за

Авто салон во Пекинг: Шоуто мора да продолжи

Салонот Ауто Кина во Пекинг претрпе големи промени поради пандемијата. Место пролетоска, важниот настан во Кина се одржува есенва, но настанот се претвори и во чисто национален салон.

Авто салон во Пекинг: Шоуто мора да продолжи

Улогата на најважен салон за автомобили на светската сцена годинава несомнено му припаѓа на Ауто Кина во Пекинг. Една од причините за тоа е неодржувањето на другите светски салони, додека другата причина е многу повеќе суштинска. Кинескиот пазар веќе одамна е вратен во нормала. Некои производители сепак напредуваат повеќе од останатите.

Светската економија подолго од половина година трпи последици од корона-вирусот. Земјата од којашто потекнува вирусот, повеќе месеци е вратена во нормала. Сигурен знак дека економијата заздравува е тоа што продажбата годинава заостанува само за уште десетина проценти зад плановите.

Тоа важи и за локалното производство на возила. Додека пазарите во САД, Јужна Америка или Европа уште се далеку од нивото што го имаа пред Ковид-19, ситуацијата во Кина е многу различна. Ауто Кина годинава е поважен настан од кога било досега, од едноставна причина што на најголемиот автомобилски пазар во светот се постигнува и најголемиот промет.

Концернот Great Wall Motors вообичаено има едно од најзабележливите присуства на салонот во Пекинг. Премиера на третата генерација на Haval H6, наскоро следи нашата објава на тестот на актуелниот модел

New photo by Automedia MK / Google Photos

Поради строгите ограничувања за влез, со 14-дневен хотелски карантин, исклучително е мал бројот на странци што влегуваат во земјата. На салонот присуствуваат главно локални менаџери, кои ги претставуваат марките на изложбената површина на салонот од 200.000 метри квадратни.

Растот на премиум марките фасцинира: BMW +45%, Mercedes и Audi малку под +20%

Од странските марки, вообичаено се најзастапени германските автомобили. Тоа важи особено за премиум марките, кои брзо се вратија во нормала. Победници на кинескиот автомобилски пазар се BMW, со продажба зголемена за 45 проценти, потоа Mercedes (+19 проценти) и Audi (+18 проценти). Тоа е огромен пораст во споредба со ланските резултати, уште повеќе покрај фактот што е постигнат во услови на пандемија.

Кинезите ја сакаат E-Class со продолжено меѓуоскино растојание. Половина од светската продажба на моделот лани отпаѓа на оваа верзија

New photo by Automedia MK / Google Photos

Големите национални производители, со исклучок на Geely, засега профитирааат само малку од разбудениот автомобилски пазар во Кина. Ситуацијата моментно се развива исто како што предвидеа аналитичарите, дека веднаш по корона-кризата ќе следи подем на премиум марките на кинескиот пазар. Додека вкупниот пазар продолжува да опаѓа, како тренд што се провлекува уште од лани, во премиум сегментот сé е како порано. Тој сегмент, пак, и натаму им припаѓа на германските марки Audi, Mercedes и BMW.

Серијата 5 на BMW во освежено годиште и секако во продолжена изведба, плус со приклучен хибриден погон кој овозможува стотина километри на струја

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пазарните новодојденци со електрични автомобили, од рангот на Nio, Xpeng или Li Auto, уште не фигурираат со поубедливи бројки во вкупната продажба во земјата. Тие се подготвуваат за борба со останатите електро-марки и како трн во око ја имаат Tesla, којашто веќе долго време ги произведува своите автомобили во Шангај.

Електричниот Audi e-tron е во „природна“ средина во Кина, каде што се дава голем поттик за електричниот погон

New photo by Automedia MK / Google Photos

Премиера на штандот на Audi имаше верзијата на Q5 со продолжена каросерија, којашто исто како и конкуренцијата ќе се продава само во Кина, но и потекнува од локална продукција. BMW на Ауто Кина се прикажува во најспортско светло, со двојна премиера на лимузината BMW M3 и на купето M4. Баварците исто имаат модел од локална продукција, електричен BMW iX3, кој се произведува во BMW Brilliance и ќе се извезува и на останатите пазари. Европа засега ќе чека на оваа верзија на X3 со погон на струја.

Polestar објави дека концептниот автомобил Precept ќе доживее сериско производство, публиката јасно кажа дека го сака овој автомобил со електричен погон на подмарката на Volvo

New photo by Automedia MK / Google Photos

Електричен е погонот и на студијата i4, што во својата сериска изведба веројатно ќе привлече помалку внимание од BMW 535 Le. Станува збор за продолжена верзија на европскиот 530e, со каросерија подолга за 13 сантиметри. Бизнис-лимузината за Кина има и подолг досег. Со полна батерија, 535 Le минува сосем пристојни 95 километри.

