Овој Лексус има 2.000 КС, полн резервоар му чини 7.000 евра и плови

Луксузната јахта на Лексус е достапна само за најбогатите, долга преку 20 метри, со два мотори и место за забава за 15 гости.

Во Лексус веќе извесно време може да се луксузира и на море. Скапата марка на Тојота им нуди на богатите нова направа за уживање. Јахтата Ел Уај 680 ќе ја има својата голема премиера на саемот за наутика Форд Лодердејл, што ќе се одржи кон завршетокот на октомври.

Новата луксузна јахта е усовршување на Ел Уај 650, којашто Лексус ја пушти во сериска изработка во 2019 година. Партнер повторно е групацијата Хорајзон. Тајванската компанија е задолжена за производството, додека Лексус се грижи за дизајнот и за опремувањето.

Изгледот на јахтата ја следи шемата што Лексус ја применува кај своите автомобили, позната како Л-финес. Промените кај „680“ главно се во надворешноста. Горната платформа е продолжена 1,4 метар. Со тоа се доби простор за поголема софа и за скара. Порасна и задниот базен за 70 сантиметри. Јахтата е долга 20,63 метри, широка е 5,76 метри.

Под палубата се наоѓаат три кабини, со лежаи за шестмина. На јахтата е предвиден простор за забава за 15 лица. Просториите долу се наменети за престој и изведени се со најотмени материјали, главно дрво, во дизајнот на Лексус.

Два дизели со моќност по 1.014 КС

Моторите доаѓаат од Волво Пента, односно тоа е ИПС-систем на бродски мотор. Може да се изберат две погонски единици од Волво Пента ИПС, едната со ознака 1050, другата 1350. Се работи за т.н. Под-системи, со два дизели и пропелери што се вртат во спротивна насока. Моторите се под трупот и се насочуваат. ИПС-системот се состои од мотор, пренос, пропелер и електроника, односно дисплеи, инструменти и џојстик.

Во двете изведби се користи 12,8-литарски дизел Д13, со шест цилиндри во линија. Кај ИПС 1050, моќноста е 811 КС, додека изведбата 1350 доаѓа до 1.014 КС. Секако дека се користи впрсквуање со заеднички вод под висок притисок (комон рејл) и турбонатполнење.

За претстава, полн резервоар би чинел околу 7.000 евра

Погонските мотори се напојуваат од резервоар од 4.012 литри. Во јахтата се наоѓа и резервоар за питка вода, од 852 литри. Според Хорајзон, потисокот изнесува 33,36 тони.

Освен погонските мотори, Ел Уај 680 располага и со два генератори од Онан (Каминс) со моќност од 29 кВ секој. Тие ја испорачуваат струјата за потрошувачите.

Произведено во Тајван

Хорајзон ја изработува јахтата во Тајван. Тие се специјализирани за изработка на јахти по посебна нарачка, главно големи јахти. Во производството во Тајван се применуваат стандардите на Тојота и Лексус.

Цената се разликува од пазар до пазар, од континент до континент, единствено се наведува цената во Јапонија: 760 милиони јени, односно тоа се околу 4,2 милиони евра.

Претходна објаваПаѓа продажбата на Форд во САД, Хјундаи и Киа му го преземаат пазарот

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here