за

Porsche ја забрзува електрификацијата, 911 последен ќе биде пуштен на струја

Porsche притиска на електрификацијата, во сите моделски серии ќе проработи електромотор. Има новини дури и за иконскиот 911, доаѓа и освежен Cayenne.

Кога треба да се изведат колку е можно повеќе варијанти од еден модел, не постои марка што е повешта во тоа од Porsche. Дури и тие што се ценат како добри познавачи може да пропуштат да набројат некоја моделска изведба. Во моделската серија на првиот од сите Porsche-модели, на 911, постојат дури 25 различни варијанти.

Уште една варијанта доаѓа во гамата на Porsche 911, што значи дека таа наскоро ќе брои вкупно 26 различни изведби. Најновиот прираст доаѓа во форма на Porsche 911 Dakar. Спортскиот автомобил што се вози по терен е најнеобичната замисла што Porsche ја има пуштено во сериско производство досега. Со овој автомобил навистина можѓе да се извози долга тура надвор од асфалтот, па дури и по пустина. Porsche ја ограничи продукцијата на 2.500 примероци. Сите се продадени.

Во меѓувреме се подготвува и моделската изведба Бр. 27. На италијанската патека за супервисоки брзини Нардо, вози Porsche 911 ST. Тој исто така е планиран да биде пуштен во продажба годинава, како замена за 911 R. Кратенката ST потекнува од 1970-те години, кога постоеше 911 S, и негова варијанта со смалена тежина и додаток T. Германските инженери му го вградија на 911 ST атмосферскиот шестцилиндарец од GT3 RS, па уште и засилен на 525 КС.

Атмосферските мотори им се посебно омилени на вљубениците на Porsche. Но, тие ќе мора да се подготват за денот кога Porsche повеќе нема да нуди мотор без турбонатполнење во својата гама. Поради строгите ограничувања што ги носи Еуро 7, дури и RS-верзиите на 911 ќе мора од 2024 година да го заменат атмосферскиот со мотор со турбонатполнење.

New item by Automedia MK / Google Photos

Porsche постојано нагласува дека 911 ќе биде последниот модел од марката, што ќе биде префрлен да вози на струја. На пат дотаму, иконскиот спортски автомобил в година сепак ќе доживее делумна електрификација. Причината за тоа исто така е идната норма Еуро 7. Во менувачот ќе биде вграден електромотор. Неговата задача ќе биде првенствено да испорачува дополнителна моќност, кога тоа ќе го побара возачот.

Моделот што ја сочинува почетната понуда на Porsche, серијата 718 со своите варијанти Boxster и Cayman, има неколку новини во 2023 година

Boxster ќе се понуди во верзија со високи перформанси 718 Spyder RS. Како следен чекор, двете каросериски варијанти кон средината на деценијата ќе се појават во целосно нова генерација, и ќе имаат чисто електрични изведби. Концептот пак ќе се базира врз средишно вграден мотор, односно мотор пред задната оска.

Електричниот Macan доаѓа со задоцнување. Првично беше планирано моделот да стартува во 2023 година, сега премиерата е одложена за една година. Електричниот СУВ во класата на Audi Q5 е конструиран врз напредната платформа PPE со 800-волтна архитектура, што е развиена заедно со Audi. Porsche планира годишно да продава по 80.000 примероци, исто колку од Macan со мотори со внатрешно согорување. Тој ќе остане во понудата на спортската марка, но во Европа ќе се нуди сé додека Еуро 7 не услови крај на продажбата за тој модел.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Porsche (@porsche)

Истата шема ќе се користи и кај Cayenne и Cayenne Coupé, кои напролет ќе бидат претставени во освежена изведба. Porsche дури ги најавува како модели од нова генерација. Промените ги опфаќаат каросеријата, кокпитот и погонот (само хибриди). Целосно електричен Cayenne, што исто така ќе ја користи платформата PPE, се очекува во 2025 година.

Над електричниот Cayenne ќе се позиционира нов модел, веројатно во 2026 година. Тој се води под кодот K1 и замислен е како ултралуксузен СУВ со седум седишта, главно за пазарите во Кина и во Северна Америка. Техниката за K1 ја обезбедува платформата SSP за електрични модели.

Motor1 објавија рендер со можниот изглед на најпрестижниот модел на Porsche што се развива под фабричкиот код К1

Од плановите може да биде изоставена електричната верзија на Panamera. Во 2024 година доаѓа нова генерација на спортската лимузина, под фабрички код G3, којашто дополнително ќе ангажира електромотор во погонската спрега во сите нејзини варијанти. Но, малку простор останува за чисто електрична Panamera, покрај електричната варијанта на Cayenne, покрај K1 и следната генерација на Taycan, со фабрички код J2.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најпроизведуван автомобил во Франција лани е … Toyota Yaris Cross

Германија: Со смалените субвенции се смали и продажбата на електрични автомобили