатна моќност и нов 2,1-литарски мотор со сув картер, секако и со погон на сите тркала, тркачката верзија 222D имаше најдобри шанси да постигне висок пласман во новата група С, кога во февруари 1985 година официјално започна нејзиниот развој. Групата С требаше да ја замени Група Б, без условот да се произведе мала и прескапа серија од 200 примероци, заради хомологација на серискиот модел за трки.

Рели-монструмот од Toyota за групата С само неколкупати се појави во јавноста, пред да исчезне во халите на одделението за мотоспорт во Келн

Пред ФИА да ја укине серијата, поради многуте жртви, монструмскиот MR2 мина неколку тестирања во Европа и Јапонија. Toyota потоа го прикажа тркачкиот прототип на Toyota MR2 на неколку големи салони, по што тој заврши во музејските хали на куќното одделение за мотоспорт во Келн.

New item by Automedia MK / Google Photos

Вообичаено за тие времиња, Toyota долго време не ги откриваше перформансите на болидот. Околу тоа многу се шпекулираше во јавноста, се додека Јапонците по неколку години не ги открија деталите. Тркачкиот 222D нема речиси ништо заедничко со серискиот MR2. Основата на рели-болидот од 750 килограми ја сочинува цевна рамка. Како класична слика од тогашното рели, назад нема обичен капак, туку целиот опаш на автомобилот се подигнува.

Моторот со турбонатполнење располага со најмалку 600 КС и вртежен момент од 640 њутнметри. Возачот преку посебен прекинувач може да избира погон на сите тркала или само назад. Притисокот на натполнење исто така може да дотерува без степени, меѓу 1,3 и 1,5 бар, директно од возачкото седиште. Соодносот меѓу тежината и моќноста е како кај ултимативните спортски машини од денешницата, со вредност од 1,25 килограми на една КС.

Оваа традиција наскоро ќе ја продолжи новиот GR Yaris, за когошто веќе се започнати нарачките на неколку големи пазари.

Технички податоци · Toyota MR2 (222d)

New item by Automedia MK / Google Photos
  • Мотор: 4 цилиндри, 16 вентили, турбо
  • Притисок на натполнење: Меѓу 1,3 и 1,5 bar
  • Зафатнина: 2.090 cm³
  • Моќност: 441 kW/600 КС
  • Вртежен момент: 640 Nm
  • Менувач: Мануелен 5-степен менувач
  • Празно возило: 750 kg
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ferrari продолжува со производство во Маранело на 14-ти април

Ferrari продолжува со производство во Маранело на 14-ти април

Загаденоста на воздухот опаѓа откако мирува сообраќајот ширум Европа

Загаденоста на воздухот опаѓа откако мирува сообраќајот ширум Европа