за

Kia Sportage на дело: По стариот пат преку Богомила до Прилеп

Новиот Kia Sportage е попретставителен и повпечатлив од кога било досега, со силен техно печат надвор и внатре. Дали тоа уште е СУВ што умее да вози надвор од булевари и автопати?

Sportage е старата и нова ѕвезда на Kia. Новиот NQ5-модел во сé е нов, освен во едно. Тој е глобално најпродавана моделска серија на Kia, исто како и претходникот. Со дигитален кокпит и со изобилство од фини детали во каросеријата, компактниот СУВ изгледа некако премногу отмено да се пушти надвор од булевар и автопат. Тоа ни беше предизвик да провериме како вози новиот Kia Sportage по споредни патишта, низ прекрасните предели долж клисурата на Бабуна, по нејзиното течение од Солунска Глава. Авантура што вреди да се повтори.

Постои ли пат во оваа наша најубава Македонија што останал неизвозен. Во овие брзи времиња, кога многу нешта се прават рутински, фабрикувано, лесно е човек да се убеди дека го посетил и го познава секој крај, па да се откаже од нови патешествија и истражувања. Тие што мислат поинаку, можеби ќе извозат тура до Градешница или Витолиште (тогаш возевме електрично Peugeot e-208 и бензинско Peugeot 208), во Мариово, можеби ќе ја извозат најдолгата кружна тура од 800 километри низ Македонија (со електрично Mini и со хибридна Toyota Corolla) или ќе се обидат да го следат течението на реката од изворот до вливот во поголемата река, на пример Треска, од кичевски Извор, до „саставот“ во Сарај (повторно со електричен погон, Seres 3). И пак се најде нова тура, специјална.

Оваа тура со новиот Kia Sportage е за уживање во патувањето. Не постои едно одредиште и не се знае што во тој ден или во тој час ќе го привлече вниманието. Многумина слушнале за Чашка, Бабуна, Богомила, од некоја прочитана вест веројатно останало во сеќавање името Стровија, гурманите знаат дека добра риба има во Оморани и Нежилово. Од основно образование се знае за Јакупица и Солунска Глава, за Караџица и Даутица. Ова патешествие ги поврзува сите овие поими, во доживување што човек ќе посака да го повтори.

Еден е патот што води од Велес кон Чашка. На излез од градот на Рацин и Гемиџиите, патувањето не напредува толку брзо колку што се сака, затоа што патот постојано се спровнува меѓу дворови на стари фабрики, што своевремено имале регионално значење. Многупати се преоѓа преку фабричка пруга, денес останата само како сведоштво за некогаш масивната индустриска активност на ова подрачје. Таа се спојува со главната железничка пруга што по изградбата во 1930-те имала клучно историско значење за развојот на целиот регион.

Патувањето десетици километри води низ вакви пејзажи, човек ќе се почувствува како да е лик во некој филм. Секако дека и новата Kia Sportage помага да се влезе во убав филм, ова е автомобил точно за вакви истражувачки тури

Kia Sportage вози комотно, амортизира примерно, менувачот небаре полуавтоматски лизга од еден во друг степен, а дизелот одамна е совладана вештина во оваа марка. Компактниот СУВ што не може да се смеша со друг модел во уличната слика, прави целото внимание да остане посветено на средината. Овој автомобил е создаден за патување, точно за вакви истражувања, кога човек сака да има доверба во својот превоз.

Во моментите кога ќе се помисли дека патот станал здодевен, по тој кривулест пат со радиус што се менува среде свијок и со постојани благи искачувања, па спуштање, по некое време се прикажува глетка за паметење. Високите планински масиви од сите страни, ја создаваат Чашка. Плодната рамница ја заокружуваат Јакупица, Даутица и Бабуна од запад и југозапад, назад на исток е Клепа, на север и северозапад се Караџица и Голешница. Ова чувство не се овековечува туку така на фотографија или видео, тоа мора да се доживее.

Тоа е тројството на ова патување: Каде што водите од Солунска Глава го издлабиле коритото на реката Бабуна, минува асфалтираниот пат, а некаде во близина врви и железницата

Еден огранок од патот се спушта кон селото Чашка, опкружено со пластеници, се гледа обработена земја, луѓево работат. Како што напредува патот, свијоците се подисправуваат. Натаму кон планините, мора да е посебно убаво. По петнаесетина километри од Велес, се доаѓа блиску до местото на коешто географите ја одредиле средишната точка на Македонија. Државата не презела нешто за тоа место да добие повеќе на значење, па дури нема ниту ознака и насоки што ќе ги упатат намерниците до географското средиште. Кој сака да истражува, тоа е убав повод.

