за ,

По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Шар Планина (Втор дел)

Во првиот дел од нашиот „планински серијал“, со Toyota RAV4 Hybrid се искачивме на Кораб, во чест на издржливоста и иновативноста на овој автомобил. Продолжуваме на Шар Планина, каде што нé очекуваат двата следни квалитети на СУВ-моделот што постигна одлична продажба во светски рамки и бројни конкурентски модели остави да седат во салоните.

9

Нов ден, нова планина. Иако на враќање од претходната планинска авантура од Кораб се чинеше сосем природно да скршнеме од патот за Скопје и на кусо да се качиме до Попова Шапка, две планини во еден ден сепак се премногу. Масивот што се издигаше одлево, додека еден ден претходно оставивме компјутер да го управува автомобилов по правецот од Гостивар кон Тетово, да потсопира самостојно при побавно возило напред и да ја следи лентата со рутина на вистински возач, тоа е втората највисока планина во Македонија.

За потсетување, ја возиме Toyota RAV4 по трите највисоки планини кај нас, Кораб, Шар Планина и Баба. Искачувањето на секоја од овие планини го поврзуваме со конкретно достигнување на Toyota и на нејзиниот RAV4, односно „ги освојуваме“ планинските висини во чест на овој автомобил на кого што сцената му припишува бројни заслуги. RAV4, кусо од Recreational Activity Vehicle 4 Wheel Drive, од една страна е пионер на СУВ-сегментот, додека од друга страна има заслуга во омасовувањето на хибридниот погон.

Турата по Кораб, поточно по клисурата по горното течение на Радика, до караулата Стрезимир на висина од близу 1.500 метри, ја посветивме на иновирањето и издржливоста на Toyota. Автомобил што може да се движи толку самоуверено во суровите и предизвикувачки предели на Кораб, на моменти ползејќи по раб на провалија длабока неколку стотини метри, со прецизно дозирана асистенција на двата електромотори, тоа не може да биде друго освен најверодостоен спој меѓу издржливоста што RAV4 ја има наследено (меѓу другото) од Toyota Land Cruiser и иновативната (и оттогаш илјадапати усовршена) погонска техника на Prius.

Со резервоар одвај испразнет за првата четвртина и просечна вредност на потрошувачката на гориво под шест литри, почнува втората тура. На конструкторите на Toyota треба да им бидеме благодарни за тоа што создале комфорно и тивко подвозје, коешто се докажува и на нам омилениот вид патишта, на споредните патишта. Секако дека поаѓаме по стариот пат за Тетово, кој бара посебно внимание, затоа што некои возачи се убедени дека по патот треба да возат колку може побрзо. За RAV4 нема разлика, тој буквално ги претвора и најлошите патишта во најдобри автопатишта, барем што се однесува до комфорот и релаксираноста во возењето.

Кој цени дека хибридниот погон не му е потребен, затоа што и штедливоста на дизелот му е повеќе од доволна, тогаш треба да ја доживее хомогеноста и хармонијата на овој погон, вклучувајќи го и менувачот CVT, кој некогаш беше „невесела“ страна на хибридот. Интелигенцијата на овој погон со 2,5-литарски бензинец, по еден електромотор напред и назад, плус батерија и трафо-единица, на моменти се чини толку напредна и надреална, што возачот ќе помисли дека постои некој друг возач што го управува возилото.

Уште пред пристигањето во Тетово ни е јасно на што ќе го посветиме ова искачување: На возниот комфор во Toyota RAV4. За втората посвета, ќе оставиме Шар Планина да каже. Овој докажан теренец (претходниот ден на Кораб) како во меѓувреме да успеа да ја смени и бојата на каросеријата. Ако дотогаш се забележуваше единствено калта по бандажите, браниците и штитниците на праговите, по темелното миење се покажа дека тест-автомобилов всушност има двобојна каросерија.

RAV4 е меѓу највпечатливо дизајнираните модели во својата класа

Стилско парче е овој RAV4, кој со фините детали, како жлебот над маската, сјајно лакираните арки на крилата или двете хромирани издувни цевки, личи како булеварот да му е единствена територија, но всушност е мошне способен теренец. Нивото на опрема е во најрепрезентативниот манир, со којшто Тојота Авто Центар им ги послужува демо-возилата на своите клиенти. Станува збор за Executive, едно ниво подолу само од топ-нивото Lounge. Покрај тоа што доаѓа со двобојна каросерија, RAV4 во ова „директорско“ ниво има и бандажи од 18 инчи, лакирани во сјајна црна боја, комплетно диодни светла, црн таван, спортски седишта со комбинација од вештачка кожа и штоф и со електрично местење, има и уште цела низа останати ставки, но и навигациски систем, со мапи на Европа како дилерски гратис.

>> До првиот дел од оваа тест-репортажа, возењето на Кораб

Toyota RAV4 Hybrid Korab

Вака светнат и дотеран, RAV4 се впушта во колоната по тетовска „Илинденска“, каде што е видлив локалниот култ кон автомобилите. Голем дел од оваа силна маса автомобили што бавно се движи по единствената проодна лента, претходно имаат минато долги години по улиците, најчесто, во германските градови. Дури и средината потсеќа на некои делови на Минхен, со претставително фасадирани згради од по четири пет катови и со просторни и привлечно средени дуќани на приземјето.

Откако ќе се одмине Шарена Џамија оддесно, на кружниот тек што следи неколку стотини метри подолу се скршнува десно и понатаму сé е право, околу дваесетина километри до Попова Шапка. Без запирање и со среќа да не се наиде на камион во подножјето, до горе се пристига за помалку од половина час.

