за

Porsche ја крунисува понудата со нов електричен СУВ од висока класа

Новиот СУВ-модел е позициониран над Cayenne и дел е од целта на Porsche, за повеќе од 80 проценти од продажбата во 2030 година да се постигнува со чисто електрични автомобили.

Porsche го претстави планот за своите идни целосно електрични модели. Во планот се предвидува и СУВ со погон на струја, којшто во улога на нов знаменосец ќе биде позициониран над Cayenne. Штутгарската спортска марка има за цел, повеќе од 80 проценти од продажбата на нови возила во 2030 година да ја сочинуваат автомобили со целосно електричен погон.

Идниот СУВ-модел се опишува како „нов концепт на возило“ за марката, којшто ќе се одликува со високи перформанси, со можност за автоматско возење и со препознатливата линија на Porsche. Тоа го најави извршниот директор Оливер Блуме на денешната конференција за печат.

Новиот СУВ ќе ја користи заедничката платформа SSP Sport на концернот Volkswagen и има улога да го зајакне местото на Porsche во делот од пазарот на луксузните возила, додаде Блуме.

„Воочуваме како профитниот пул во овој сегмент постигнува големи скокови, посебно во Кина и САД,“ објаснува првиот човек на Porsche и воедно на целата групација Volkswagen.

Идната понуда од целосно електрични автомобили на Porsche ќе се состои од:

  • Целосно електричен СУВ-модел Macan, којшто ќе започне со испораки во 2024 година, придружувајќи му се на првиот целосно електричен модел на Porsche, на спортската лимузина Taycan
  • Нов 718, што стартува во 2025 година и којшто ќе се нуди во изведба како целосно електирчен модел, но и во изведба со мотор со внатрешно согорување. Блуме најави дека 718 во среден рок ќе биде достапен „исклучиво како целосно електричен модел“, меѓутоа не наведе во која временска рамка би се случил тој преод
  • Cayenne во почетокот на 2025 година ќе добие целосно електричен погон.

Porsche денес објави рекордна добивка и промет за минатата година, како резултат од зголемениот број на испорачани возила, како и од намалените трошоци.

Оперативната маржа на компанијата во 2022 година се зголемила на 18 проценти, наспроти 16 проценти во 2021 година. Оперативниот профит изнесува 6,8 милијарди евра. Тоа е рекордна вредност, меѓутоа пак е малку под очекувањата на експертите.

Porsche очекува дека добивката ќе остане приближно на исто ниво како во минатата година, со привлечни модели и со високи цени, под услов да не продолжи да се влошува економската ситуација, којашто и во моментов ги поставува компаниите пред големи предизвици.

Очекувањата за оперативната маржа во тековната година се движат меѓу 17 и 19 проценти, во споредба со 18 проценти лани. Менаџментот на Porsche денес нагласи дека целта е редовно да се постигнува маржа од најмалку 20 проценти.

Главниот носител на профит во групацијата Volkswagen очекува дека прометот годинава ќе достигне 42 милијарди евра.

Porsche е највреден производител на автомобили во Европа, откако во минатата година компанијата стартуваше на берзата.

Директорот за финансии Луц Мешке кажа на конференцијата за печат дека книгата со нарачки на Porsche е „полна, на пат да препукне“. Тоа помага да се надмине притисокот што доаѓа од долготрајните проблеми со снабдување со компоненти, главно микрочипови.

Овие коментари се во духот на останатите производители на автомобили, главно од премиум сегментот, коишто се однесуваат на фактот што купувачите на луксузни возила се погодени помалку од рекордната инфлација и од заканата за рецесија.

Во идниот знаменосец, што се води под кодот K1, се очекува дека ќе биде применета технологијата што германскиот производител ја претстави во концептниот автомобил Mission R.

Porsche ги потврди плановите од ланскиот јули, за развој на целосно електричен кросовер на врвот на понудата, што Блуме го опиша како „мошне спортско толкување на СУВ.“

Кросоверот под кодната ознака K1 ќе се произведува во Лајпцих, почнувајќи кон средината на деценијата. Во новиот модел ќе се користи технологијата што беше претставена во 2021 година на салонот за мобилност ИАА во Минхен, преку концептниот автомобил Mission R. Покрај нов вид батерија со високи перформанси, Mission R ќе располага и со 920-волтна електрична архитектура, што главно ќе овозможи уште покусо времетраење на полнењето на батеријата.

Возење Porsche издание 2022, автомобилите се други, уживањето исто

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo се подготвува за производство на голема електрична лимузина

Stellantis преговара за фабрика за електрични автомобили во Шпанија