за

Mercedes-Benz GLC Coupe: Важна е формата, електромотор е стандард во погонот

Новата генерација на купе-теренецот на Mercedes-Benz доаѓа една година по стандардниот GLC, со благ или приклучен хибриден погон, подготвен за терен, со нагласок на луксузот.

Тоа што претходно го постигна GLC, кога покажа на дело, како во најпродаваната моделска класа на Штутгарт ќе изгледа новиот бран возила на Mercedes-Benz со уште посилен нагласок на луксузот, сега е ред да го постигне и GLC Coupe. Секако дека кај купе-моделот сé е уште за една нијанса поблагородно.

Марката со сребрената ѕвезда го цени новиот GLC како најдинамичен СУВ-модел во својата понуда. На тоа се надоврзува и врвна ефикасност во погонот. Во изведбите со приклучен хибриден погон, теренецот што е сроден со C-Class, минува и до 130 километри чисто на струја. Во оваа рамка, сега се сместува и купе-изведбата GLC Coupe, од генерацијата C 254.

Исто како стандардниот GLC, купето се нуди или како бензинец и дизел во изведба на благ хибрид со 48-волтен стартер-генератор, или како приклучен хибрид, во комбинација со бензинец или дизел.

Теренските способности не се запуштени, туку во новата генерација се и дополнително унапредени. Сепак станува збор за модел што со буквата G во ознаката се повикува на култниот G-Class.

Спортското подвозје е стандард кај GLC Coupe. Со доплата може да се добие задна оска што се врти за 4,5 степени, за полесно паркирање, но и за поголема возна динамика. Оската доаѓа во пакет со пневматска суспензија Airmatic.

Посебноста кај моделите со приклучен хибриден погон е во тоа што интелигенцијата на погонот настојува колку може повеќе да се вози чисто на струја. Од голема помош е „проѕирната хауба“, систем од камери којшто го овозможува точно тоа, возачот да го види теренот пред возилото исто како да тоа да нема нос.

Многу новини и подобрувања има и во инфо-забавниот систем MBUX. Пример за тоа колку напредуваше навигацијата во меѓувреме: Кога од MBUX ќе се побара „Еј Мерцедес, почни го водењето на турата“, системот ги чита таблите што посебно за таа цел се поставени (околу 3.400 табли) долж автопатот во Германија, и ги кажува информациите што се поврзани со знаменитоста покрај којашто се минува во моментот. Тоа засега функционира само во Германија.

Тоа што GLC е смарт-автомобил, секако значи и дека директно од возилото може да се испрати команда до смарт-домот, за да се вклучи климатизацијата или да се стопли јадењето во печката.

Сепак е дизајнот, тоа што е најважно кај Mercedes-Benz GLC Coupe

Купе-теренецот стандардно поседува пакет за надворешност Avantgarde со тркала од 18 инчи и хром-пакет. За повеќе динамика во изгледот се посегнува по пакетот AMG Line, со тркала од 19 или 20 инчи и лакирани арки на крилата.

Пакетот Avantgarde е стандард и во внатрешноста. Дигиталните инструменти имаат пречник 12,3 инчи (31,2 cm), средишниот дисплеј располага со 11,9 инчи (30,2 cm), со дополнителниот ефект што создава впечаток како дисплејот да лебди пред арматурната табла

Каросеријата на новиот GLC Coupe е за 31 mm подолга од претходникот (сега 4.763 mm) и завршува 5 милиметри повисоко. Ширината на трагата на тркалата напред е зголемена за 6 mm (сега 1.627 mm), назад за 23 mm (сега 1.640 mm).

Багажникот нуди зафатнина од 545 литри (+45 литри), односно 1.490 литри со соборена клупа (+90 литри). Кај приклучните хибридни модели има помалку простор назад: 390 литри, односно 1.335 литри. Кај купето е стандард и електричното отворање и затворање на задниот поклопец.

Аеродинамичноста е подобрена, со вредност на коефициентот cw 0,27 (претходник cw 0,30). Ветробранот е дополнително обложен со фолија за придушување на звуците. Опција се станични стакла со дополнителна топлинска и звучна изолација. Новина кај GLC Coupé е панорамскиот покрив, којшто е за 6 сантиметри подолг во споредба со стандардниот GLC.

Гамата на Mercedes-Benz GLC Coupe се состои од:

Благи хибриди (со стартер-генератор со 17 kW, 200 Nm)

GLC 200 4Matic, 204 КС
GLC 300 4Matic, 258 КС
GLC 220 d 4Matic, 197 КС
GLC 300 d 4Matic, 269 КС

Приклучни хибриди (електромотор 100 kW, 440 Nm)

GLC 300 e 4Matic, 313 КС
GLC 400 e 4Matic, 381 КС
GLC 400 d 4Matic, 335 КС

Батеријата од 31,2 kWh може на брз полнач со еднонасочна струја да се наполни за околу 30 минути. Стандард е полнач од 11 kW.

Испораките почнуваат во јули.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota прва пушти автомобил со погон на течен водород во трка

Шефот на Volvo со критики до земјите што сакаат да ја блокираат забраната за мотори