За холивудските филмови честопати важи, ако изгледаш еден, исто како сите да ти се изгледани. Во најновото издание на Porsche Road Tour, еден од најпрестижните автомобилски циркуси во светски рамки, повеќе од кога било досега се покажа колку различни можат да бидат два модели на Porsche, особено кога доаѓаат од истата моделска серија. Ова не е Холивуд, ова е инженеринг за дизајнирање на возењето.
Осми пат, увозникот Порше Македонија организираше возачко доживување со автомобилите од марката што им кумува за името. Секој настан донесува нови моменти и претставува различно доживување од претходните. Главната новина во возниот парк некогаш беше присуството на ексклузивци со ветувачката, и во случајот на Porsche, исполнувачка GT-ознака. До пред кусо време, целата сензација беше во електричниот Taycan. Годинава имаше дури пет GT-болиди во дузината автомобили, а покрај нив и два електрични модели Taycan, вклучувајќи ја каросериската изведба Cross Turismo.
Посебноста на турата за 2022 година беше во самата тура. Овојпат организаторите ја осмислија веројатно најдобрата тура, за целата гама на Porsche пристигната во Македонија да може да се почувствува вистински, на патишта и по терени по какви што си ја помниме нашата возачки привлечна Македонија.
Новинарите беа последни во петдневната организација, откако претходно беа организирани настани за клиенти, за членовите на новооснованиот клуб на сопственици на автомобил Porsche во Македонија, а секако и за дамите. Од Порше, за најубавиот дел од настанот, коментираат дека на Driven Females Day, „дамите исклучително импресивно ги покажаа своите врвни возачки способности според сите строги критериуми на Porsche“.
На поаѓање од објектот на Порше Македонија, авторот на овој текст се погоди да се најде во ултимативниот модел на целиот настан, што веројатно ќе беше подобро да останеше за некоја делница по кривулест пат. Porsche Cayenne Turbo GT Coupé со своите 640 КС, со 4.0 V8 Biturbo и со титула на најбрз СУВ во светот. Сé е во знакот на тројка: Крајна брзина 300 km/h, забрзување до темпо сто за 3,3 секунди. Сигурно не е случајно проектирано да се погодат сите тројки.
Импресионира колку е богата понудата во самата гама на Cayenne, па дури и кога ќе се сведе само на купе-изведбата. На Turbo GT му претходат: Cayenne Coupé (старт од 89.300 евра во Германија), Cayenne Coupé Platinum Edition (93.738,00 евра), Cayenne E-Hybrid Coupé (102.187,00 евра), Cayenne E-Hybrid Coupé Platinum Edition (105.162,00 евра), Cayenne S Coupé (106.947,00 евра), Cayenne S Coupé Platinum Edition (109.327,00 евра), Cayenne GTS Coupé (123.964,00 евра), Cayenne Turbo Coupé (157.046,00 евра), Cayenne Turbo S E-Hybrid Coupé (186.677,00 евра) – и самиот GT Coupe со цена од 205.003,00 евра. Трите евра дефинитивно не се додадени туку така, сé мора да е во знакот на тројката. Како шут за тројка.
До првата смена по патарината кон Куманово, Cayenne Turbo GT ниту на момент не пропушташе да пренесе информација до возачот, дека станува збор токму за овој модел. Не мора ниту да се притиска гасот до крај, за да се почувствува дали сите 640 КС се на број, тука повеќе е умешноста коњите да се одгледаат како врвно грло. Штутгарт, патем, своето име го носи по „штитхен гертхен“, што би можело да се објасни најблиску како одгледувачница на ждребиња од посебна раса. Коњот во амблемот на Porsche се поврзува со грбот на градот Штутгарт.
Cayenne Turbo GT е исклучително моќен и го произведува најбрутаниот звук што може да излезе од еден мотор. V8 во принцип е музикална машина, што во усто време е најблиску до мотоспортот и до тркачката патека. Какво навистина беше чувството во Turbo GT се покажа дури по седнувањето во хибридната Panamera Turbo S E-Hybrid. Место V8 што буди адреналин со звукот и подбуцнува со ситните вибрации што се пренесуваат фино дозирано до воланот и до возачот, осумте цилиндри тука работат во многу пофин манир и целото чувство е многу погосподско, поблагородничко. Сé е мазно, електромоторот дотерува за возењето да биде такво. Тука стојат на располагање 700 КС, за да нема двоумење дали и хибридот е Porsche.
Третиот автомобил е електричен, Taycan Turbo S. Тука веќе е сосем различно доживувањето. Место брутален звук што прави човек да заборави инстантно на сите политички гревови во најубавата држава во светот, тука повеќе се слуша струењето на ветрот, отколку што може да се наслушне „моторот“. Кому му недостига звук, може да вклучи посебно компониран звук, што нормално дека прилега во спортски и престижен електричен автомобил. Досегот не е проблем, и покрај тоа што се вози динамично, нема неизвесност дали батеријата ќе додржи до одредиштето.
И токму во моментот кога авторов се одушевува од тоа колкава е разликата меѓу овие три модели, следи четвртиот автомобил: Boxster GTS 4.0. Подиректна врска меѓу возачот, автомобилот и патот, ретко дека постои во некој друг модел. Нема „метал“ да го придуши звукот што доаѓа од зад седиштата, а по кривулестите патишта може неверојатно верно да се одреди моментот, кога по провоцирано притискање врз гасот, ќе се вклучат сите оние милион контроли на стабилноста, за да спречат пролизгување. Ова е автомобил во којшто се седнува, се вози половина час и светот одненадеж е совршен.
По Штип, продолжувајќи кон Криволак и Неготино, се покажа и колку е врвно подготвен 911 Carrera GTS, којшто е создаден за да посредува поголемо возачко уживање и од самиот 911 Carrera. Посебно пријатно изненадување беше најблагородничкиот модел во овој возен парк, Panamera GTS Sport Turismo, со брборлив V8, во контраст со скапи и ексклузивни материјали, со бои како во италијански салон, изработен со германска посветеност. Посебен автомобил, по многу нешта.
Возбудливата драматика продолжи со Cayenne E-Hybrid Platinum Edition Coupé, Cayenne E-Hybrid Coupé, Cayman GTS 4.0, Macan S, Taycan Turbo S Cross Turismo и 911 Turbo S. Уште еден контраст се покажа токму кај иконскиот 911 Turbo S. По седнувањето во оваа машина што се вбројува меѓу најважните автомобили на сцената, зачуди впечатокот колку префинето и ненападно работи моделот. „Турбо“ во 911 Turbo S, како да беше исклучен. Секако дека машината располага безрезервно со своите 650 КС и сервира спринт до темпо сто за 2,7 секунди. Но, причината зошто 911 Turbo S се чинеше толку фин, беше поради претходно поминатото време во Cayman GTS 4.0. Иако послаб и „класа“ под 911 Turbo S, оваа екстремна изведба на Cayman сепак го ангажира возачот повеќе. Таква е замислата, постојат љубители на Porsche што го бараат точно тоа.
Возењето имаше одредиште до Винарија Лазар, сместена во еден простор со волшебна енергија покрај Црна Река, во близина на Стоби. Тоа е винарија што постои околу две децении и плени со гостопримливоста. Голем дел од производството заминува за извоз, посебно за Данска и Велика Британија, од каде што постојано се зголемуваат нарачките за нови количини од година во година. Прекрасна атмосфера, вреден персонал, одлична кујна што отстапува од стандардната понуда, место за препорака.
Возење Porsche како автомобилски спа-третман: Road Tour 2021