за

Toyota RAV4 Plug-in Hybrid: Приклучен хибрид за хибрид, како дизел и турбодизел

Приклучниот хибрид е новата погонска изведба што Toyota ја нуди покрај докажаниот и шампионски хибриден погон. Европа лудува по приклучниот хибрид, поради субвенциите, нив ги има и кај нас. RAV4 Plug-in Hybrid е во понуда во македонската Toyota.

Хибридот е синоним за Toyota и Toyota е синоним за хибридот. Пред повеќе од 20 години, Prius прв во браншата го воведе хибридниот погон во големосериско производство. Во меѓувреме хибридот е како „добар ден“ во Toyota. Од хибридот понатаму произлезе изведба на приклучен хибрид, по неа дојде целосно електричен погон, следен е водородниот погон. Toyota RAV4 Plug-in Hybrid е автомобил што поради големиот интерес ретко се гледа во салоните во Европа, затоа што за моделот има високи субвенции во повеќето држави.

Дизелот не е поим што се поврзува со Toyota, иако тој и натаму функционира беспрекорно во понудата на марката, во Proace и Proace City, и секако во Hilux и Landcruiser 2.8 D-4D. Дизелот повеќе ќе ни биде корисен за споредбата со турбодизелот. Тоа што масовното воведување на турбонатполнењето во 1980-те го донесе во поглед на динамиката на возење и перформансите во светот на дизел моторите, приклучниот хибрид го донесува во светот на хибридите, во поглед на продолжувањето на уделот на возењето на струја, а посебно во понудата на можноста, автомобилот во секојдневието да се вози 100% на струја.

Самополнечкиот хибрид каков што светот одамна го познава во моделите на Toyota и што во меѓувреме е во својата „X-наесетта“ варијанта на развој во Toyota, секако дека и во следните години ќе остане основа на имиџот и на продажбата на марката во Европа. Но, тој ќе добива ново друштво во понудата од погонски варијанти во гамата на Toyota. Приклучниот хибриден погон ќе биде вообичаена погонска опција во идните генерации модели што ќе пристигаат во следните години, исто како што денес се подразбира Yaris, Yaris Cross, Corolla, C-HR, Camry и Highlander да се нудат во верзија со хибриден погон. Трите последни модели дури се нудат исклучиво во хибридна изведба.

Приклучниот хибрид во споредба со самополнечкиот хибрид во најгруби црти се разликува по тоа што има поголема батерија и приклучок за полнење на истата – заедно со сопствен полнач што е вграден во самото возило и со уште цела низа дополнителни зафати, што Toyota секако дека во изминативе повеќе од 20 години научи да ги изведува повешто од кој било друг концерн во браншата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Изведбата со приклучен хибриден погон е врв во гамата на RAV4. Со системски 306 КС, таа е најсилна варијанта во понудата, со 2,5-литарски VVT-i со 185 КС, со електромотор напред со моќност од 182 КС и електромотор назад со 54 КС. Доколку се појде со полна батерија и се вози 100% на струја додека „држи“ батеријата (до 135 km/h), RAV4 Plug-in Hybrid ќе извози така 75 километри. Понатаму, возењето ќе продолжи со заедничка работа на моторот, електромоторите и батеријата. За чисто градско возење, Toyota дури наведува електричен досег до 98 километри. Имајќи ја предвид просечната дневна тура на повеќето возачи, RAV4 со „штекер“ ќе може да се вози повеќе денови во градот, без потреба да се приклучува на полнач – без вооошто да се вклучи мотрот за тоа време.

Според нормите, потрошувачката на моделите со приклучен хибриден погон се пресметува на тој начин што прво се зема досегот на возење на струја – значи 75 km – и нормално се зема предвид количината на гориво што моторот ќе ја потроши во преостанатите 25 km до сто километри. Според Toyota, таа количина на гориво изнесува 1,2 литар. Тоа секако важи доколку се поаѓа со полна батерија. Доколку нема можност да се наполни батеријата, RAV4 Plug-in Hybrid вози исто како неговиот брат со самополнечки хибрид. На долги спустови, поголемата батерија ќе може соодветно да акумулира и повеќе батерија, што значи и дека по спустот ќе може подолго да се вози чисто на струја. Тоа значи нова димензија на уживање во возењето хибриден погон.

На ѕиден полнач, батеријата се полни за 4,5 часови, доколку се користи обична приклучна кутија, по 7,5 часови се добива батерија полна за 75 километри возење на струја

New item by Automedia MK / Google Photos

Самото полнење на обичен домашен приклучок (шуко) трае 6,5 часови. За тоа се грижи сопствениот полнач од 6,6 kW што е вграден во големиот СУВ. Доколку се разполага со домашен полнач, поставен на пример во гаражата, полнењето трае 4,5 часови. Полнењето се надгледува преку мобилна апликација MyT, преку којашто воедно може да се ракува и со климатизацијата. Системот може да се програмира, за кабината да биде веќе загреана или изладена кога ќе се седне во Toyota RAV4. Тоа е екстра-комоција на ерата на електромобилноста.

Пред приклучниот хибриден да стане достапен во RAV4, Toyota уште во претходната генерација на Prius првпат го понуди овој вид погон во својата гама

Разлика има и во моќноста и генерално во возните карактеристики на 2,5-литарскиот бензинец, што и самиот располага со врвна технологија: Варијабилна работа на брегастото вратило за вшмукувачките вентили VVT-iE, варијабилен систем VVT-i за издувните вентили, комбинирано директно и индиректно впрскување на горивото D-4S, еткинсон принцип на работа. Додека во самополнечниот RAV4, моторот постигнува 178 КС при 5.700 вртежи во минута, во RAV4 со приклучен хибриден погон следуваат 185 КС при 6.000 вртежи во минута.

