за

Peugeot 208 најпродаван модел, по сегменти владеат СУВ-моделите

Големи промени се случуваат на европскиот пазар во продажбата по автомобилски сегменти. Градските модели сé почесто се престигнати од СУВ-моделите.

toyota c-hr 2020
toyota c-hr 2020

Најпродавани модели на европскиот пазар во првото полугодие од 2022 година се Peugeot 208 и Dacia Sandero. Иако градски модели ја водат продажбата, гледано по сегменти, пазарот им припаѓа на малите и компактни СУВ-модели и кросовери, каде што се главни Volkswagen T-Roc и Dacia Duster, односно Kia Sportage и Peugeot 3008.

Сегментот на малите СУВ-модели и кросовери е носечкиот сегмент во Европа во првото полугодие, со 970.863 продадени возила. Традиционално водечкиот сегмент на градски автомобили ја изгуби и трката со СУВ-моделите од компактниот сегмент, и со 829.198 примероци, сегментот на Peugeot 208 и Opel Corsa е трет најпродавана група автомобили, по 834.085 примероци на сегментот што им припаѓа на Kia Sportage, Peugeot 3008 и Toyota C-HR.

Пазарните аналитичари сепак остануваат резервирани, затоа што пазарот долго време е нарушен поради нередовноста во испораката на компоненти во синџирот од добавувачи. Дури и на топ-менаџерите на автомобилските концерни им е проблем да издвојат некој сегмент и вид на возила, што пазарот во моментов ги бара најмногу или за коишто најмногу расте побарувачката. Извршниот директор на Skoda, Клаус Целмер, неодамна на еден настан на Volkswagen Group изјави за Аутомотив Њус, дека „во моментов е многу тешко да добие вистинско чувство за тоа кои автомобили се бараат, а кои не“. Директорот на чешката марка понатаму додава дека „побарувачката за кој било вид автомобили во моментов е многу повисока отколку што можат да произведат фабриките“.

Слабиот резултат во сегментот на градските автомобили, што е традиционално најголем сегмент во Европа, се должи главно на два модели. Во изминатиов период е драстично намалена продажбата на Renault Clio, којшто има пад од 35 проценти, како и на Ford Fiesta, чијашто продажба е преполовена. Ford се соочува со големи тешкотии за да го одржи производството на Fiesta во фабриката во близина на Келн, поради проблемите во испораката на компоненти од добавувачите.

Во време кога на производителите располагаат со ограничени количини микрочипови, менаџерите решаваат тие да се вградуваат прво во моделите што им носат повисока заработка

Причина за големиот пад во продажбата на Fiesta се претпоставува дека е ставањето приоритет во производството на малечкиот СУВ-модел Puma, каде што и заработката е поголема. Менаџерите избрале ограничената количина од микрочипови што им стои на располагање на фабриките, да ја користат за вградување во Puma, на сметка на производството на Fiesta. Тоа се огледува и во продажните бројки на Puma, чијашто продажба во првото полугодие се намалила за само 11 проценти. Вистинската слика се покажува кога ќе се види дека Puma постигнала повеќе од двојно повисока продажба од Fiesta. Овој тренд станува правило во целата бранша.

Peugeot 2008 е четврти најпродаван модел во сегментот на градските СУВ-модели

Истиот пример како со Puma важи и за малечкиот СУВ-модел Renault Captur, којшто ја престигна продажбата на Clio. Трендот се потврдува и кај Toyota, чијшто СУВ-модел Yaris Cross со 65.176 продадени примероци веќе се приближува до Toyota Yaris, со продадени 79.315 возила.

Dacia Sandero останува стабилна високо на врвот на најпродавани модели во Европа, што докажува дека голем дел од купувачите главно избираат модели со подостапна цена.

Продажбата на СУВ-моделите што се поскапи во споредба со класичите градски модели им помогна на голем број производители да постигнат профит во овие вонредни времиња. Пазарот сепак нема да претрпи трајни промени. Како што производителите на автомобили ги сведоа попустите на најмала можна мера и како што цените растат постојано, под притисок на растечката инфлација, купувачите сепак нема да ги заборават класичните градски автомобили и да го изгубат интересот за нив.

Сегментот на компактните СУВ-модели расте под влијание на пристигањето на новите генерации модели. Најдобар пример е Kia Sportage, чијашто продажба порасна за 41 процент во споредба со првото полугодие лани. Растот во сегментот го поттикнуваат и новите Cupra Formentor и Renault Arkana.

Производителите ги чуваат ограничените количини од микрочипови за новите модели што ги пуштаат во продажба на пазарот, за да можат да постигнат поголем раст во новите сегменти

Аналитичарите ценат дека постојаниот раст во продажбата на СУВ-модели можела да биде прекината во втората половина од годината. Како причина за тоа се наведува фактот дека пазарот досега нема покажано дека трпи влијание од растечките животни трошоци. Автомобилите што се регистрирани во првото полугодие, нарачани се со месеци порано, пред инфлацијата и пред големите поскапувања. Како што буџетот ќе станува сé поограничен, кога фабриките повторно ќе можат да произведуваат под полн капацитет – и ќе имаат доволни количини микричипови за тоа – купувачите ќе почнат да се префрлуваат на подостапните градски автомобили.

Kia Sportage најпродаван модел во Македонија во јули – заедно со Fiat Tipo

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Haval Jolion е автомобилот со којшто другите се споредуваат

Виетнамски VinFast ги испорача првите електрични СУВ-модели