за

Mitsubishi користи воена технологија за „самонасочувачки“ автомобили

Mitsubishi Electric како снабдувач на јапонската војска со воздушни проектили, ќе ја приспособи својата воена технологија и ќе понуди на пазарот системи за самостојно управување на возилата.

Радари на милиметарски бранови, сонари, сензори и камери коишто Mitsubishi Electric ги вградува во воздушните проектили за јапонската војска ќе претставуваат основа за системите за автономно возење што специјалистот за електрика во групацијата Mitsubishi ќе ги нуди и за останатите производители на автомобили.

Во концептот Mitsubishi EX од салонот во Токио беа вградени системите за автономно возење од компанијата-сестра Mitsubishi Electric. Јапонците веруваат дека нивните автономни системи ќе бидат водечки на пазарот
Во концептот Mitsubishi EX од салонот во Токио беа вградени системите за автономно возење од компанијата-сестра Mitsubishi Electric. Јапонците веруваат дека нивните автономни системи ќе бидат водечки на пазарот

Mitsubishi Electric веќе има добиено нарачки од неколку производители на автомобили за испорака на системи за следење лента и самостојно запирање на возилото при опасност од судир, коишто ќе почнат да се вградуваат во сериските автомобили до крајот на деценијава. Овие системи за автономно возење веќе се вградуваат или се планирани за вградување во актуелните и идни модели на Mitsubishi Motors, а со чекорот на Mitsubishi Electric да ги понуди на пазарот како добавувач на автомобилската индустрија ќе бидат достапни и за останатите производители.

На овој начин, Mitsubishi Electric ќе понуди технологија што се очекува да биде супериорна над системите на конкурентските добавувачи како Continental или Denso, благодарение на огромното искуство на компанијата во изработката на сензори со врвна прецизност и системи со електричен погон. Потребно е само постоечката техника да се интегрира во единствен систем. Тестирањата веќе се во напредна фаза во Ако, град на околу 600 километри западно од Токио, каде што постои специјално изведена тест-патека што одговара за оваа намена.

Пазарот на автономни системи ќе достигне 17 милијарди долари до 2020

Експертите проценуваат дека пазарот на системите за автономно возење ќе достигне промет во висина од 17 милијарди долари до 2020 година, што е двојно повеќе од сегашното ниво. Влегувањето на Mitsubishi Electric во овој сегмент секако дека ќе донесе дополнителни пари во групацијата, особено откако компанијата почна да бележи пад во продажбата на бела техника за домаќинствата.

mitsubishi electric tokio
Концептот на Mitsubishi Electric од ланскиот салон во Токио

Предизвикот за „електричната сестра“ на Mitsubishi ќе биде да ја понуди оваа технологија по пониска цена од конкурентите, што би имало крајна цел таа да стане достапна дури и во возилата од најевтините сегменти, како што во моментов е случај на пример со системот за контрола на стабилноста (ESP). Од следната пролет, Mitsubishi ќе започне со производство на системи за следење лента и самостојно сопирање, за во 2018 година да следат и системи за самостојно паркирање.

Mitsubishi Motors на ланскиот салон на автомобили во Токио настапи со концептот EX со технологија за автономно возење, базирана токму врз системите развиени и произведени од колегите од Mitsubishi Electric. Овие, пак, исто така развија концептен автомобил со врвна автономна технологија, когошто експертите го препознаа како најава за настапот на Mitsubishi Electric како понудувач на системи за автономно управување на возилата.

https://www.youtube.com/watch?v=g1hrzpM5KEg

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шпански шпедитер ги претвора камионите во уметнички галерии на тркала

Био-хибрид ја прикажува иднината на превозот низ градот