за

Укинувањето на Ford Fiesta и Focus покажува колку се тешки промените во браншата

Ford повеќе нема да ги произведува Focus и Fiesta, што е најверодостоен пример за тоа, колку преоѓањето на електрични возила и големата улога на софтверот претставуваат шок за производителите што и понатаму им се посветени на моторите со внатрешно согорување.

ford fiesta st
ford fiesta st

Автомобилското производство прерасна во индустрија што бара огромни вложувања, а враќа само малку. Најдобар пример за тоа е Ford Fiesta. Моделот постои близу половина век на европскиот пазар и се вбројува меѓу најпопуларните модели. Пред помалку од една деценија, Ford објави дека Fiesta е најпродаваната моделска серија на сите времиња во Обединетото Кралство.

Пред завршетокот на минатата година, Ford се збогуваше со Fiesta. Во 2025 година, истата судбина го чека компактот Focus. Досега има безброј објави во коишто се наведува, колку преоѓањето на батериски електричен погон и растечкото знаење на софтверот, влијаат лошо врз производителите на автомобили, што повеќе им се посветени на традиционалните мотори со внатрешно согорување.

Fiesta и Focus се најверодостојните примери за оваа пресвртница што одамна се предвидува.

Сé почна во 2018 година, кога Ford донесе радикално решение, за повеќе да не нуди модели во сите класи, сведувајќи ја моделската понуда само на автомобилите со високи перформанси на коишто постигнува повисока маржа, на пример Mustang.

За да обезбеди финансии и да почне со развој на електрични автомобили со напреден софтвер, Ford мораше да вложува во СУВ и пикапи, кои всушност му носат пари на американскиот производител.

Оваа трансформација не успеа во Европа, каде што пикапите не се толкав феномен во продажбата, како во САД, и каде што продажбата се темели главно врз градски и компактни модели.

Осум од 11-те најпродавани модели во Европа во минатата година беа градски модели. Најпродаваниот модел Peugeot 208 и вицешампионот Dacia Sandero беа единиствени модели што надминаа 200.000 продадени примероци. Најголемиот број од останатите модели достигнаа околу 100.000 возила.

Се смени соодносот меѓу производителите. Европа има седум големоволуменски марки, што постигнуваат пазарен удел меѓу 4,5 и шест проценти од пазарот.

Европските држави стравуваат дека и други производители на автомобили ќе ги следат стапките на Ford и ќе одлучат дека не се исплатува да конкурираат во сегментите во коишто им е мала заработката.

Ford воведува други модели во фабриката во којашто се произведуваше Fiesta, но за фабриката во Сарлуис, Германија, повеќе нема иднина, откако таму
ќе престане производството на Focus.

Работничкиот синдикат од металопреработувачката индустрија IG Metall соопшти дека Ford планира да скуси 3.200 работни места во Европа, како и да пресели дел од развојот на модели во САД. Во фабриката во Сарлуис, за своите работни места стравуваат 4.500 работници.

Ford во јуни лани реши да произведува електрични автомобили во Валенсија, Шпанија, место во Сарлуис. Таа одлука во голем дел произлезе од фактот што лидерите на синдикатот во Шпанија понудија поконкурентни плати, кажуваат лица што се упатени во работењето на компанијата.

Компанијата преговара со околу 15 потенцијални инвеститори за фабриката во Сарлуис. Меѓу нив се вбројува и кинескиот BYD, кажуваат изворите чијшто идентитет не се открива, поради тоа што станува збор за приватни разговори.

Ford во октомври лани објави двеминутно видео, за збогувањето со Fiesta. Дедото во видеото раскажува за автомобилот: „Таа некогаш возеше брзо, некогаш бавно, но секогаш возеше. И така, до денот кога таа престана да вози. Но, причината за тоа не беше дека таа не можеше или не сакаше да вози, туку дека таа ја заврши својата задача“. Во следниот кадар во видеото се покажува гаража, во којашто се појавува електричен Ford и полнач на ѕидот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Индиска Tata ќе гради фабрика за батерии во Шпанија или Британија

Еуро 7 стапува на сила во 2025 тешко за моторите

Производителите градат отпор против нормата Еуро 7