за

Германија: Со смалените субвенции се смали и продажбата на електрични автомобили

По декемврискиот рекорд, бројот на новорегистрирани автомобили во Германија во јануари бележи пад во споредба со истиот месец лани.

Јануарскиот пад во продажбата на автомобили на германскиот пазар сепак не е предизвикан од намалената побарувачка, туку од поттикнатата забрзана продажба пред завршетокот на 2022 година, поради најавеното намалување на субвенциите за електрични автомобили.

Во јануаримна најголемиот автомобилски пазар во Европа се продадени 179.247 нови патнички автомобили. Тоа се 2,6 проценти или 4.900 возила послабо во споредба со првиот месец лани.

Во споредба со просечната продажба во јануари, во периодот од 2015 до 2019 година, којашто брои 241.400 нови возила, годинава почнува со минус од близу 26 проценти.

По 2021 година, тоа е втора најслаба јануарска продажба по соединувањето на Западна и Источна Германија во 1990 година. Смалената продажба сепак не води кон заклучокот дека побарувачката за возила е смалена поради високата инфлација, туку е резултат од забрзаното регистрирање нови возила во декември лани. Уште во ноември почна нагло да се зголемува бројот на новорегистрирани автомобили, поради претстојното намалување, односно укинување на субвенциите за електрични и приклучни хибридни автомобили од почетокот на годинава.

Приклучните хибридни автомобили во јануари имале продажба пониска за 52,3 проценти во споредба со првиот месец лани и пазарен удел од 4,9 проценти. Тоа е најслаба продажба во споредба со средината на 2020 година. За споредба, нивниот пазарен удел во декември изнесувал 22 проценти.

Батериските електрични автомобили изгубиле 13,2 проценти во споредба со ланскиот јануари. Уделот од 10,1 проценти е најнизок од почетокот на 2021 година. Во декември, тие учествуваа со повеќе од 33 проценти во вкупната продажба на возила.

Дизелите постигнале 39.230 нови регистрации и се 1,2 процент во минус во споредба со јануари 2022 година. Нивното пазарно учество во јануари изнесува 21,9 проценти, наспроти 21,6 проценти лани. Тоа е најнизок удел на дизелите од мај 2021 година.

Автомобилите што имаат само бензински мотор се продадени во 69.922 примероци (плус 3,5 проценти), што одговара на пазарен удел од 39 проценти.

Во 2022 година во Германија биле произведени 884.600 електрични автомобили, од кои 585.000 се батериски електрични автомобили, додека останатите 299.600 возила се приклучни хибриди. Тоа значи дека еден од секои четири произведени возила лани имал електромотор во погонската спрега

Како што јавуваат од Здружението на германската автомобилска индустрија, во јануари во фабриките во Германија се произведени 329.000 автомобили, што е А 31 процент повеќе отколку пред една година. Од тоа се извезени 227.400 автомобили, што е плус од 26 проценти. Во споредба со 2019 година, пред пандемијата, во јануари се произведени 12 проценти помалку патнички автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche ја забрзува електрификацијата, 911 последен ќе биде пуштен на струја

Индиска Tata ќе гради фабрика за батерии во Шпанија или Британија