за

Kia Sportage: Иновацијата се гледа надвор, се чувствува зад воланот

Иновацијата што Kia ја спомнува постојано кај новиот Sportage, секако дека не се сведува на надворешниот дизајн. Откако ќе се отвори врата се чувствува вистинската свежина на СУВ-бестселерот.

Постои востановена шема кај оваа марка и таа шема е моторот на постојаните промени во Kia. Кога македонскиот увозник, пред повеќе од една деценија, го паркираше пред салон тогаш новиот Kia Sorento од втора генерација, подготвен за тест возење, големата новина во големиот автомобил чекаше прво да се отворат вратите. Маската со форма што менаџерите ја нарекоа „тигарски нос“, уште беше многу свежа на сцената. Но, колку и да оставаше новиот Sorento силен впечаток со својата претставителна појава, големото изненадување следеше внатре.

Првиот впечаток од амбиентот во кабината и од возењето: Овој автомобил е појден по премиум конкурентите. Sorento II во 2010 година имаше мисија да го научи светот, корејската марка да ја гледа различно од претходно – со сите позитивни нешта, плус нешто повеќе. Не мина долго време до појавувањето на Sportage од третата генерација, Sportage SL. Натаму следеше еден од најстрмните дијаграми на искачување на една автомобилска марка.

Шемата се повторува. Во минатото лето, новиот Kia Sorento, во меѓувреме во својата 4-та генерација, го возевме по Кожуф. Преполн со технологија и луксуз во секоја педа од неговите 4,81 метри должина, Sorento го донесе новиот дизајнерски правец на Kia, заедно со лимузината K5, наследничка на Optima. Уште поубедливо отколку кај Sorento II повеќе од една деценија, вистинската иновација се покажа по седнувањето зад воланот. Но, овојпат големиот СУВ прикажа и нова квалитетна особина на Kia. Корејската марка не го комуницира тоа посебно гласно, меѓутоа е факт дека овој Sorento е премиум производ.

По половина година од македонската премиера на Sorento, дојде и новиот Sportage, стратешки значаен модел за марката. Лакот што го формираат дневните светла кај Kia K5, којашто го има американскиот пазар за сосем доволен извозен пазар и нема да се нуди во Европа, се повторува во уште повпечатлива форма кај новиот Sportage, со фабрички код NQ5. Надворешниот изглед на наследникот на најпродаваниот модел на македонскиот пазар во минатата година е шампионски, тоа е неоспорно.

New item by Automedia MK / Google Photos

Далеку е од новина, Kia да направи дизајн што буквално плени. Најстариот „натпревар“ во дизајн во светот, Red Dot Awards, факт е дека вистински се прочу дури преку наградите за дизајн, што моделите на Kia ги освојуваа во серија, од најеминентните дизајнерски имиња од светски ранг, коишто го сочинуваат жирито на изборот. Нема утка околу дизајнот на оваа марка.

Покрај силната најава што ја прави каросерискиот дизајн, утка ќе беше единствено ако одушевувањето од автомобилов не продолжеше и по отворањето врата. Во дизајнот на кокпитот е вистинската вредност на Sportage NQ5. Генерално станува збор за продолжување на шемата од Sorento. Арматурната табла става главен нагласок на хоризонталната ориентација на кокпитот. Тоа визуелно ја шири кабината, на којашто и без тоа не ѝ недостига ширина. Додека во Sorento повеќе се стекнува впечаток дека се седи во способна машина за совладување терен и машина што ќе остане во првобитната состојба и по милион километри, во Sportage повеќе се пренесува впечатокот дека тука се работи врвна технологија, во автомобил за секојдневието. Соодносот во цената меѓу Sorento и Sportage е 2:1, додека првиов се продава во конфигурации од по 50-60.000 евра, Sportage почнува од 24.700 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos

Силен печат оставаат и исправените и масивни отвори за воздух. Тоа што отворите за воздух имаат нападни димензии, сепак не значи дека по неколку часови во Sportage ќе се почувствуваат симптоми од главната балканска болест, „провев“. Напротив, климатизацијата и вентилацијата во денешниве автомобили се инженерски потфат сам по себе. Разликата прво се чувствува токму во овие отвори, што со генерации на модели остануваа неупадни, како да се додадени отпосле, па и недоработени. Во Kia Sportage, сé е спротивно од тоа: Дебело и квалитетно лакирана рамка околу отворите, со пијано црн сјај, па на тоа уште метализирана внатрешна рамка. Дури и оние мали лизгачи за насочување се изработени како нарачка кај врвен занаетчија од доверба. Тоа е само пример, со колку внимание се приоѓало до деталите.

