Концернот Stellantis го потврди производството на големи автомобили што се конструирани врз платформата STLA Large во својата фабрика во Касино, на југот на Италија. Тоа го кажа извршниот директор Карлос Тавареш при посетата на фабриката.
Во фабриката во Касино ќе се произведуваат електрични автомобили за премиум марките Maserati and Alfa Romeo. Концернот на Peugeot и Fiat во соопштението наведе дека моделите што ќе ја користат новата платформа ќе бидат откриени „во следна пригода“.
Платформата STLA Large е развиена првенствено како основа за батериски електрични автомобили. Таа е наменета за модели од средна и висока класа, вклучувајќи ги следната генерација на Alfa Romeo Giulia и на неа сродниот СУВ-модел Stelvio. Тоа го најави извршниот директор на италијанската премиум марка Жан Филип Импарато уште во минатата година.
Возила врз платформата STLA Large ќе се произведуваат во две фабрики
Stellantis најави дека и фабриката во Виндзор, Канада, исто така ќе произведува автомобили што ја користат платформата STLA Large. Електричните модели со оваа техника ќе можат да постигнат досег до 800 километри.
STLA Large е дел од новото семејство технички платформи, коешто ги опфаќа и изведбите STLA Small, Medium и Frame (за пикапи и други возила што користат носечка рамка). Концернот вложува вкупно 30 милијарди евра до 2025 година, во транзицијата кон целосна понуда од електрични автомобили и возила што функционираат со напреден софтвер.
Покрај Maserati и Alfa Romeo, платформата STLA Large ќе ја користат и моделите на марката DS. Во Северна Америка, сериската изведба на концептниот автомобил Chrysler Airflow и наследниците на „снагаторите“ Dodge Challenger и Charger, исто така ќе ја користат новата платформа.
Во фабриката во Касино, меѓу Рим и Неапол, моментно се произведуваат Alfa Romeo Giulia и Stelvio, како и Maserati Grecale.
















