за

Производителите градат отпор против нормата Еуро 7

Европската автомобилска бранша во последна минута притиска за итно запирање на новата норма Еуро 7.

Еуро 7 стапува на сила во 2025 тешко за моторите

Доколку се усвои предлогот, претстојат големи поскапувања. Европската Унија не планира да отстапи.

Дали автомобилите со мотор со внатрешно согорување со норма Еуро 7 ќе станат недостапни? Производителите на автомобили предупредуваат за значајни поскапувања. Напроти тоа, Комиисијата на ЕУ е убедена дека поскапувањата ќе бидат мошне мали.

На неколку денови пред истекувањето на периодот за консултации, европските производители на автомобили уште се обидуваат да ја запрат новата норма за издувни гасови Еуро 7. Компаниите ценат дека тоа е скап чекор, што донесува само мала корист за многу пари, додека од техничко гледиште во некои случаи е неизводлив. Покрај тоа е кусо и времето што стои на располагање за преоѓање на новата норма.

Новите барања ќе ги поскапат патничките автомобили со мотор со внатрешно согорување. Кај товарните возила, пак, се очекуваат масивни зголемувања на цените. Се верува и дека одредени моторни изведби во секторот на товарните возила повеќе нема да се произведуваат.

Во четврток истекува таканаречениот „Feedback period“. Комисијата на ЕУ во ноември го објави предлотот за Еуро 7. Доколку не дојде до нови одложувања, новите одредби треба да стапат на сила во јули 2025 година.

Од Volkswagen критикуваат дека „зададените цели се сосем нереални“

Новиот претседател на европското здружение на производители на автомобили и шеф на Renault, Лука де Мео, во минатата недела преку отворено писмо до институциите предупреди за опасностите од Еуро 7.

Со неговата критика сега се сложуваат и останатите производители. „Предлогот за Еуро 7 на Комисијата, во својата сегашна форма, содржи сосем нереални временски рокови за исполнување“, коментираат од концернот Volkswagen. Оттаму критикуваат и дека предлогот условува и големи персонални и финансиски ресурси. „Средствата би можеле многу покорисно да ги намениме за електрификацијата. Во концернот Volkswagen сметаат и дека тоа ќе има „негативни последици врз вработеноста“.

Истите аргументи ги наведува и претседателот на здружението Acea, Лука де Мео, во своето писмо до ЕУ. Тој цени дека модерен патнички автомобил за европскиот пазар со новата норма ќе поскапи за седум до десет проценти. Во најлошиот случај, загрозени се 300.000 работни места во автомобилската индустрија, укажува де Мео. Не се исклучени и затворања на фабриките.

„Евтините мали автомобили ќе поскапат значително“

Производителите негодуваат најмногу за тоа што строгите гранични вредности во иднина ќе мора да се почитуваат во сите ситуации во возењето. Досега постоеја бројни исклучоци, коишто на производителите на автомобили им дозволуваа, во исклучителни случаи, како што е возење по нагорнина во зима, вредностите на издувните материи краткотрајно да бидат повисоки од лимитот.

„Worst-Case сценаријата во таканаречените гранични услови на тестирање, вклучуваат свесно и долгорајно возење под екстремни услови, голем студ, нагорнина, забрзување, натовареност и слично“, објаснуваат од Volkswagen. Тоа нема ништо заедничко со реалното користење на возилото, но бара дополнителна техника. „Токму евтините малечки автомобили ќе поскапат значително поради тоа. Вредностите што ги спомнува Лука де Мео се реални“.

„Квалитетот на воздухот нема да го подобриме, ако за репер ги земеме издувните гасови на нов автомобил со мотор со внатрешно согорување, под полна гас, со приколка за коњ, во прв степен на пренос, на планински превој во Алпите, туку ако се зголеми бројот на електрични возила на високо оптоварените улици во центрите на европските градови“, критикуваат од Volkswagen.

BMW: Нема разумен сооднос меѓу цената и придобивката

Во BMW исто така се критични во поглед на новата норма. „Еуро 6 и посебно Еуро 6д делуваат и веќе покриваат 95 проценти од сите ситуации во возењето што се статистички веродостојни“, коментираат од Минхен. На тој начин веќе е постигнато мерливо подобрување на воздухот.

„Предлогот на комисијата на ЕУ им дава предимство токму на тие исклучителни ситуации – место повеќе да ги спушта граничните вредности во секојдневниот сообраќај, како што предлага ACEA“, критични се во BMW.

„Еуро 7 треба првенствено да ги регулира издувните материи, а не да се искористи како инструмент за предвремен крај на моторите со внатрешно согорување“, кажуваат од Минхен. „Тоа ќе предизвика непотребно поскапување на автомобилите и можно е да доведе до натамошно намалување на понудата, токму во делот на малите автомобили“.

Карлос Тавареш: Еуро 7 одвлекува од главната цел

Шефот на Stellantis долго важи за деклариран противник на новата регулација на емисијата на моторите со внатрешно согорување. „Еуро 7 е одвојување на ресурсите што се важни за електрификацијата“, изјави Тавареш неодамна. Покрај тоа, се доведуваат во прашање возилата што се достапни за најширокиот круг купувачи. Шефот на Stellantis исто така цени дека 1-ви јули 2025 година е премногу рано за новата нормата да се воведе. „Тоа не дозволува доволно време за развој и хомологирање на производите.“

Bosch: Се бараат сензори што не постојат

Извршниот директор на Bosch, Штефан Хартунг, исто така се сомнева околу Еуро 7, иако тој цени дека е потребно да се воведе построга регулација на емисијата на штетни материи. Тој кажува дека „временските рокови се многу строги, посебно кај товарните возила, и тоа може да доведе за некои производи во одреден временски период да не може да се купат.“

Исто така е можно некои мотори повеќе да не се произведуваат. „Незамисливо е да се бара тоа што техниката не може да го постигне и повеќе да не може да се произведуваат мотори со издувен систем. Тоа важи кога се бара вградување одреден вид на сензор, а тој воопшто не постои.“

Европската Унија цени дека трошоците се зголемуваат за само 150 евра

Наспроти тоа, Комисијата на ЕУ е убедена дека придобивките од Еуро 7 далеку ги надминуваат трошоците. Нивниот предлог за Еуро 7 се однесува првенствено на таканаречени Real driving ситуации, односно реални ситуации што се чести во возењето, а не на ретки екстремни случаи, како искачување по планина во зима, коментираат од Комисијата.

Според пресметувањата на Комисијата, нов патнички автомобил што задоволува норма Еуро 7 би бил поскап за само 90 до 150 евра, што е помалку од еден процент на вредноста на возилото.

Товарно возило или автобус, што мора да претрпи покрупни преправки, би бил за „околу 2.600 евра поскап“, тврдат од Унијата. Тоа се околу три проценти од вредноста на мал камион или 1,6 процент од вредноста на мал автобус.

Автомобилската бранша бара поголема поддршка од државите и бара ублажување на регулацијата. „Тоа не е сериозна поддршка и сигурно не помага за европската автомобилска индустрија да прерасне во предводник во чистата технологија на иднината.“ Борбата околу Еуро 7 штотуку почнува.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ford fiesta st

Укинувањето на Ford Fiesta и Focus покажува колку се тешки промените во браншата

Во обновената алијанса со Nissan, Renault ќе се произведува во Америка