за

Тест · Haval H6 2.0 Supreme

Големиот СУВ од кинеската марка донесува големо освежување на автомобилската сцена. Дизајнот е првото што освојува кај специјализираната марка за теренци на Great Wall Motors. Изненадувањата кај Haval H6 зборуваат за брзиот напредок во оваа марка што долго ја познаваме и на македонскиот пазар.

Great Wall Haval H6

За производителите на автомобили од Кина важи дека напаѓаат, освојуваат, преземаат. Така најчесто се спомнува во насловите. Секако дека кинеските производители не се расположени толку воинствено, тие само си го работат бизнисот добро. SAIC, Geely и Great Wall Motors е вистина дека имаат неколку екстра погодности, како што се владеење со најголемиот авто-пазар во светот или локално присуство на фабриките на најмоќните светски (не само) автомобилски корпорации, но и тие погодности Кинезите ги користат добро.

Haval H6 ни пристигна на тест во редакцијата во вонредни услови. Вонредни, затоа што директно му претходеше електричен автомобил, Mini Cooper SE, кој на возењето му дава сосем различен призвук од секое гледиште и прави возењето со обичен мотор одеднаш да стане здодевно. Во такви околности, колку може да биде интересен SUV што е класична зделка, односно е голем, со моќен бензинец, многу опрема и цена на автомобил од кинеска марка?

За својата парадна СУВ-марка, увозникот Толту Моторс пишува дека концернот Great Wall Motors „во соработка со инженерите и дизајнерите од германскиот производител BMW ги разви моделите Haval.“ Производителот зборува со истиот тон: „Haval H6 е носечки модел на Haval, една од трите водечки светски марки што се специјализирани за СУВ.“ Според Great Wall Motors, „секоја генерација на H6 пишува историја и крунисана е како легенда на најголемиот автомобилски пазар во светот.“ Сите овие наводи треба да се ценат како веродостојни, затоа што од Haval H6 досега се продадени над 3 милиони примероци во повеќе од 60 држави во светот. Пет години во низа, H6 е меѓу десетте најпродавани СУВ модели во светот.

Постои уште една причина, зошто е лесно сите овие тврдења на производителот да се прифатат како веродостојни. Причината е многу очигледна. Таа е всушност насекаде по возилото. Haval H6 има фантастичен дизајн. Не станува збор за еден агол или за една страна, од којашто оваа каросерија изгледа убаво. Било да се гледа од напред, од назад, во детали, во џиновската маска што пак совршено одговара со пропорциите на H6 или во внатрешниот живот на задните светла – кога ќе се здогледа „грдосијава“, љубопитниот поглед само чека да здогледа знак на некоја светска марка. Нема симболика, името Haval е напишано во најрудиментарна форма. Зарем има поголема гордост од тоа, на автомобилот само да го напишеш името на марката, без некакви симболи што ветуваат неба, облаци и слави?

Сета еуфорија околу изгледот на Haval H6 доаѓа на место кога ќе се дознаат имињата на дизајнерите

Нема симбол, самиот автомобил е симбол. Малкумина се прашуваат, дали зад изгледот на СУВ-марката на Great Wall (патем ги има четири, Haval, Wey, Ora и GWM Pickup) можеби стои некое големо дизајнерско име од автомобилската сцена. Не е едно, туку се две. Изгледот на Haval H6 е дело на поранешниот дизајнер на BMW, Пјер Леклерк, чиешто дело се претходните генерации на X5 и X6. Белгиецот по одличниот успех во Great Wall Motors премина во Kia, за од пред извесно време да почне да црта за Citroen.

Новите модели, вклучувајќи го Haval Dagou, го носат потписот на Фил Симонс, уште едно големо име. Британецот го има дизајнирано секој актуелен модел на Land Rover, од Evoque и Velast, преку Discovery, до Range Rover. На ова импресивно портфолио се придружуваат и претходната генерација на Ford Fiesta, Lincoln MCZ, исто и фамозниот ентериер на претходниот Mini. Дизајнерите од највисок ранг потпишуваат да работат за кинески компании затоа што сакаат да прават и да гледаат големи промени.

Дури и кошот на моторот е дизајниран. По повлекувањето на рачката, што уште на невидено укажува дека активира софистициран механизам на бравата на хаубата, се прикажува глетка како кај скапо британско купе. Два силни амортизери ја подигнуваат хаубата, по целиот раб на кошот минува дебела заптивка со зајакната основа, масивна преграда дополнително го изолира моторот акустично од кабината, светлата се прицврстени со достапни завртки за лесно да се отстранат, акумулаторот е од кинеска фабрика на Varta, сé е проектирано и конструирано со вешт инженеринг – некој рече ова било кинески автомобил?

