за

Kia Sportage најпродаван модел во Македонија во јули – заедно со Fiat Tipo

Според неофицијални податоци, во Македонија во јули биле продадени 484 нови патнички и доставни возила. Од почетокот на годината, возниот парк е обновен со вкупно 2.528 патнички и 552 доставни возила.

Според неофицијални податоци, од Kia Sportage на македонскиот пазар се продадени 94 примероци до завршетокот на мај

Меѓу марките, најмногу возила има продадено Toyota, којашто со 59 возила учествува со високи 12,2 проценти во вкупната јулска продажба. Следат Kia и VW, а во Топ 5 се појавува и Peugeot, со 13 продадени примероци само од моделот Peugeot 208, односно со вкупно 39 продадени возила.

Јули годинава бил послаб месец за продажбата на нови автомобили во Македонија, во споредба со јули лани, но пазарот во првите седум месеци сепак заостанува незначително зад ланските резултати. Наспроти 635 нови лесни возила, односно 532 патнички автомобили и 103 доставни возила, продадени во јули 2021 година, во истиот месец годинава се продадени 484 нови лесни возила, што е за триесетина проценти послабо.

Гледано во целиот период од јануари до јули, продажбата со вкупно 3.090 возила (2.538 патнички и 552 доставни возила), годинава заостанува само 6,3 проценти, во споредба со истиот период лани. Тоа е незначително намалување на продажбата, во време кога најголемите европски пазари бележат падови и по 30 и 40 проценти, главно предизвикано од недостигот од чипови за производството на автомобили.

По марки, според неофицијалните податоци, продажбата во јули 2022 година е следната:

  • Toyota: 59 возила
  • Kia: 46 возила
  • Volkswagen: 41 возила
  • Peugeot: 39 возила
  • Škoda: 36 возила

Секако дека моделската трка е таа што главна привлекува внимание, кога станува збор за продажбата. Податокот за 170-те заинтересирани купувачи што Киа Македонија ги привлече за новиот Sportage уште во првата недела по појавувањето на моделот во салон, во почетокот на годинава, веќе се потврдува и со големата титула за СУВ-моделот со голема историја на успехот на македонскиот пазар. Kia Sportage е најпродаван модел со 30 продадени примероци во јули, односно вкупно 103 возила до јули. Овој резултат е постигнат практично за пет месеци, затоа што моделот имаше премиера кон крајот на февруари.

Место

Марка и модел

Јули 2022

Јан-јул 2022

1 Fiat Tipo 30 60
1 Kia Sportage 30 103
3 Toyota Corolla 18 131
4 VW Polo 16 72
5 Toyota Yaris 14 70
6 Peugeot 208 13 n/a
6 Toyota C-HR 13 n/a
8 Dacia Duster 12 152
8 Skoda Karoq 12 n/a
8 VW Tiguan 12 n/a
n/a Hyundai Tucson 7 61
n/a Mitsubishi Space Star 4 73
n/a Citroen C3 3 78
 – Dacia Sandero 0 61

Sportage сепак го дели првото место со Fiat Tipo, исто така со 30 продажби во јули, односно 60 продадени возила од јануари до јули. Toyota Corolla веќе со години е извесно дека е барем во Топ 3 на најпродавани модели на годишно ниво. За јули, неофицијалната статистика бележи 18 продадени возила, односно 131 продажби до јули. Со тоа, јапонскиот компакт и една од ретките лимузини во класата, годинава е втор најпродаван модел, само по Dacia Duster. Во продажбата на приватни лица, сосем е извесно дека Toyota го презема водството, имајќи предвид дека голем дел од продажбата на Dacia се службени возила.

Големо изненадување е VW Polo со 72 продадени возила на македонскиот пазар годинава. Toyota Yaris веќе има впечатливо присуство на патиштата, со 70 возила до јули, односно 14 возила само во јули.

Радува шестото место на Peugeot 208, коешто францускиот модел го има постигнато со 13 продадени примероци. Кај Peugeot веројатно се покажува најмногу расчекорот меѓу тоа што го пријавува неофицијалната статистика и тоа што е сосем очигледно на улиците.

Toyota C-HR, кој летово беше дел од кампањата на Тојота Авто Центар, исто така покажува ефекти и во јули е 6-ти најпродаван модел, заедно со Peugeot 208. Уште привлекува внимание Mitsubishi Space Star, шампион во својот сегмент, со 73 продадени возила годинава. Високо е рангиран и VW Tiguan, што долго време се нема појавено во Топ 10. Наспроти тоа, Hyundai Tucson, којшто имаше добар старт годинава, сега веќе ја губи трката со Kia Sportage и заостанува далеку со само 7 продадени возила во јули.

Во неофицијалната статистика отсуствува продажбата на Suzuki, марка што на македонскиот пазар традиционално учествува со четири до пет проценти. Отсуството на податоците за Suzuki, како и за уште голем број марки, повеќе укажува на неорганизираност и нецелосност во собирањето податоци за македонскиот пазар, отколку за одбивање на увозниците да објават податоци за продажбата.

Kia Sportage на дело: По стариот пат преку Богомила до Прилеп

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota поставува нови станици за водород во Јужна Калифорнија

Во Калифорнија само електрични автомобили во продажба по 2035 година

Како новиот Peugeot 408 научи да лебди