за

Индиска Tata ќе гради фабрика за батерии во Шпанија или Британија

Tata бара локација во Европа за изградба на фабрика за батериски ќелии, што ќе се користат за електричните модели на Jaguar Land Rover.

Tata Motors планира да изгради фабрика за батериски ќелии за електрични возила во Шпанија или во Британија, дознава Ројтерс од лице што е упатено во плановите на индиската компанија.

Директорот за финансии на Tata Motors, П.Б. Балаџи, во јануари изјави дека компанијата планира да изгради фабрики во Индија и во Европа, во коишто ќе произведува батериски ќелии што ќе се вградуваат во електричните возила.

Фабриката во Европа би испорачувала батерии за Jaguar Land Rover, коишто се дел од Tata Motors и произведуваат возила во Обединетото Кралство и во Словачка.

Tata им соопштила на шпанските власти, дека размислува Шпанија или Британија да бидат избрани како локациja за фабриката за батерии во Европа. Информацијата доаѓа од извор чијшто идентитет не се открива, поради чувствителноста на темата.

Tata ѝ дава предимство на Шпанија, што Европската Унија ја избра за да вложува средства од фондот за ублажување на последиците од пандемијата, наменети за промовирање на електричните возила и за производство на батерии. Голема предност на Шпанија е самиот факт што таа е членка на Унијата, за разлика од Велика Британија, којашто ја напушти истата.

Како можна локација што Tata ја разгледува во Шпанија е индустрискиот комплекс во градот Зуера, во близина на Сарагоса во североисточниот дел на Шпанија. Тоа е воедно истата локација, на којашто Volkswagen веќе почна да гради фабрика за батерии.

Претставници на Тata од Индија и Британија учествувале на заеднички средби со претставници од регионалните власти на Арагонија, па дури имало и посета на можната локација.

Како земја што е втора по бројот на произведени возила по Германија, Шпанија во 2021 година започна амбициозна програма, со цел да привлече инвестиции во делот на електричните автомобили, главно со користење фондови на ЕУ

Тоа се цени дека беше пресудно за Volkswagen да ја графи фабриката за батерии во Шпанија, како и да произведува електрични автомобили во земјата. Од 2026 година, фабриката за батерии на Volkswagen ќе испорачува батериски ќелии за фабриките во Марторел и во Памплона. Во овие фабрики ќе се произведуваат мали автомобили со електричен погон за марките VW, Audi, Cupra и Skoda.

Програмата во минатата година сепак привлече само 877 милиони евра од вкупниот буџет во висина од 2,9 милијарди евра, поради технички и административни недоследности, посочуваат од владата.

Преостанатите фондови ќе се распределат во нови фази, коишто можат да ги искористат новите кандидати, вклучувајќи ја и индиската Tata.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германија: Со смалените субвенции се смали и продажбата на електрични автомобили

ford fiesta st

Укинувањето на Ford Fiesta и Focus покажува колку се тешки промените во браншата