Името на марката што се проектира пред возачката врата е прикажано веројатно на најголема површина во браншата

Добар впечаток се насетува по отворањето на вратите. Ноќе на асфалтот под вратите се појавува името Haval, напишано секако со црвена боја и во димензија каква што не се среќава во друг автомобил. Добриот впечаток е поради тоа што вратите зафаќаат ниско во праговите – возачите и патниците во Haval нема да ги познаваме по извалканите ногавици.

Возачот е на добро место во овој автомобил: Дигитални инструменти и голем дисплеј во средина, автоматски менувач, многу копчиња на воланот, кожени седишта со електрично местење и меморија, средишен контролер, електрична паркирна сопирачка и веројатно најширокиот потпирач за рака моментно на пазарот.

Под средишниот дисплеј се наоѓа лента со копчиња за основните функции, затоа што посебните дотерувања и одредени функции се достапни само преку влегување во менито и ракување преку дисплејот од 9 инчи. Секако дека притоа е од голема помош и ракувањето преку средишниот контролер во стил на iDrive. Контрастот во средишниот дисплеј не е толку впечатлив како кај скапите дисплеи во премиум марките и при пониско седење може да останат покриени симболите во самото дно на средишниот дисплеј. Тоа сепак се детали што го прават шармот на еден автомобил, никој нема поради тоа да престане да ја обожува колава.

Haval сака работите да ги направи различно и подобро: Зошто копчето старт-стоп мора секогаш да биде сокриено зад воланот, божем е толку неважно?

Точно така, колава се обожува. Копчето старт-стоп, на пример, долго време беше гордост на производителите, за денес да остане сокриено и одвај видливо кај повеќето модели. Кинезите не сакаат така. Копчето господски тронува во средишната конзола на Haval. Таму му е местото, чувството едноставно е поубаво. Volvo исто така внимава на овој далеку од безначаен детал.

Главниот момент во кокпитот не се дисплеите или копчето за старт во средишната конзола, туку крилото што прави елегантен лак по целиот потег на таблата, почнувајќи од дисплејот пред возачот, до завршетокот на истата. Оваа елегантна линија е дополнително нагласена со петте надолжни ребра. Се внимавало и на финишот. На многу места се забележуваат сребрени површини со мат или сјаен финиш, додека поголемиот дел од средишната конзола и една лајсна во самата табла се лакирани со мика-структура. Колку што оваа површина му дава мала доза на благородност на кокпитот, толку една мала површина во воланот што е изведена во стил на перфорирана кожа делува несоодветно.

Генерално, за изработката на кабината важи правилото: Да не биде прескапо, но и да не биде премногу ефтино. Привлечноста кај Haval H6 е во друго, не е во помислата за тоа колку скапи материјали се вградени во кокпитот или дали боите биле ускладени. Американските производители одамна не се оптоваруваат со изгледот или чувството при допир на материјалите во нивните автомобили, така што е добро сознанието дека Кинезите ги следат во тој поглед.

Во големиот СУВ се ужива во изобилството во секој поглед, ова е како полн пансион

Привлечноста кај Haval H6 е во изобилството. Во возење, тој се однесува како голем автомобил, такво чувство посредува дизајнот на кокпитот и тоа освојува. Се чувствува просторноста на кабината, волуменот. Радува тоа што напред работи бензинец, дволитарски со 190 КС, со варијабилна работа на двете брегасти вратила, пристојно снабден со турбонатполнење (BorgWarner) и директно впрскување. Вртежниот момент од максимални 340 њутнметри, преку 7-степен менувач со двојна спојка од специјалистот Getrag се пренесува на предната оска.

Радува бензинецот, затоа што работи солидно. Станува збор за мотор од сопствен развој и од сопствено производство. Сите манири што се очекуваат од бензински мотор со денешен датум на производство, овој мотор со код GW4C20NT ги покажува. Четирицилиндарецот работи меко, тивко, моќта ја ослободува рамномерно. При посилно забрзување, сепак треба да се има предвид дека возилото тежи 1.710 килограми.

Имањето предвид во тој случај треба повеќе да се однесува на потрошувачката, отколку на способноста на моторот да повлече. Потрошувачката навистина се покажа како пријатно изненадување. На отворен пат може сосем спокојно да се очекуваат вредности од околу осум литри. Во град, исто така нема да биде проблем вредноста да се одржува поблиску до деветка пред запирката, отколку до десетка или повеќе. Од тој аспект, изборот на бензинец во СУВ од категоријата и од класа на Haval H6 повеќе не е табу. Секако дека моторот може да се испровоцира да пријави просек од околу 13 литри, но тоа е повеќе тркање, отколку возење. Во реалното секојдневие на возач што е свесен за врската меѓу педалата за гас и пумпата за точење гориво, вредноста не треба да надмине многу над 9 литри.

