за

Ford го претстави новиот Focus ST – отсега и во дизел верзија

Focus ST доби силна конкуренција и тоа од сопствените редови. Ford за прв пат го нуди спортскиот модел и во верзија со дизел мотор со 185 КС. Бензинецот и натаму вози со 250 КС.

На познатиот „Фестивал на брзината во Гудвуд“ Ford го претстави фејслифтот на Focus ST, чија што продажба на поголемите пазари во Европа ќе стартува наесен. Дизелот со 185 КС не е единствениот новитет во гамата на култниот модел. ST отсега ќе се нуди и со каросерии со пет врати и како комби модел.

Ford Team RS, задолжен за развој на спортските модели во Европа, за фејслифтот на Focus ST вгради нови пружини на предната оска, како и ново дотерување на амортизерите напред и назад, со цел и натаму да се подобри тоа по што моделот е најмногу ценет во конкуренцијата – возните својства. Во истата насока се преработени и електричното сервоуправување и контролната електроника на моторот. Преносот во управувањето е подиректен, ЕЅР реагира почувствително при брзи промени на правец, преработена е електронската распределба на вртежниот момент меѓу погонските тркала заради подобра тракција во свијоци и на бандажите од 19 инчи се монтирани специјални гуми Michelin.

Нови елементи во дизајнот на каросеријата се тесните  светла, правоаглестите магленки и хаубата со динамични форми. Предниот браник и маската се поголеми, додека нискиот заден браник на нагласува ширината на ST. Во каросерискиот кит спаѓаат и странични прагови, заден дифузор и нов спојлер на покривот. Двојниот издувен систем, којшто е заеднички за обете верзии на мотори, излегува во средината. За изгледот да биде уште повпечатлив може да се доплати за црна основа на светлата, амблеми ST и бандажи од 19 инчи со нов дизајн специфичен за ST. Ексклузивно за спортскиот Focus е достапна темносина боја, покрај редовните бела, црвена, како и металик сина, жолта и црна боја.

Арматурната табла е иста како кај стандардниот Focus, поедноставна за ракување и со помалку прекинувачи. Препознатливите три инструменти за притисок на натполнење, за температура и за притисок на масло не отсуствуваат ниту кај новакот. Делови од спортскиот пакет се и воланот, рачката на менувачот со хромирана глава, осветлените прагови од алуминиум и спортските седишта Recaro.

Откако првата генерација беше претставена во 2002 година, досега се продадени преку 140.000 примероци од Focus ST во 40 држави. Цените ќе бидат познати при почетокот на комерцијализацијата наесен.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Болничката документација на Шумахер украдена и на продажба

Најпродаваните автомобили во Европа во мај