за

Toyota прва пушти автомобил со погон на течен водород во трка

Toyota со моќната моделска изведба GR Corolla, со течен водород како погонско гориво, направи пробно возење на прочуената тркачка патека Фуџи Спидвеј.

Уште едно првенче на Toyota. Јапонскиот примус е прв производител во светот што пушти автомобил со погон на течен водород да извози на тркачка патека.

За разлика од возилата GR Corolla што досега учествуваа на натпреварите во рамките на Супер Таикју и користеа водород во гасовидна форма, оваа GR Corolla работи на течен водород.

Со пробниот автомобил беа направени три сесии на тркачката патека. Се возеше исто како во вистинска трка, со присуство и на други автомобили на тркачката патека. Редовно се дополнуваше и гориво во текот на тестирањето.

Возачот Масахиро Сасаки објаснува во што е предизвикот: „Се бориме да обезбедиме иднина за моторите со внатрешно согорување, со примена на технологија што важеше дека е неприменлива кај автомобилите, во исклучителното температурно подрачје од -253°C.”

Сасаки понатаму наведува дека „иако постојат најразлични пречки, исто како со водородот во форма на гас, се надеваме дека нашето силно залагање за развој, со тестирања на тркачка патека, ќе има влијание врз нашите секојдневни автомобили.“

Развојот е во тек и тимот има за цел да се натпреварува во сезоната 2023 во Супер Таикју, којашто почнува na 19-ти март, со вкупно пријавени 54 автомобили во јапонското првенство. Преку учеството во трки, инженерите ќе можат да ги испитаат сите можности со различните видови горива, со коишто се цели да се постигне општество што е неутрално во поглед на емисијата на СО2.

Како Toyota напредуваше со примената на водородот во тркачки услови

Во март 2022 година, на воведната трка во Супер Таикју, на патеката Сузука во префектурата Мие, Toyota објави дека започнала со развој на возило што користи течен водород како погонско гориво.

По три месеци, на втората трка во првенстгвото што се возеше на патеката Фуџи Спидвеј, тимот прикажа возило со вграден систем за напојување со течен водород. Во истата пригода беше прикажана и преносна станица за точење течен водород.

Следеа тестирања и хомологирање за резервоарите за течен водород, како и за останатите компоненти. Кон завршетокот на октомври, тимот на Toyota веќе го имаше вградено водородниот систем во автомобил и почна со тестирање во возење.

Во ноември почнаа пробни возења на тркачка патека, со цел да се провери функционирањето на системот со течен водород и автомобилот да се подготви за трка.

Во текот на годинава ќе се вршат усовршувања на техногијата и стекнување искуства на тимот, со цел автомобил со погон со течен водород да се пушти во редовното првенство во Супер Таикју.

Предностите на течниот водород

До минатата година, во возилата Toyota Corolla со водороден погон, се користеше водород во гасовидна форма. Во основа, со можноста да се користи течно гориво, се зголемува енергетската густина на единица волумен и се зголемува досегот што може да се постигне со горивото.

Кога водородот е во гасовидна форма, резервоарите се полнат под висок притисок и поради тоа мора да бидат цилиндрични. Меѓутоа, кога горивото е во течна форма, резервоарите може да имаат вообичаена форма и да бидат сместени под подот. Со тоа не се одзема простор и се задржува функционалноста на автомобилот.

Со преоѓањето од гас во течност, се овозможува и преносните станици за точење водород на трките да бидат со помали димензии.

Понатаму, течниот водород дозволува и цистерните за превоз да бидат помали, а нема ниту потреба да се произведува притисок до 70 мегапаскали во пумпите за точење. Со тоа воедно се намалува и карбонскиот отпечаток на пумпите, за околу една четвртина, во споредба со пумпа што точи водороден гас. Исто како со бензинските возила, полнење гориво може да се изведе во самите боксови.

Покрај тоа, бидејќи отпаѓа потребата за водородот да се полни под притисок, во исто време може да се полни гориво во повеќе автомобили.

Следен чекор на Toyota е посветување на предизвикот да се задржу ултраниската температура од -253°C при полнењето гориво и при неговото складирање, како и справување со природното испарување што се случува додека се загреваат резервоарите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

mitsubishi outlander 2021

Mitsubishi Outlander се враќа во Европа, во нова генерација и со хибриден погон

Mercedes-Benz GLC Coupe: Важна е формата, електромотор е стандард во погонот