Програмите за возење се стандард. На кого му пречи меката реакција на погонот во еко-модусот, треба само да посегне по прекинувачот и да вклучи спортски модус

Може да се избере и спортска програма за возење, кога менувачот си зема помалку време за размислување и го работи тоа што во моментот се бара од Haval H6. Педалата за гас исто така реагира подиректно. За сервоподдршката на управувањето, може посебно да се избере спортски модус, преку копче во средишната конзола.

Динамичното возење не му е туѓо на Haval, напротив, изненадува и тоа што подвозјето покажува вешто дотерување. Секако дека врвни достигнувања во одредени „дисциплини“ на спортското возење не треба да се очекуваат, меѓутоа радува што кинескиот СУВ не потклекнува во ова мошне чувствително подрачје.

Во поглед на комфорот во возење, подвозјето повеќе е стегнато по европски терк, отколку што е релаксирано. Нема да биде изненадување ако повремено се почувствува некој удар во груба нерамнина, но утките од типот на меки амортизери и тврди пружини, што беа некој вид правило во раните денови на корејското производство (првенствено Daewoo & Co), кај кинескиов СУВ се апсолутно надминати како инженерски пристап. Добрата оцена е дотолку повредна, што во највисокото ниво на опрема, како на тестот, H6 доаѓа до тркала од 19 инчи и гуми 235/55.

Некои софистицирани решенија, Haval H6 повеќе се решава да ги прескокне. Тоа не го смалува шармот на колава

За просторноста веќе е беспредметно да се зборува, во СУВ што мери над 4,6 метри меѓу браниците и 2,68 метри меѓу оските. Назад се седи високо и правилно, клупата е масивна и нуди целосна потпора, простор има во изобилство. Постои и можност за клупата да се намести по агол – иако последново би успеало многу полесно, доколку постоеше посебна рачка.

Исто и за багажникот, може да се забележи само за исклучителен случај, доколку се товари габаритен и тежок товар. Долниот раб на отворот не е во иста линија со подот и тоа условно би го отежнало лизгањето тежок товар по подот. Истото важи и за клупата, што не паѓа во иста линија со подот.

Секако дека овие забелешки не фрлаат ниту најслаба сенка врз автомобилов – не би можело поинаку, затоа што тој брилјира во чувствителното подрачје, а токму во тоа подрачје потклекнуваат многу „светски“ модели. Haval H6 е топ-моделот во понудата на Great Wall Motors на македонскиот пазар и позициониран е над компактниот H2. Според механиката и перформансите, споредено со европската топ-понуда, Haval H6 би бил во класа со Volkswagen Tiguan, меѓутоа според димензиите и спецификацијата преоѓа половина скалило погоре. Точно Tiguan се чини најпримерен, затоа што германската марка на кинескиот пазар нуди продолжена изведба Tiguan L – од локално производство, секако.

Основниот модел чини 22.400 евра, колку класичен компакт со половина од опремата во H6

Основната изведба на Haval H6 во понудата на Толту Моторс чини 22.400 евра, со таа разлика што освен во нивото на опременост во споредба со тестираниот модел, има 1,5-литарски мотор со 163 КС. Оваа погонска единица исто така користи турбонатполнење и директно впрскување, стандардно со 7-степен менувач со двојна спојка, но е за точно 2.000 евра подостапна од дволитарската верзија со 190 КС.

На располагање стојат три нивоа на опрема. Основното ниво Comfort вклучува клима уред со филтер за полен, електрична паркирна сопирачка, магленки со вклучување при скршнување, алу-тркала од 18 инчи со гуми 235/65, паркинг сензори назад, автоматски светла и сензор за дожд, пристап во возило и старт на мотор без клуч, избор од програми за возење (еко, спорт, стандард), радио со команди на волан и блутут.

Во средното ниво на опрема Premium, со разлика во цена од 1.000 евра, во возилото следуваат уште автоматски клима уред, темпомат, електрика и греење на ретровизори, паркинг сензори напред, задна камера, предупредување при возило во мртов агол, кожа на волан, кожени седишта, електрично местење и греење на предни седишта, местење на возачко седиште во слабинскиот дел, амбиентално осветлување, диодно соборено и долго светло, носач за кровен багажник и алу-тркала од 19 инчи со гуми 235/55.