На помалку од 20 километри од Велес, остар свијок води преку стар камен мост со препознатлива архитектура. Тоа е првото вкрстување на патот со Бабуна. Понатаму, целото патешествие се одвива во ова тројство – река, железничка пруга, асфалтиран пат. По половина километар се доаѓа до клучка. Два пата водат до Прилеп. Едниот води преку Извор и Присад, стара врска со Виа Егнација, неасфалтиран, но прооден (тоа е уште една авантура што лани ја возевме со Citroen C3 AirCross). По вториот пат, продолжуваме за Богомила.

Тоа што Kia е лична, со бројни стилски детали, не значи и дека е нежна и чувствителна. Растојанието од подлогата е големо, каросериските превиси се минимални, амортизацијата е моќна – ова сепак е 5-та генерација на Sportage, луѓево знаат како се конструира СУВ

По некое време ќе се забележи дека патот минува многу блиску до коритото на реката Бабуна. Брзо се доаѓа до Оморани, со прочуениот рибник. И пругата е некаде во близина. Кај месноста што е позната како Оморски Уши, еден земјен пат води до реката. Тука може да се направи убав излет, но кус, затоа што има уште многу пат и има уште многу да се види.

Патот понатаму се двои, вдесно за Богомила, право за Мокрени. Сé е пристојно означено, не може да се утне. Љубителите на архитектурата на железничките станици во овој регион можат претходно да скршнат вдесно кај месноста Лениште, по патот што води кон железничката станица Васил Антевски Дрен.

Историјата оставила многу траги, ова јаворово дрво е тука повеќе од 550 години и шири жива позитивна енергија, тоа е неверојатно. Селото е Теово

Новиот правец пружа глетка директно кон Јакупица, тоа е ново уживање во ова патување. По три километри од минувањето на мостот кај Уши, се доаѓа до село Теово. Тука следи посебен момент. Пред црквата Свети Атанасиј расте јавор стар над 500 години, се спомнува дека бил засаден во 1478 година. Неверојатно моќна енергија се шири од ова повеќестолетно дрво, тоа е нешто што мора да се почувствува.

Се забележуваат стари чорбаџиски куќи, некогаш сé функционирало беспрекорно во овој крај. И железницата своевремено била изградена токму заради моќното регионално стопанство. Се наоѓаме, патем, во областа Азот. Името потекнува од арапскиот јазик и има значење на подрачје што е тешко за освојување. Познавачите на пригодите упатуваат на неопходноста од враќање на животот во овие села. Во Теово се чувствува неизвалканото македонско суштествување.

Куќите сведочат за добросостојбата што некогаш владеела во овие краишта, тука се одвивала богата трговска размена на земјоделски производи и стока. Железницата во 1930-те години придонела за селата во Азот да се развиваат уште поинтензивно. Денес, Теово е во „стандардната“ состојба. Kia Sportage минува покрај куќиве со дигитална табла од речиси еден метар, со навигација и вчитување нов софтвер по воздух

Патот минува веднаш до коритото на Бабуна, на повеќе места може да се запре и да се почувствува моќта на оваа природа. Следно е Согле, па потоа следи благо искачување до Горно Согле. Патот е солиден за возење, може да се патува и со нормален градски автомобил. Еден пат скршнува вдесно, за Бистрица, некогаш најголемо село во Азот. По стотина метри по патот се доаѓа до пругата. И тоа е дел од доживувањата на ова патување. Пругата совршено право продолжува кон Јакупица, а веднаш пред станицата, возот доаѓа излегувајќи од тунел. Своевремено било огромен потфат градењето на железницата. Место станица, тука има само еден контејнер, да штити од временски непогоди. Посетата на Бистрица секако е вредна.

Оваа глетка веднаш ни побудува сеќавања на Шарганската Осумка, своевидна туристичка атракција во Мокра Гора, во пријателска Србија. Сите атракции на таа, практично музејска железница, заедно со придружните објекти покрај пругата, што денес функционираат како ресторани, хотели, претставуваат дополнителен стопански двигател на крајот. Во Македонија, не постои бизнис сенс за сé што е различно од подигање згради во изобличеното Скопје.