Наспроти Ничпурскиот пат и Стрезимирскиот пат на Кораб, овој е како автопат. До крајот на асфалтот, на висина од нешто повеќе од 1.700 метри, овој вреден инженерски потфат вклучува десетина „лакти“ кои се минуваат лесно. Ова ќе биде одлична можност за уште еднаш да се докаже на дело архитектурата TNGA. Станува збор за конструкторско начело, коешто во основа се сведува на сведување на тежиштето на возилото на најниско можно ниво. Врз тоа се темели и новата динамичност на Toyota, што е одлика на сите нови моделски генерации на Јапонците, од Prius IV од 2015 година наваму. Тоа се C-HR, Corolla, Lexus UX, но и Camry, Lexus ES, Highlander, Lexus LC и LS – и тоа пак е само половина од моделите што ја следат оваа „филозофија“.

Дизајнот и новата динамика во возењето донесоа бројни нови купувачи во Toyota

Според нашата скромна оцена, одличниот успех што во актуелните генерации го постигнаа веќе успешните моделски имиња, како Corolla, Camry, секако и RAV4, многу повеќе се должи на новото чувство во возење Toyota, заедно со погодениот дизајн, отколку на напредокот во погонската спрега, во системите за асистенција или кое било друго подрачје.

Бидејќи е работен ден и патот не е оптоварен со сообраќај, во прегледните свијоци може да провериме колку Toyota RAV4 навистина поседува динамични, спортски возни својства. Прво, овој СУВ со своите близу 1,7 метар висина, во свијоците покажува исклучителна избалансираност. Подуправувањето е потиснато конструкциски, контролата на стабилноста нема потреба да се вклучува. Отсуствува и секаква подмолна реакција на опашот, при намерна провокација. Наведнувањето на каросеријата се зголемува пропорционално со страничното забрзување, сé е предвидлививо и сé е под контрола. Вакви автомобили им оставаат насмевка на спортските возачи.

Како вистинско заокружување на овие убедливи возни својства доаѓа управувањето. Секако дека постои објаснување и за драстично подобреното пренесување на информацијата од предните тркала – електромоторот за сервоподдршката е поставен најблиску што може до запчестата летва и оттаму доаѓа директната и линеарна работа на управувањето, во тоа подрачјето во кое што многу јапонски спортисти имале слабост во минатото. А, се работи за СУВ-модел, за RAV4, не за GR Corolla или GR Supra.

Задната оска користи две триаголни водилки, плус долга надолжна водилка, и тоа е гаранција дека геометријата на тркалата нема да се наруши кога ќе се влезе длабоко во граничното подрачје. На крај, тука е каросеријата со крутост што е зголемена за 57 проценти. Oсновата пак е ниското тежиште, како идеологија на TNGA. Уште една придобивка од тоа: Бидејќи тежиштето е мошне ниско (нема ниту потреба Toyota да објави колку точно е спуштено тежиштето во споредба со претходникот), пружините на задната оска не мораше да се претврди. Тоа објаснува зошто и покрај оваа врвна динамика, Toyota пак останува изненадувачки комфорна.

Зависно од условите, на задната оска може да се распределат до 80% од погонската сила

Зарем втората посвета можеше да биде појасна? Качувањето на Шар Планина го посветуваме на возниот комфор – и на спортските возни својства. Оваа комбинација е мајсторија да се постигне. Од инженерски аспект, во RAV4 не се оставало резерва, за некој поголем и поскап модел да биде подобар во одредено подрачје. Електромоторот на задната оска, на пример, преку двата преднапрегнати диференцијали на задната оска, до тркалата испорачува максимални 1.300 Nm. Тоа е за 30% повеќе во споредба со претходникот. Но, уште повеќе импресионира овој податок: Во одредени услови, на тркалата на задната може да се пренесат до 80% од погонската сила, а 20 на предната. Тоа е многу блиску до чист заден погон. Јасна ви е пораката, вие инженерите на Toyota.

RAV4 првпат воведува „торк-векторинг“ во Toyota. Тука пак се вклучува во игра двоецот од задните диференцијали, кој може да направи поголем дел од расположливиот вртежен момент да се пренесе на надворешното тркало во свијок, а помалку на внатрешното тркало. Тоа е плус за стабилноста во остри свијоци, посебно во лакти.

Постои уште еден систем што придонесува RAV4 во исто време да биде и комфорен и спортски. Тоа е AIM, односно All-Wheel Drive Integrated Management, со своите три програми – нормална, спортска и штедлива – со посебно дотерување на сервоподдршката на управувањето, на сопирачките и на педалата за гас, но и на распределбата на вртежен момент меѓу оските. Секако дека во спротскиот модус, распределбата на погонската сила се врши со цел да се постигне максимална можна стабилност на асфалт.

За моќта што стои на располагање во RAV4 Hybrid AWD за такви динамички вежби, само „ориентациски“: Предниот електромотор со 88 kW (120 КС) и 202 њутнметри, и задниот електромотор со 40 kW (55 КС) и 121 њутнметри, му асистираат на бензинец што во нехибридната изведба располага со 175 КС и 208 њутнметри. Податокот за системски 222 КС, кои се постигнуваат во моментите кога истовремено работат сите погонски единици (иако сите не работат максимално во исто време), открива веројатно само половина од реалното чувство за моќта на овој супер-СУВ-хибрид.

Така постепено дојдовме до последната двојка квалитети, што ни остана да ја пронајдеме во третиот дел од ова патешествие. Следната тура ја возиме за Битола, одиме на Пелистер.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla сама ќе ги „завиткува“ автомобилите на клиентите во Кина

Tesla сама ќе ги „завиткува“ автомобилите на клиентите во Кина

Ford стартува со производство на Focus EcoBoost Hybrid

Ford стартува со производство на Focus EcoBoost Hybrid