Пред малку повеќе од година и пол, Great Wall Motor приреди светска сензација со поставата од новитети на салонот Ауто Кина во Пекинг. Кинескиот концерн со марките Haval, Ora, GWM Pickup, Wey, претстави комплетно нови модели врз револуционерна платформа Lemon, претстави електрични автомобили, најави дека прв во светот ќе воведе целосно автопилотирано возење. Увозникот за Македонија веќе го обезбеди за продажба и првиот модел од таа историска постава на Ауто Кина. Haval H6 во трета генерација, што од прилично многу гледишта е зачудувачки.
Автомобилите на Great Wall Motor се пристојно одомаќени на македонскиот пазар. Сé произлегува од цврстиот темел што го постави пикапот Steed, во сите негови генерации. Пазарот стекна искуство дека овој кинески концерн пристојно ги изработува автомобилите. Тоа што пикапот Steed се користи како работно возило и се товари и вози во тешки услови, не остави простор за некој да се сомнева во издржливоста на техниката и квалитетот на изработката. На градскиот Voleex му беше многу полесно да се докаже, исто како и на неколкуте модели на марката Haval што во минатото се продаваа на македонскиот пазар.
Во меѓувреме сцената научи дека Great Wall Motor е концерн, дека Haval е марка што е специјализирана за СУВ-модели со повисока спецификација, а наскоро ќе се дознае и дека електричните автомобили на кинескиот производител ја носат марката Ora. Вистинската пресвртница на GWM на македонскиот пазар се случи со почетокот на продажбата на Haval H6, во неговата втора генерација. Присуството на овој модел секако дека не мина незабележано. Пазарот регистрираше близу 60 продадени примероци, само од H6 од втората генерација. Тоа е мошне солиден резултат.
Секако дека Haval H6 тогаш ни пристигна на тест во Аутомедиа, кога оценивме дека станува збор за мошне сериозен автомобил, што покрај привлечниот дизајн, убедува и со комфорно и тивко возење, со богата опрема, па дури и со разумна потрошувачка од 9 литри бензин, за мотор од 2,0-литри и тежина над 1,5 тон. Забелешката тогаш се однесуваше на релативно едноставната графика на средишниот дисплеј и на комлицираното мени за ракување со функциите на инфо-забавниот систем. Главниот тон во заклучокот по тестот беше повеќе од одушевувачки.
Повеќе од три милиони примероци се продадени ширум светот под моделската ознака Haval H6
Увозникот Толту Моторс веќе неколку седмици го има во понуда моделот од третата генерација. При првото соочување во живо со новиот Haval H6, се забележува одважност во појавата на овој масивен СУВ. Таа одважност, секако дека не е без основа. Сепак станува збор за модел што е столб на марката Haval и автомобил што во претходните две генерации се има продадено во повеќе од три милиони примероци. Haval H6 во новата генерација наследува моделско име што пет години во низа беше меѓу 10-те најпродавани СУВ-модели во светски рамки. Повеќе од 60 пазари во светот го продаваат овој модел.
Тоа е следното големо изненадување од Great Wall Motor, електрични автомобили од марката Ora, коишто веќе стартуваа со продажба на најголемите пазари во Европа
Одважноста се темели и врз други нешта. Кинескиот производител посочува дека во новиот модел постигнал напредок во 150 позиции, посебно во системите за асистенција, во конективноста и во интелигентното ракување со кокпитот. Тоа е воедно и прв „неелектричен“ модел во светот, што може да вчитува нов софтвер Over-the-Air, за повеќе од 40 модули во автомобилот.
Тимот на дизајнерот Фил Симонс, меѓу другото креатор на Range Rover Velar, завршил одлична работа. Секаков обид изгледот на H6 да се омаловажи со вообичаените коментари дека „личи на овој или оној“, тука завршува безуспешно. H6 изгледа како Haval и како сите модели од новата генерација, што допрва ќе ги среќаваме на македонскиот пазар. Тоа го вклучува и новиот Jolion, што за мошне кусо време ќе му се придружи на H6 на линијата на нападот на кинеската марка.
Дволитарски турбо бензинец со 204 КС и 7-степен менувач со двојна спојка е стандард, се избира меѓи изведба со погон напред и изведба со погон на сите тркала
Импресиите од првата средба со новиот Haval H6 се убедливи. Направивме куса снимка на моделот изложен пред салонот во Момин Поток, а уште една убава вест е тоа што моделот наскоро ќе ни пристигне и на тест-возење во Аутомедиа. Увозникот Толту Моторс моментно го нуди моделот во две изведби. Дволитарскиот турбо бензинец со директно впрскување и 7-степен менувач со двојна спојка е заеднички за двете изведби, разликата е во погонот. Изведбата со погон напред чини 34.000 евра, во врвното ниво на опрема Supreme, додека за погон на сите тркала треба да се доплати 2.700 евра.
Пикапите од новата генерација GWM Poer секако дека не го пропуштаат големиот американски пазар
Вградувањето уред за погон на автогас Landi Renzo останува како можност и за новиот модел, со доплата од 1.200 евра. Може да се доплати за само две ставки, сé останато е веќе вклучено: 800 евра за металик лак и 2.000 евра за панорамски сончев покрив.
Моќноста на дволитарецот изнесува 204 КС при 5.500 вртежи во минута, а вртежниот момент достигнува 320 Nm уште при 2.000 вртежи. Станува збор за комплетно нов мотор, којшто е дел од технолошката платформа Lemon и се одликува со висок степен на ефикасност од 38 проценти. Производителот наведува просек од 7,4 литри, а ракводејќи се според искуството од тестот на претходниот модел, реална вредност со деветка пред запирката е сосем за очекување. Спринтот трае 9,9 секунди, крајната брзина изнесува 200 km/h.
Во поглед на системите за асистенција, Haval не само што го нуди истото ниво како моделите од европските премиум марки, туку и самиот поставува стандарди
За возните својства и за безбедноста, познавачите ќе ги уведат следните податоци: Назад работи мултилинк оска, темпоматот подзапира самостојно кога напред има побавно возило, камерата ги чита сообраќајните знаци, возилото подзапира самостојно кога има пешак или велосипедист на патот, возилото ја следи лентата, па дури и запира самостојно, кога при минување крстосница наидува залетано возило од попречен правец. Во поглед на системите за ааистенција, Haval не само што нуди безбедност и комоција како модел од европските премиум марки, туку и самиот поставува стандарди. Тоа, впрочем, гласно ѝ се соопштуваше на светската сцена, кога новата моделска постава на GWM и Haval имаше премиера на салонот во Пекинг пред година и пол.
Овој компактен СУВ уште во претходната генерација остави малку простор за забелешки, а во оваа речиси воопшто нема што да се приговори. Дури и звукот при затворањето на вратите е „дизајниран“, а голем напредок е постигнат во усогласеноста на боите и материјалите во кокпитот. H6 оддава впечаток на високо ниво на завршна изработка.
Какви сé уште изненадувања има да приреди овој автомобил, ќе дознаеме на тест-возењето.