Пругата од Велес до Прилеп минува низ 18 тунели и низ краишта што се вредни за туристичка понуда. Колку Македонија е подготвена да понуди туризам од ова изобилство дадено од Бога, сведочи случајот кога воз мораше на пругава да мирува со часови, затоа што шините попуштиле. Овој пат води за Бистрица, нашиот пат е друг

Назад на нашиот пат. Тој како да ве води што побрзо да пристигнете во Богомила. Кога ќе почнат да се појавуваат првите селски куќи, побарајте ја железничката станица, којашто е десно од патот. Станицата е реновирана и зрачи со својата препознатлива архитектура. Многу нешта се поврзуваат со железницата, сите овие села се развивале и опстојувале покрај неа.

Тоа што ќе предизвика посебно одушевување е стариот мост на влезот во Богомила. Секако дека долу тече Бабуна, којашто повеќе баботи, отколку што шумоли, под две и пол илјади години стариот мост. Жителите мака мачеа да го сочуваат мостот, преку којшто до пред само неколку години минуваа тешки градежни камиони, заканувајќи се да ја урнат оваа историски значајна градба. Денес има изградено нов мост на десетина метри оддалеченост од стариот.

Богомила има бројни приказни за раскажување и многу има да се види, но овој мост стар 2.500 години секако е главното обележје на селото

Бабуна извира на дваесетина километри оттука, веднаш под врвот Солунска Глава. Тоа се познава и по речното течение, тука Бабуна е планинска река. Убаво село е Богомила. Името потекнува од поп Богомил, кој во 10-от започнал движење на  христијанскиот народ за верско и политичко ослободување, Богомилство. Како што патот продолжува од сретсело, се минува низ една интересна конфигурација од куќи, што се наредени право по течението на помалата река низ Богомила, Сушица. Богата трговија се одвивала своевремено во селото, со тргување со жито од Прилеп и стока и сточарски производи од крајот. Големиот македонски револуционер Петар Поп Арсов е  родум од Богомила и денес во селото се наоѓа убава спомен куќа, веднаш на патот.

На излез од селото, патот продолжува кон северозапад, точно во правец на Солунска Глава. Заради вакви глетки се поаѓа на патување, ретко на друго место може толку верно да се почувствува таква масивност на планината. По три километри возење по релативно добар пат се доаѓа до една ширина. Тоа е клучната точка на нашево патување по стариот пат до Прилеп, поточно еден од двата стари пата. До пред помалку од година и пол, со автомобил беше невозможно да се извози патот од Богомила до Стровија и Гостиражни. Дури пред крајот на 2020-та година првпат е асфалтиран патов.

Тука се вкрстуваат трите „патишта“, Бабуна, асфалтираниот пат, пругата што минува преку мостот

Само еден мал патоказ што е обвиткан во црвена фолија, за да биде повпечатлив, на којашто некој добронамерник, со четка напишал Прилеп, сведочи за оваа „историска пресвртница“, во 2022 година да се патува по асфалтиран пат од Азот до Пелагонија. По овој крак што тука се двои од патот за Нежилово и води релативно стрмно угоре, за првпат на нашево патешествие ќе го напуштиме течението на Бабуна. Но, тоа не значи дека ќе патов ќе се одвои од железничката пруга. Возовите оттука продолжуваат уште километар кон северозапад и прават речиси цел круг со пречник од околу половина километар, за понатаму да продолжат кон југ, за Прилеп. За вистинска претстава, повеќе од половина од кругот, возовите го минуваат во тунел, под Голем Рид. Возовите тргнале по оваа пруга во јануари 1936 година.

Зошто Kia Sportаge има толку посебни бои? Затоа што тоа се боите на природата. Грижата за животната средина е еден од носечките столбови на тековната стратегија на Kia. Затоа и од марката порачуваат, дека спротивностите се привлекуваат: На техно-автомобилот прилега да вози во оваа прекрасна средина

Нежилово, Папрадиште, Чеплес, изворите на Бабуна, Орешки Водопад, Марково Стапало, којзнае уште што има – до сите тие значајни одредишта што се вредни за посета, ќе оставиме некоја друга пригода. Патот право води до тие места и до скоро тоа беше и единствената можност за патувањето да се продолжи со автомобил. Сега има „нова“ опција, првпат по асфалт по Прилепскиот Пат.

