за

Загаденоста на воздухот опаѓа откако мирува сообраќајот ширум Европа

Загаденоста на воздухот опаѓа откако мирува сообраќајот ширум Европа
Загаденоста на воздухот опаѓа откако мирува сообраќајот ширум Европа

Податоците од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажуваат значителен пад во загаденоста на воздухот. Тоа важи особено за концентрацијата на азотните оксиди.

Од Агенцијата објаснуваат дека тоа во најголем дел се должи на намалениот сообраќај и останатите активности, особено во големите градови, по воведувањето полициски час. Во одредени градови дури е измерено преполовување на присуството на штетни материи. Податоците се обновуваат секој час и пристигаат од околу 3.000 мерни станици кои се поставени во европските држави.

Агенцијата добила бројни прашања околу влијанието на строгите ограничувања, што се воведени со цел да се ограничи ширењето на вирусот корона, врз квалитетот на воздухот ширум Европа.

Податоците од ЕЕА даваат точна слика за намалувањето на загаденоста на воздухот, особено поради намалениот сообраќај во градовите. Решавањето на проблемите со квалитетот на воздухот на долг рок сепак бара амбициозни мерки и големи инвестиции.

Ханс Брујнинкс, извршен директор на ЕЕА

Мерењата во последните неколку седмици го покажуваат големиот пад во концентрацијата на азотни оксиди, како загадувачка материја што првенствено доаѓа од патниот транспорт. Таков пример има во голем број градови во Италија:

  • Во Милано, просечната концентрација на азотни оксиди во последните четири седмици е намалена за најмалку 24% во споредба со претходниот четиринеделен период. Просечната концентрација во седмицата од 16-ти до 22-ри март била за 21% пониска, отколку во истата седмица во 2019 година.
  • Во Бергамо се бележи постојано опаѓање на загаденоста со азотни оксиди во последните четири седмици. Просечната концентрација во седмицата од 16-ти до 22-ри март била за 47% пониска, отколку во истата седмица во 2019 година.
  • Во Рим, просечната концентрација на азотни оксиди во последните четири седмици била пониска меѓу 26 и 35 проценти во споредба со истите седмици лани.
Слични трендови се забележуваат и во останатите европски градови, во коишто е воведен полициски час, во седмицата од 16-ти до 22-ри март.
  • Во Барселона, просечното ниво на азотни оксиди опаднало за 40% меѓу две седмици. Во споредба со истата седмица во 2019 година, намалувањето изнесува 55 проценти.
  • Во Мадрид, просечното ниво на азотни оксиди опаднало за 56% меѓу две седмици. Во споредба со истата седмица во 2019 година, намалувањето изнесува 41 проценти.
  • Во Лисабон, просечното ниво на азотни оксиди опаднало за 40% меѓу две седмици. Во споредба со истата седмица во 2019 година, намалувањето изнесува 51 проценти.

Изложеноста на загаден воздух може да предизвика здравствени последници, вклучувајќи респираторни и кардиоваскуларни заболувања. Лекарите предупредуваат дека граѓаните што имаат претходни заболувања, на пример респираторни болести, се во поголема опасност да бидат заразени со Ковид-19. Моментно не постојат еднозначни заклучоци, дали изложувањето на загаден воздух може да ја влоши состојбата на заразените со вирусот. За таа цел се неопходни натамошни епидемиолошки истражувања.

Податоците од мерните станици во Македонија не се земаат предвид од страна на ЕЕА. Во последните неколку денови беше забележано нагло зголемување на загаденоста на воздухот во Скопје, главно во ноќните часови, иако сообраќајот мирува целосно. Како и вообичаено, отсуствува стручно и издржано толкување околу овој хроничен проблем. На мапата на европската агенција се прикажуваат податоците од Ниш и Белград, во соседна Србија, но не и од македонските мерни станици.

Состојба на загаденост со PM10 во период од 20-ти до 27-ми март 2020 година во Скопје и во истиот период лани

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota MR2 (222D)

MR2 со 600 КС: Црната ѕверка на Toyota за рели

Alfa Romeo Montreal

Alfa Romeo Montreal одбележува 50-годишнина