Многу технологија и искуство стои зад овие две ознаки

New item by Automedia MK / Google Photos

Батеријата располага со 18,1 kWh и се состои од 96 батериски ќелии, коишто се разладуваат преку системот за климатизација на возилото. Напонот во батеријата изнесува 355,2 волти. Преку посебен буст-конвертер, од батеријата во RAV4 Plug-in Hybrid може да се извлече повеќе моќност отколку во стандардниот RAV4 Hybrid. Целата батерија е поставена во подот, така што не се одзема простор од кабината и од багажникот.

За повисокото ниво на перформанси е главен предниот електромотор, што со своите 134 kW е посилен за 46 kW во споредба со хибридниот RAV4. Така се доаѓа и до поглавјето за перформансите: Најсилниот RAV4 во историјата спринтува до темпо сто за точно 6 секунди. Крајната брзина е ограничена на 180 километри на час, и тоа одамна не е „драма“ во автомобилскиот свет.

Сите возачки желби се на репертоарот на RAV4 Plug-in Hybrid, од Trail Mode за возење по терен, до Sport за екстра забрзување и екстра полнење на батеријата

Во поглед на теренските својства, братот на Landcruiser секако дека не се колеба да се впушти и по најпредизвикувачки терени. Возењето по терен не само што не е исклучено за Plug-in Hybrid Toyota, туку тоа претставува и уште поголемо уживање. Блокада на диференцијалите се вклучува преку копчето „Trail Mode“ во кокпитот, исто како во хибридниот RAV4. Погонот со две срца има и друга страна, а таа се активира со вклучување на копчето Sport, кога сé се ориентира за максимални перформанси. Спортската програма значи врвно забрзување, но и соодветно посилно „моторно сопирање“ при отпуштање на педалот за гас, што значи и враќање повеќе енергија во батеријата.

Два покажувачи за „резервоарот“, едниот за бензин, другиот за батеријата

New item by Automedia MK / Google Photos

Разликата од 35 милиметри во висината на подот на багажникот во споредба со RAV4 Hybrid може и да не се забележи. Багажникот сепак нуди 520 литри, што и натаму е меѓу најдобрите вредности во класата. Просторот за кабел е под подот. Големиот СУВ може да служи и за влечење приколка тешка до 1,5 тон.

Разликата во дизајнот со самополнечкиот RAV4 е само во детали: Завршетокот на предниот спојлер има метален финиш, назад има украсна лајсна над регистерската ознака, предните светла се врамени во темен хром, маската на ладилникот е во сјајна црна боја и додатокот во задниот спојлер исто така е лакиран во црна боја. Секако и приклучокот за полнење: Поклопецот се наоѓа во задното десно крило.

Дигиталниот ретровизор е стандардна опрема во „плагинот“, нивото на опременост е ексклузивно

New item by Automedia MK / Google Photos

Тојота Авто Центар го нуди RAV4 Plug-in Hybrid во врвната изведба Style, којашто вклучува ексклузивно ниво на опременост и главно соодветствува со нивото Exclusive Premium кај хибридниот модел. Затоа и цената од 58.274 евра за Plug-in Hybrid не го вклучува „само“ погонот, туку ја вклучува и луксузната опрема. Според нашата процена, ако се исклучи погонот, „плагин-моделот“ е споредлив со Toyota RAV4 Hybrid Exclusive Premium со цена од 54.590 евра.

Toyota RAV4 Plug-in Hybrid со 306 КС и 75 km досег на струја чини околу 3.700 евра повеќе од варијантата со самополнечки хибрид

Како е можно, моделот со екстра можности да чини 3.684 евра повеќе од хибридниот модел? Објаснувањето е во ослободувањето од 50% од висината на данокот за возило (новото име за акцизата) за автомобилите со приклучен хибриден погон, додека за моделите со самополнечки хибриден погон, според некои чудни разбирања на автомобилскиот свет во кругот на луѓето на коишто им е препуштено донесувањето закони, „субвенционирањето“ е укинато. Реално, не станува збор за никакво субвенционирање, затоа што државата не помага за редовната цена на возилото да се направи попристапна до купувачите, туку само се откажува од дел од приходот што без каква било потреба си го зема со секоја продажба на автомобил во земјата. Настрана фактот што еднодецениското субвенционирање на хибридниот погон беше дилетантски прекинато со донесувањето на новиот закон за данок на возила со самото влегување во 2020 година.

RAV4 Plug-in Hybrid само во детали се разликува од RAV4 Hybrid, на познавачите нема да им биде проблем да ја забележат разликата и без големите натписи Plug-in Hybrid

New item by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на испораката, за Toyota RAV4 Plug-in Hybrid треба да се чека само една година. Тоа е дури и поволно „кус“ рок на испорака спoред денешните услови во браншата, кога автомобилскиот свет се соочува со недостиг од процесори. Lexus NX 450h+ којшто имаше македонска премиера пред два месеци и којшто исто така користи приклучен хибриден погон, постигнува рокови на испорака од преку две години, до толку побарувачката за овој модел го надминува производствениот капацитет со сегашната испорака на чипови од производителите на електроника. Од првиот Lexus со приклучен хибриден погон, во меѓувреме се продадени три примероци. RAV4 Plug-in Hybrid ја постигнува таа динамика на месечно ниво.

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Шар Планина (Втор дел)

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Баба Планина (Трет дел)

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Сите модели на Toyota што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=toyota

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sportage: Иновацијата се гледа надвор, се чувствува зад воланот

Кинески DFSK во мај стартува со Glory 500, цена под Dacia Duster