за

Mitsubishi Outlander се враќа во Европа, во нова генерација и со хибриден погон

Mitsubishi ја отповика одлуката да го укине Outlander во Европа и моделот од новата генерација ќе го пушти во продажба во 2024 година.

mitsubishi outlander 2021

Откако претходно ја исклучи Европа како регион за продажба на моделот со големото име, јапонскиот производител на автомобили Mitsibishi реши сепак да го продава новиот Outlander тука. Испораките почнуваат веќе в година.

Претходната генерација на Outlander, од третото колено што дебитираше во 2012 година, беше најпродаван модел на Mitsubishi во Европа. Тоа беше воедно и најпродаван модел со приклучен хибриден погон во Европа. Потоа, во 2020 година, компанијата реши да престане со негово увезување на континентот, откако почна да се произведува новата генерација на Outlander. Престанокот на продажбата на Outlander во регионот беше дел од одлуката за пошироко згаснување на активностите на компанијата на европскиот пазар.

Mitsubishi ја отповика таа стратегија и сега повторно го шири својот бизнис во Европа. На неколку избрани пазари се нудат сопствените автомобили и моделите што се изработени врз основа на автомобилите од партнерите од алијансата Renault и Nissan. Првиот таков модел е новиот ASX, којшто е Renault Captur со сменето лого.

„Лансирањето на Outlander PHEV е потврда дека Mitsubishi Motors останува посветен на европскиот пазар“, напиша во соопштението Франк Крол, претседател и извршен директор на Mitsubishi Motors во Европа.

Новиот модел ја користи втората генерација на приклучниот хибриден погон на Mitsubishi. Погонската спрега вклучиува два електромотори, по еден на секоја оска, што овозможуваат погон на сите тркала. Според директорот Крил, „технологијата ќе ја подигне марката на ново рамниште во Европа“.

Mitsubishi цели да продава годишно по 130.000 примероци од моделот, почнувајќи од 2024 година. Тоа го изјави менаџментот уште лани во септември. Mitsubishi во минатата година продаде 54.057 возила во Европа. Тоа е за 14 проценти под резултатот од 2021 година и одговара на пазарен удел од 0,6 процент.

Outlander ќе биде еден од малкуте модели со приклучен хибриден погон во популарниот сегмент на СУВ-модели од средната класа, заедно со Toyota RAV4 и со нејзината верзија под знакот на Suzuki, моделот Across.


Mitsubishi ASX е верзија на градскиот СУВ-модел Captur, што го произведува партнерот од алијансата, Renault.

Главнината од растот во продажбата ќе биде постигнат со новите модели на Mitsubishi што се базираат врз автомобилите на Renault, вклучувајќи го ASX, како и градскиот модел Colt, којшто е базиран врз Renault Clio. Продажбата на новиот Colt ќе започне наесен.

Следат електрични модели од алијансата

Outlander е позиционоран над компактниот СУВ-модел Eclipse Cross, којшто е петти најдобро продаван модел со приклучен хибриден погон во Европа во минатата гдоина, со 28.423 примероци.

Почнувајќи од 2013 година, Mitsubishi продаде во Европа близу 200.000 примероци од Outlander од претходната генерација со приклучен хибриден погон, до престанокот на неговото производство.

Продажбата во САД и натаму врви одлично, со 85.810 продадени возила лани, од коишто близу половината (40.942) отпаѓа на Outlander

Mitsubishi во минатата недела објави дека до 2030 година ќе вложи преку 10 милијарди долари во електрични и хибридни автомобили, како и во производство на батерии, со цел да ја прошири својата понуда од модели со целосно електричен погон.

Во следните пет години, марката ќе пушти во продажба девет нови електрични и хибридни модели. Два од тие модели ќе се продаваат во Европа и ќе му се придружат на Outlander. Засега не се открива кои ќе бидат тие модели. Mitsubishi ја гледа Европа како „регион за промовирање напредна технологија“ и во таа цел „ќе се потпира на алијансата и партнерите“, беше наведено во соопштението.

Mitsubishi планира да лансира нови „батериски електрични модели од алијансата“ и прикажа временски распоред, заедно со цртежи од два модели со приклучен хибриден погон што се најавени за 2025 година. Едниот од нив е именуван „Alliance – Renault“, а другиот „Alliance – Nissan“, што укажува дека марката ќе развива целосно електрични модели од двата партнери.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Stellantis преговара за фабрика за електрични автомобили во Шпанија

Toyota прва пушти автомобил со погон на течен водород во трка