Секако дека целиот кокпит е конструиран околу еден „детал“, околу долгиот и заоблен дводелен дисплеј, којшто во најпрестижната изведба се состои од два дисплеи од по 12,3 инчи под заедничко стакло. Поздрави испраќаат Sorento и електричниот кросовер EV6, актуелен носител на титулата на Европски автомобил на годината. И тука се препознава завршна изработка, каква што пропуштаат и некои компактнуи СУВ-модели од премиум марките. Целиот овој дисплеј „од еден метар“ е врамен во фина и лакирана рамка.

New item by Automedia MK / Google Photos

Не е само до димензијата, туку и до квалитетот. Делот од дисплејот пред возачот користи најнапредна LCD-технологија, што ја објаснува високата резолуција, контрастот и изобилството од бои во приказот. Тоа е всушност вистинската големина на овој дисплеј, не физичката големина. Позитивно изненадува и брзината на реакцијата на дисплејот што е наменет за ракување со функциите на инфо-забавниот систем. Се стекнува впечаток дека процесорите, коишто патем поради големината на дисплејот се моќни исто како во лаптоп, работат дури и побрзо отколку во Sorento.

https://photos.app.goo.gl/BY7YkRwmKrpucmqB6

Под дисплејот што тронува во кокпитот се издвојува надолжна лајсна, во којашто се кријат уште неколку изненадувања. Kia го нарекува делот во средината од кокпитот Multi-Mode Touch Display. Истиот дисплеј има две различни функции, меѓу коишто се префрлува со допирање на соодветното поле во дисплејот. Во едниот модус, преку дисплејот се вклучуваат навигацијата, радиото, се префрлува до следната радио станица или следна песна и се пристапува до понапредното ниво за избирање на функциите. Со префрлување во другиот модус, дисплејот служи за контрола на климатизацијата. Најгенијалниот детал е тоа што двата вртливи „физички“ потенциометри, што се дел од дисплејот, се префрлуваат на функција за нагодување на температурата, секој за својата страна од кабината. Многу истражување е вложено во овој навидум едноставен дел од кокпитот, но тука е всушност главната мајсторија, и главниот шарм на ракувањето.

Ако до пред неколку години уште негодувавме од големите дисплеи и сменетиот начин на ракување, моделите што се „дигитално созреани“ како Kia Sportage, ни го сменија гледиштето. Тоа е новата интелигенција на конструирање на автомобилите

Има изненадување и во делот од лајсната што е од левата страна на воланот. Повеќе би се рекло дека тоа откритие, отколку изненадување. Таму се наоѓа командата за ракување со паркирната сопирачка. Уште едно генијално решение. Оваа, да речеме електронска рачка, ориентирана е надолжно, што е ергономски вистинското решение. Тоа, впрочем, Kia го наведува како еден од трите носечки столбови на концептот на ентериерот: Висока технологија, ергономија, луксуз.

Уште еден поздрав од луксузниот Sorento е стилскиот елемент во совозачкиот дел, што се состои од вертикално поставениот отвор за воздух и надолжна ламела. Единствената функција на овој елемент е да укаже на степенот на завршна изработка што е изведен во Sportage. Бидејќи во Kia секогаш има нешто екстра, истиот стил од арматурната табла продолжува и во вратите. Рачките на вратите се следниот функциски и стилски врв во кокпитот. Нивната форма се совпаѓа со стилсктиот елемент во совозачкиот дел од кокпитот.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Седум денови во Kia Sportage: Први впечатоци

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата Серија 7 е спој меѓу BMW и Rolls-Royce

Toyota RAV4 Plug-in Hybrid: Приклучен хибрид за хибрид, како дизел и турбодизел