Нашиот автомобилски пазар ретко бил во улога да е привилегиран. Тоа што македонскиот увозник на Great Wall го има новиот Haval Jolion во редовна понуда, не е друго освен голема привилегија за домашиот пазар. Најновиот модел од марката, за којашто Европа последен пат разбра дека отвора регионална централа во Франкфурт, во автомобилската велесила Германија, уште го немаат ниту видено тамошните купувачи, исто како и возачките и возачите во Франција, Италија или во Велика Британија. Jolion не само што се продава во Македонија, туку веќе ни доаѓа како втор модел од најновиот бран на моделската офанзива на Great Wall Motors – што може сосем спокојно да се нарече кинески Volkswagen Group.
Great Wall Motors го брои со децении своето присуство на македонскиот пазар, застапуван и претставуван преку Толту Моторс. Автомобилите од кинескиот гигант тогаш доаѓаа затоа што беа достапни, и затоа што нашиот пазар, и тогаш и сега, бара автомобили што може да си ги дозволи. Така се градеше имиџот на кинескиот производител меѓу македонските возачки и возачи. Главната заслуга секако дека ја имаат пикапите Steed, во неколкуте генерации досега, коишто се докажаа како издржливи, вредни за парите и лесни за префрлување на погон на автогас. Автомобилската страна ја претставуваше Voleex C10, со изглед многу сличен на Yaris. Пазарот немаше забелешки ниту за тој модел. Во меѓувреме се создаваше и база на похрабри купувачи, што беа подготвени кај GWM да платат исто колку за помал и помалку опремен автомобил од европска или јапонска марка. Haval H2, H5 и H6 се моделски имиња што уште одамна стојат во договорите за продажба во Толту.
Пред два месеци беше пријатно изненадување да се види колку Haval H6 напредувал во најновата генерација. Напредувањето донесе и целосна промена во пристапот кон марката. Додека старите модели се купуваа главно поради тоа што беа значително подостапни, или пак предноста им се гледаше во тоа што се големи и богато опремени, новата генерација модели веќе привлекува со други квалитети. Haval денес се купува не поради тоа што е поевтин, туку поради тоа што некому му се допаѓа повеќе како модел. Претходниот H6 се продаде во повеќе од 50 примероци, што е солидна бројка, имајќи предвид дека станува збор за СУВ што се движи околу 30.000 евра. Уште тогаш беше извесно дека наскоро пристига и вториот модел од новиот бран, компактниот Jolion.
Тоа се случи. Haval Jolion веќе стартуваше со продажба и првите примероци си заминаа по само неколку денови откако беа изложени пред салонот. Претпоставката дека сето тоа што H6 го прикажува во новата генерација, само ќе се повтори во Jolion, во помала и поблага форма, беше сосем погрешна претпоставка. Првиот впечаток е дека Jolion во многу нешта изгледа уште поубедливо, посвежо и похрабро од големиот СУВ.
Haval Jolion почнува ново поглавје за својата марка и за целиот концерн Great Wall Motor: По овој модел, купувалчите ќе ги избираат автомобилите на кинескиот производител затоа што им се допаѓаат повеќе, а не поради ценовната предност. Jolion поседува довоолно квалитети да ги убеди купувачите во ценовниот сегмент од 30.000 евра. Тоа повеќе е вложување во автомобил во којшто се верува повеќе, отколку што е купување автомобил
Одличната форма во којашто се појавуваат новите модели на Haval, марка на Great Wall Motors, покрај Wey, Ora и Great Wall Pickup, не е без најава. Кинескиот производител уште пред две години уредно ги прикажа новите модели на салонот Ауто Кина во Пекинг. Тоа што одушевува посебно е исполнувањето на ветувањата во предвидениот рок и во целосна форма. Кога Great Wall Motors на салонот зборуваше дека новите модели се развиваат врз платформата Lemon, со почитување на истите начела при развојот како VW или Stellantis, можеби некому тоа му изгледаше премногу оптимистички и претерано. Но, сега кога автомобилите можеме да ги видиме со свои очи, сé е многу поверодостојно.
