Вториот најголем производител на автомобили во Европа, започна преговори со шпанската влада, за вложување во производство на мали електрични возила во земјата. Информацијата денес ја објавија шпанските медиуми.
Концернот Stellantis планира во своите фабрики во Шпанија да почне производство на модели врз новата платформа STLA Small, што е наменета првенствено за автомобили со целосно електричен погон. Веста ја објави економскиот дневник „Cinco Dias“.
Двете страни преговараат за погодностите што државата би му ги обезбедила на производителот на автомобили, се наведува во веста на шпанскиот дневник.
Stellantis е најголем производител на автомобили во Шпанија. Во минатата година, во фабриките во Виго, Сарагоса и Мадрид се произведени околу 850.000 автомобили.
Фабриката во Виго лани произведе околу 404.000 возила, главно доставни возила и нивни електрични верзии, за марките Citroen, Opel/Vauxhall и Peugeot, како и за Toyota, којашто им е партнер во оваа категорија возила.
Во фабриката исто така се произведува и СУВ-моделот Peugeot 2008. Од погоните во Сарагоса во минатата година излегоа 365.000 возила, од моделите Opel Crossland и Corsa, како и Citroen C3 Aircross.
Во Мадрид се помали производствените капацитети, и таму во 2022 година беа изработени 82.000 примероци од Citroen C4.

Од вкупната продукција, 113.000 возила се целосно електрични автомобили, наведуваат од Stellantis. Идните електрични модели на Stellantis ќе се конструираат врз плаформите што се делат на STLA Small, Medium, Large и Frame (за пикапи и теренски возила). Во минатата недела, концернот на Peugeot и Fiat посочи дека големите модели што се конструирани врз платформата STLA Large, ќе се произведуваат во Италија, во фабриката во Касино.
Моделите што ја користат платформата STLA Small ќе почнат да се појавуваат на пазарот во 2025 година, најави Stellantis.
Шпанската програма што го поттикнува производството на електрични возила и батерии е позната под кратенката PERTE. Преку програмата ќе се доделат три милијарди евра. За средствата од оваа програма се борат уште два производители, Volkswagen Group и Renault Group. Во првата фаза ќе бидат потрошени 900 милиони евра.
Конзорциумот од 60 компании на групацијата Volkswagen, што го води Seat, планира да вложи 10 милијарди евра, за Шпанија да ја претвори во центар за производство на електрични автомобили. Владата лани во ноември потврди дека групациајта ќе добие околу 400 милиони евра средства од фондот PERTE.
На Stellantis во првиот круг му беа доделени околу 67 милиони евра, пишува Cinco Dias.
