Веднаш се чувствува поголема стрмнина, не премногу, што секако дека не е проблем за Kia Sportage. Машинеријата не била нагодена највешто, затоа што се чувствуваат преодите, како што било асфалтирано, но зарем за тоа уште смее да се забележи. Ова е „историја“. Лани возевме слична тура, преку велешки Извор и превојот Присад, исто така до Прилеп. За разлика од таа тура, на којашто возевме одличен Citroen C3 AirCross, по вистински старски макадам, тука гумите газат асфалт.

Рутата ја возевме кон крајот на февруари, денес таму владее сосем друга слика, со бујно зеленило и со воздух што уште поинтензивно е напарфемиран со природен мирис. Kia Sportage нé извозе комотно, без замор, спокојно. Ова не е булеварски теренец, туку е сосем способен СУВ за патување и авантури

Додека навигацијата ни порачува дека по патот не смее да се вози побрзо од 90 km/h, а тој реално дозволува темпо 40, уживање е да се открива овој предел. Одолевањето да се запре и да се излезе од автобилот не трае долго. На местото наречено Горни Ливаѓе има доволна ширина да се паркира автомобил кусо време и да се разгледа сé околу. На крајот на февруари, кога ја минавме рутата, природата уште се немаше разбудено. Сега е сосем извесно дека тоа ќе додаде уште една димензија во одушевувањето од крајот, од природата пред сé.

Тука само се наѕира спектаклот што следи. По километар два се доаѓа до еден лакт, со мала ширинка, на којашто се забележува дека претходно запирале други возила. Од некоја причина. Нормално дека кај нас нема поставено знаци или упатства што е тоа што се гледа наоколу. Но, главното: Во далечината долу, во широката долина, се гледа пругата што води до Прилеп и се наѕира како влегува во еден од 18-те тунели што се изградени долж делницата од Велес. Тоа е воедно и најдолгиот тунел, прав како пушка во своите 2,6 километри, пробиен во 1930-те години, под планината Мукос. Оттука во далечината се гледа и Богомила. Посебно е чувството кога ќе се погледне ова пространство.

Патот може да се извози спокојно и со градски автомобил. До пред помалку од година и пол, по овој пат можеше да се помине само со теренско возило

„Малку“ е проблем тоа што железницата во Македонија не функционира, како што тоа е сосем нормално во другите држави. Во последните години, токму железницата добива приоритет, како превоз којшто не создава штетна емисија – од друга страна, електричната енергија што возовите ја користат, барем кај нас, произведена е со испуштање масивни количини СО2.

Тоа и дава дополнителната привлечност на оваа рута, свесноста дека патот сето време води паралелно покрај железницата. И Бабуна постојано ни го „пробиваше“ патот, пред да скршнеме по Прилепсиот Пат, кај Нежилово. Тоа се покажува на повеќе места, обично на стотина метри на едната или другата страна се гледаат пругата, рампите, некогаш впечатливите станици, се осознава како овие села се развивале низ последните децении.

Импресионирани сме од тоа што Kia Sportage го покажа на патувањето, а првенствено од комоцијата. Вакви патувања знаат да изморат, што овојпат не беше случај. Повеќе од овој автомобил, ретко кому е потребен

Следи спуштање. Mора да се има предвид дека преостанатиот пат до Прилеп нема да мине толку брзо. Тесниот пат води бавно низ големото рамничарско село Црнилиште, откако претходно ќе се помине покрај широките пространства под насад од тутун, покрај Гостиражни. Љубителите на „железничката архитектура“ ќе посакаат да скршнат кон селото Гостиражни, каде што има железничка станица.

Патот прво ќе ви се чини бавен, затоа што по целата рута дотаму, ретко ќе се разминете со друг автомобил и воопшто возило. Тука веќе е раздвижено, но по дваесетина минути возење, кај Ропотово се скршнува вдесно, и остануваат уште дваесетина километри релаксирано возење до Прилеп. Во градот се влегува од страната на Маркови Кули, од Варош, што може да биде вистинско крунисување на целото патување.

На нашиот профил на инстаграм можете да ја погледнете и серијата фото-приказни од патувањето со Kia Sportage

Kia Sportage: Иновацијата се гледа надвор, се чувствува зад воланот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Трошокот за пат не е само горивото: GAZelle City за 22 патници

Новото лице на новиот ŠKODA KAROQ е тука!