Haval Jolion во салонот го снимавме кусо пред испорака, меѓутоа првите впечатоци говорат дека нештата во кинеските концерни се менуваат многу побрзо отколку што сцената има навикнато со традиционалните производители. Тоа што сцената со одушевување рапортира за автомобилите од марки од ковот на Xpeng, Nio, BYD, очигледно важи и за големоволуменските марки, како Haval, што цели на многу поширок круг купувачи.
Haval Jolion првенствено изгледа луксузно. Впечатокот доаѓа од големата маска со дебел и светнат хром, со самоуверено напишано име на марката на голема плочка, со светла со богат „внатрешен живот“, со хромирана лајсна отстрана, на којашто стои ракописно напишано Haval. Додека во претходните генерации модели се случуваше по отворањето на вратите да се доживеат чудни комбинации од бои и неодредени дизајнерски целини, плус по некоја несекојдневна мирисна нишка, кај Jolion, впрочем исто како и кај H6, сликата е сосем различна.
Jolion засега ни доаѓа на македонскиот пазар во врвното ниво на опременост Supreme. Цената е 29.200 евра, по којашто на чудните регионални пазари може да се купи и Bugatti со трилер-потекло или Audi од пет метри и два и пол тони. Но, автомобилов уверува дека вреди за таа сума. Бројни благородни детали во надворешниот изглед и пријатните бои во кабината во беж тонови, тоа е дел од врвното ниво Supreme. Не е само на изглед, туку има и скапа/напредна техника.
Само набројувањето на системите за асистенција со коишто располага Haval Jolion Supreme говорат за тоа дека ова не е само уште еден „кинески“ автомобил: Радарски темпомат што самостојно ја приспособува брзината, камера за знаци и темпомат што се приспособува според брзинските ограничувања, систем што самостојно запира кога од попречен правец наидува брзо возило, предупредување при возило во мртов агол, систем што го држи возилото во лента, предупредување за замор, самостојно запирање при пешак или велосипедист на пат, камера во 360 степени – тука буквално нема нешто да недостига. GWM на салонот во Пекинг ги објави и своите намери да стане светски лидер во технологијата за автономно возење. Затоа и не треба да изненадува изобилството од овие системи во Jolion и во H6.
Диодни предни светла, алу-тркала од 18 инчи, електрично местење на возачкото седиште, безжично полнење телефон, самостојно вчитување нов софтвер во инфо-забавниот систем исто како што тоа се случува кај телефоните, дигитални инструменти од 7 инчи и средишен дисплеј од 12,3 инчи со висока резолуција, сето тоа веќе е вградено во овој автомобил.
Според димензиите, Haval Jolion вози во класа со Kia Sportage и Peugeot 3008, со должина од 4,47 метри и ширина од 1,84 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,7 метри обезбедува многу простор за нозе на задната клупа, а назад има и багажник од 430 литри.
Моторот е 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење и моќност од 143 КС при 5.600 вртежи, односно вртежен момент од 210 Nm. Спринтот до темпо сто трае 10,3 секунди, крајната брзина е 185 km/h. Според фабрика, потрошувачката во град изнесува 10,4 литри, односно 8,1 литри во просек. Секако дека издувот е според норма Euro 6. Тежината на празно возило изнесува 1.370 килограми, носивоста изнесува 395 килограми, плус возач. Менувачот е 7-степен со двојна спојка, погонот е напред. Единствени опции се проекциски дисплеј за 1.250 евра и панорамски сончев покрив за 1.500 евра.
Пазарот веќе реагира и кај увозникот е повеќе прашањето дали ќе се нарача доволен број примероци за да се задоволи побарувачката на пазарот, отколку што е прашање дали Jolion ќе наиде на прифатеност на пазарот. Наскоро стартува и изведбата со хибриден погон, а од следната година почнуваат да доаѓаат и електричните модели.
Ова не е кинески СУВ, тој е марка: Haval H6 од трета генерација