Извесно е дека некое следно моделско освежување ќе донесе изобилство од системи за асистенција; Со камерите при паркирање и маневрирање, големиот СУВ веќе е шампион

Највисокото ниво Supreme, како кај возилото на тест, достапно е и со 1,5-литарскиот мотор, по цена од 25.400 евра. Со дволитарецот со 190 КС, цената е 27.400 евра. Во двете илјади евра плус, колку што чини Supreme над средното ниво, се добива буквално супериорна опременост. На сите ставки од претходните нивоа, тука следуваат уште дигитални инструменти од 12,3 инчи, меморија за седишта и за ретровизори, помош при паркирање, систем од камери со приказ од горна перспектива во 360 степени, предупредување при преоѓање во соседна лента, предупредување за возило што наближува попречно при маневрирање наназад, грејачи во волан.

Изобилството од комфорна и функционална опрема можеби и не беше толку тешко да се постигне во времето кога се набројуваа ставки од типот на централна брава или електрика на прозорци. Меѓутоа, Haval H6 веќе нуди ставки што реално се извојуваат над стандардната понуда. Посебен впечаток остава промисленоста со којашто е изведен системот од камери. Додека некои марки обожуваат да изнаредат дузина линии по дисплејот, верувајќи дека на тој начин помагаат при паркирање, тука возилото се прикажува едноставно од горна перспектива, со висока резолуција што прави ориентирањето да биде прецизно. Во деветте инчи има доволно простор за во исто време да се гледаат и приказ во 360 степени и класичен приказ од задната камера.

Вистинскиот аха-момент доаѓа кога по маневрирање наназад, на пример, при возење по терен, ќе се забележи дека во средишниот дисплеј уште се прикажува слика од камерата. Прво ќе се помисли дека тоа е некоја забуна на вештачката интелигенција, но пријатното изненадување следи откако ќе се препознае дека тоа е всушност слика од предната камера. Тоа е голема помош кога се избегнува некоја пречка при возење по терен и како систем е изведен по пример на мулти-теренскиот монитор на Toyota Land Cruiser.

Haval H6 не е како некогаш прочуената раткапна-плескавица, којашто сепак беше само плескавица, многу голема

Противвредноста е основното што ги привлекува купувачите кај Haval. За најдобро да ја претставиме противвредноста, еден пример од ресторанско мени. Плескавица од килограм месо долго време важеше како нон-плус-ултра во гурманското уживање. Но, потоа еуфоријата стивна, откако гурманите се сетија дека тоа е сепак само плескавица, но многу голема плескавица. Значи, тука вооошто нема разлика во квалитетот, вкусот останува истиот, класичен. Haval H6 во тој поглед, во споредба со обична плескавица, повеќе е како целосен оброк, којшто дополнително вклучува предјадење во италијански манир (во смисла на дизајнот) и десерт каков што подготвуваат само најдобрите кулинари (во смисла на противвредноста).

Great Wall Motors и Haval настапуваат како пријатно освежување. Додека европските и азиските големци ја подигнуваат автомобилската сцена сé повисоко, кинескиов концерн го нуди нивото на цени и противвредност што ја прават идејата за купување нов автомобил достапна за релативно поширок круг купувачи. Тоа што прави маркава да биде посебно симпатична е степенот на напредок. Во интензитетот со којшто GWM и Haval го унапредуваат бизнисот, познавачите на автомобилската сцена ќе се присетат на старите времиња, кога сé беше прегледно и достапно. Скалило подолу од H6, концернот Great Wall Motors го има во понуда и компактниот Haval H2, кој стартува под 18.000 евра. Моментно марката изложува бројни новитети на авто-салонот во Пекинг, најавува и ново поглавје на стратешки развој.

Сите национални автомобилски индустрии некогаш биле нови на сцената. Тоа важи и за јапонските и корејските производители, што денес настапуваат како глобално моќни играчи. Разликата кај кинеските производители е во тоа што нивниот напредок е уште поинтензивен. Неверојатна е брзината со којашто се развиваат марките и се оформуваат, добиваат физиономија во пазарната понуда. Кај Haval нема што да се чека повеќе, за марката да се развие. Ова е марка што настапува рамноправно во конкурентската борба со докажаните марки. И веќе е во трка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Авто салон во Пекинг: Шоуто мора да продолжи

Авто салон во Пекинг: Шоуто мора да продолжи

Електро-пикапот на Lordstown премиерно во Белата Куќа

Електро-пикапот на Lordstown на прием во Белата Куќа