Најголема ѕвезда од Европа на салонот во Пекинг е новата генерација на Mercedes S-Class

Убедливо најголема европска ѕвезда на салонот е новиот Mercedes S-Class, што на кинескиот пазар ќе се нуди строго во продолжената каросериска изведба. Како противник на BMW 535 Le, швабите ја прикажаа верзијата на освежената E-Class со продолжено меѓуоскино растојание. Кина е најголем единечен пазар за Daimler уште од 2015 година. Оттогаш, продажбата на марката со сребрената ѕвезда се зголеми двојно.

Моделот од носечката фотографија е GWM PWR Pickup, од марката братската марка на Haval во концернот Great Wall, строго специјализирана за пикапи

New photo by Automedia MK / Google Photos

Продолжената верзија на E-Class постигна нов рекорд и двоцифрен раст во продажбата. Лани половина од вкупната продажба на лимузинската E-Class отпаѓа на продолжената изведба за кинескиот пазар. Beijing Benz Automotive Co., Ltd (BBAC), заедничка инвестиција на Daimler и кинескиот партнер BAIC Motor, произведува патнички автомобили на Mercedes-Benz уште од 2005 година, а од 2013 година произведува и мотори. BBAC вработува повеќе од 11.000 работници, кои произведуваат вкупно 10 различни модели.

Volkswagen Tiguan X како купе изведба на европскиот Tiguan. Моделот веројатно нема да се продава на европскиот пазар

New photo by Automedia MK / Google Photos

Томас Ингенлат, шеф на Polestar, електричната подмарка на Volvo, на салонот во Пекинг најави дека студијата Precept ќе влезе во сериско производство. „Кина е домашен пазар за Polestar и воочуваме дека на стремежот за напредок во одржливоста на животната средина тука му се придава сé повеќе внимание“, коментира Ингенлат.

Great Wall експериментира со ретро изглед, во комбинација со најсовремена технологија. Дизајнот добро им успева на стилистите на концернот

New photo by Automedia MK / Google Photos

Volkswagen на салонот во Пекинг настапува заедно со моќните партнери SAIC и FAW. На Ауто Кина е прикажан новиот Tiguan X, како купе-варијанта на европскиот Tiguan, а премиера имаше и новиот Golf. Концернот од Волфсбург одлично се пробива со подмарката Jetta, којашто е позиционирана во долниот премиум сегмент и им парира на кинеските марки. Во овој сегмент досега беа присутни само локалните марки. Jetta годинава продаде повеќе од 104.000 возила.

Концернот Great Wall Motors ја претстави новата генерација на Haval H6, еден од најпродаваните СУВ-модели во светски рамки

Од локалните производители е највпечатливо присуството на концернот Great Wall Motors со своите марки Haval, Wey, Ora и GWn Pick Up. „Ауто Кина 2020 е важна средба на браншата, што придонесува за економијата во регионот да заживее по пандемиајта од Ковид-19. На овој салон сакаме да покажеме дека ние во ова исклучително време имаме разбирање за нашите клиенти и се приспособуваме за нив“, изјави Тони Сун, заменик генерален директор на GWM International.

Haval H6 во следниот еволуциски чекор, моделот уште од првата генерација е присутен и на нашиот пазар

New photo by Automedia MK / Google Photos

Најважниот модел на концернот Great Wall на салонот е третата генерација на СУВ-моделот Haval H6. Покрај него, на големиот штанд се наоѓаат уште моделите F7, F7x и луксузниот Haval H9. Компактниот СУВ-модел на американскиот General Motors е две класи подолу од кинескиот Haval. Долг 4,65 метри, Chevrolet Equinox е најпродаван СУВ на GM во светски рамки. На кинескиот пазар моделот се нуди со 1,5 или 2,0-литарски турбо бензинец. Топ-модел е RS со мотор со 236 КС. Во Пекинг е изложен и преработената верзија на Cadillac XT4, заедно со двата кинески модели Baojun RC-5 и RC-5W.

>>> Great Wall домаќински на салонот Ауто Кина 2020

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Audi Q5 со завршница во стил: Трет Sportback во СУВ-понудата

Audi Q5 со завршница во стил: Трет Sportback во СУВ-понудата

Great Wall Haval H6

Тест · Haval H6 2.0 Supreme